Почетна » Семејство » Бременост » Стравовите на секоја идна мајка за време на бременоста

Стравовите на секоја идна мајка за време на бременоста

Дали поради напливот на хормони, поради видливите и невидливите промени на телото или поради неизвесноста, за време на бременоста најголем дел од идните мајки доживуваат необичен микс од силни емоции и чувства. Како резултат на таа внатрешна емотивна бура, се појавуваат најразлични мисли и сомнежи кои се закана за спокојството на трудниците.

„Дали бебето ќе биде здраво?“, „Дали ќе бидам добра мајка?“, „Дали правам сè правилно?“, „Дали ќе успеам да ја издржам болката при породувањето?“, „Што ако ненамерно го повредам бебето?“... Сите млади мајки таат во себе немири и стравови, предизвикани пред сè од непознатата иднина и желбата да направат апсолутно сè што е во нивна моќ за да родат здраво дете.

Бремена женаСосема нормално е бремените жени да имаат стравови поврзани со здравјето на нивното неродено бебе

Страв од спонтан абортус

Сакате да го знаете најголемиот страв на трудниците, особено во првото тримесечје од бременоста? Тоа дефинитивно е стравот од спонтан абортус. Имено, во периодот кога ќе се појават првите симптоми на бременоста ризикот од губење на плодот е најголем, па стравот оправдано го достигнува својот врв.

За жал, најчесто спонтаните абортуси се случуваат поради абнормалности кои не му дозволуваат на фетусот да се развие, па идната мајка не може да направи ништо за да го спречи тоа. Затоа, наместо залудно да си предизвикува дополнителен стрес, секоја трудница треба да ги насочи своите напори кон следење на советите на гинекологот како консумирање на здрава храна, откажување на цигарите и алкохолот, внесување на потребните витамини итн. Фактот дека дава сè од себе ќе ѝ помогне на секоја млада трудница да го надмине овој страв.

По 14. седмица, ризикот за губење на бебето значително опаѓа, па идните мајки можат поспокојно да уживаат во преостанатите месеци од бременоста.

Страв дека утринските мачнини ќе му наштетат на бебето

Најнормално е жената која во себе носи нов живот да биде загрижена за здравјето на нероденото бебенце. („Дали таа правилно се храни?“ „Дали бебето ги добива сите потребни хранливи состојки?“) Стравот е уште поголем кога на сцена ќе стапат утринските мачнини и кога најголемиот дел од внесуваната храна ќе завршува во веце школката.

Вистината е дека утринските мачнини не му штетат на бебето, освен во екстремни случаи кога организмот на мајката страда од голема дехидратација. Телото на идната мајка ги става потребите на бебето пред нејзините и на тој начин го штити. За ублажување на утринските мачнини докторите препорачуваат мали и чести оброци. Малите залаци не му создаваат проблеми на дигестивниот систем и ги минимизираат нагоните за повраќање.

Страв од прекумерна тежина

Како да не се појави овој страв кога трудниците од ден на ден стануваат сè потешки и потешки? Иако нема да признаат, многу бремени жени во себе таат страв дека ќе качат повеќе килограми од нормалното и дека никогаш нема да можат да си ја вратат старата тежина.

Добрата вест е дека голем дел од „трудничките килограми“ исчезнуваат уште при породувањето. Остатокот лесно може да се елиминира со мала жртва од страна на мајката – здрав режим на исхрана и вежбање. Исто така, доењето на бебето го забрзува метаболизмот и согорува многу калории, па новите мајки имаат можност да слабеат на природен начин.

Страв да не касне нешто штетно

„Не пиј кафе“, „Не јади риба“, „Јади повеќе овошје“... милионите совети за исхраната за време на бременоста наместо да им помогнат на идните мајки, уште повеќе го зголемуваат нивниот страв и водат до постојано преиспитување на нивните одлуки поврзани со исхраната. Во денешно време бремените жени се опседнуваат со исхраната и буквално за сè се сомневаат дали е корисно или не.

Факт е дека никој не може да ги следи сите правила за исхрана цели 9 месеци. Па, нормално е трудниците понекогаш да потклекнат пред искушението и лакомо да ја зграпчат чашата со кафе или по грешка да поткаснат нешто од категоријата „забранети производи“. Гинеколозите уште на почетокот на бременоста советуваат кои се намирниците на кои бремените жени треба да им кажат „НЕ“ (живо месо, непастеризирано млеко и млечни производи, морска храна, алкохол). Сè додека трудниците се придржуваат кон основните правила, малите грешки не се закана за бебето.

Страв дека стресот ќе му наштети на бебето

Стресот на работното место, секојдневните обврски, промените на телото, финансиското планирање... сето ова помешано со хормоните на идната мајка, е еднакво на ерупција на вулкан од емоции. Честите емотивни испади кај секоја трудница предизвикуваат страв дека тоа може негативно да влијае на нејзиното неродено бебе.

Всушност, периодичниот стрес, на кој телото е навикнато и со кој секојдневно се справува, како работните обврски, сообраќајниот метеж, конфликтите со најблиските, не му штети на бебето или може да има минимално влијание врз него. Но, големиот стрес е непожелен. Бремените жени кои се под голем стрес или се силно вознемирени, како на пример при загуба на блиска личност, се изложени на ризик од предвремено породување.

Предизвикувачи на стрес секогаш ќе постојат, но сè зависи од тоа како идната мајка се справува со нив. Важно е трудниците да си извојуваат време за релаксација и колку што е можно повеќе да ги блокираат мислите кои ги вознемируваат.

Страв дека сексот ќе го повреди бебето

„Дали сексот може да му наштети на фетусот?“, „Дали бебето го чувствува притисокот?“ – овие и уште многу прашања минуваат низ главата на голем број трудници секогаш кога нивниот партнер ќе ги покаже своите сексуални намери. Додека едни уживаат во сексот за време на бременоста, други го трошат тоа време на смислување изговори како „Ме боли главата“, „Уморна сум“,... сè само за да прекинат инсистирањата од машката страна.

Сексот е нормална работа во текот на нормална здрава бременост. Сè додека гинекологот го одобрува, тој е дозволен, а бебето е заштитено во својата обвивка и ништо не може да допре до него.

Страв од раѓање на бебе со здравствен проблем

Ова е чест и голем страв на секоја трудница. Многу често можете да ги видите идните мајки како се тресат велејќи „Само да имам нормално и здраво бебе. Друго ништо не е важно“. Кога ќе размислите подобро, не постои мајка од чија уста не излегле овие зборови.

За среќа, шансите за раѓање на бебе со сериозен здравствен проблем се многу мали. Сепак, секоја трудница треба во текот на целата бременост да ги следи советите на докторите за да ги сведе тие шанси до минимум. Внесувањето на препорачаните витамини е особено важно за здраво развивање на фетусот.

Страв од неконтролирано мокрење во јавност

Во второто и третото тримесечје од бременоста жените мократ зачестено. Поради притисокот од пораснатото бебенце, често се случува да им се „испушти“ мала количина урина при кивање, силно смеење, кашлање и сл.

Поради тоа, неконтролираното намокрување на панталоните во јавност е страв кој се појавува кај многу бремени жени. Добрата вест е што веројатно нема да имате таков непријатен инцидент. Дури и да ви се случи неконтролирано протекување на урина, тоа веројатно нема да стане видливо за сите (ќе знаете само вие).

Страв од финансискиот товар

Бебињата и децата се скапи. Секој родител знае дека растењето на дете бара многу пари. Иако финансиските стравови се најчеста појава кај идните татковци, тие не се невообичаени ниту за трудниците.

Уште во моментот кога ќе дознае дека во нејзината утроба се буди нов живот, секоја идна мајка започнува со кроење планови за иднината. Во првиот момент кога нешто во плановите ќе „зачкрипи“, во нејзината глава поминуваат милиони прашања и грижи, почнувајќи од тоа дали ќе има доволно пари за пелени, па сè до тоа дали ќе има парични средства за свадбата на идната ќерка или син.

Страв дека нема да биде добра мајка

Иако овој страв е неоснован, тој е многу чест кај трудниците и новите мајки. „Дали ќе бидам трпелива со моето дете?“, „Дали ќе знам како да го негувам?“, „Дали добро ќе го воспитам?“, „Дали ќе го изведам на правилниот пат?“... Многу прашања остануваат без одговор во текот на бременоста.

Овој страв најчесто се појавува кај трудниците кои немале или немаат добри односи со своите мајки. Тоа е страв предизвикан од непознатото, од иднината која не можат да ја предвидат и е сосема нормален. Секоја трудница ќе добие шанса да ги открие своите мајчински вештини, но бременоста не е време за тоа. Бременоста е идеален период за идната мајка да се вооружи со информации за негата и грижата на бебињата.

Страв од породувањето

„Колку ќе боли?“, „Дали ќе трае долго?“, „Што ако треба да се породам со царски рез?“, „Дали ќе ми се случи некаков засрамувачки „инцидент“ додека напнувам?“ – најчесто овие прашања прераснуваат во стравови во последните месеци од бременоста и ја мачат секоја трудница.

Никој не може со сигурност да ви каже како ќе биде за време на подорувањето. Лошото искуство на пријателките и роднините, како и екстремите случаи кои ги гледаме на ТВ не се повторуваат кај секоја трудница. Секое породување е посебно. Задача на секоја идна мајка е да се информира за сè поврзано со раѓањето, а не да си предизвикува стрес слушајќи ги најлошите туѓи искуства.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9525 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.