Почетна » Семејство » Бременост » Зголемување на шансите за машко или женско

Зголемување на шансите за машко или женско

Иако секој што сака да стане родител, посакува неговото бебенце само да е здраво, без разлика на полот, многу парови низ светот се обидуваат на најразличен начин да ја зголемат веројатноста за зачнување на машко или женско. Некои поради религиозни убедувања, други затоа што сакаат „балансирано“ семејство, а трети пак поради тоа што сакаат да го избегнат пренесувањето на наследна болест поврзана со полот.

ЗачнувањеМетодот на д-р Шетлс е еден од најпопуларните методи за природно зачнување на машко или женско.

Денес постојат многу различни теории за зачнувањето на бебе со одреден пол, но постојат многу малку докази кои што можат научно да ги поткрепат. Еден од најпопуларните методи за природно зачнување на машко или женско е методот на д-р Шетлс.

Уште во 60-тите години, д-р Шетлс го предложил методот за селектирање на полот за кој тврдел дека има научни докази. Токму тој метод го објавил во својата книга „Како да го изберете полот на вашето бебе“ и оттогаш стекнал огромна популарност.

Логиката зад методот на Шетлс

Кога жената овулира, се ослободува созреана јајце-клетка која го носи хромозомот X. Од друга страна, спермата може да носи или X или Y хромозом. Ако спермата која носи X хромозом ја оплоди јајце-клетката, ембрионот ќе се развие во девојче (XX). Ако пак спермата која носи Y хромозом ја оплоди јајце-клетката, тогаш ембрионот ќе биде момче (ХY). Затоа, многу често се употребуваат термините „машка“ и „женска“ сперма.

Теоријата на Шетлс се основа на принципот дека „машката“ и „женската“ сперма имаат различни карактеристики.

  • Карактеристики на спермата со хромозом Х (женска). Сперматозоидите кои носат Х хромозом се поголеми и поиздржливи, но побавни.
  • Карактеристики на спермата со хромозом Y (машка). Сперматозоидите кои носат Y хромозом се побрзи и помали, но помалку издржливи.

Според методот на Шетлс, врз полот на бебето влијаат: темпирањето на сексуалниот однос во зависност од менструалниот циклус на жената, т.е. овулацијата, позата за време на сексуалниот однос и длабочината на пенетрирањето.

Како да зачнете машко?

  • Сексуален однос за време и по овулацијата. Според методот на Шетлс, парот кој сака да добие машко треба да практикува заштитен сексуален однос до 4 дена пред овулацијата. Потоа, четирите дена до овулацијата да апстинира, а на денот на овулацијата да практикува незаштитен сексуален однос. Тогаш жената е најплодна, а бидејќи машките сперматозоиди се побрзи од женските, поголема е веројатноста јајце-клетката да биде оплодена од сперма која носи Y хромозом. Апстинирањето се препорачува за да се зголеми концентрацијата на спермата.
  • Жената да достигне оргазам. Машките сперматозоиди се помалку издржливи од женските и ним им одговара алкална средина на вагината, а алкалноста се зголемува кога жената достигнува оргазам. Оргазмот им помага на машките сперматозоиди да преживеат, а контракциите при оргазмот им помагаат уште побрзо да стигнат до јајце-клетката. Затоа, Шетлс препорачува жената да доживее оргазам пред или во исто време со нејзиниот партнер.
  • Секс пози кои овозможуваат длабока пенетрација. Д-р Шетлс ја препорачува кучешката поза. При длабока пенетрација, спермата навлегува подлабоко одноосно поблиску до матката, па машките сперматозоиди треба помалку да патуваат и побрзо ќе пристигнат до созреаната јајце-клетка.

Како да зачнете женско?

  • Сексуален однос најдоцна до 2-3 дена пред овулација. На паровите кои сакаат да добијат женско, Шетлс им препорачува да практикуваат незаштитен секс најдоцна до 2-3 дена пред овулација. Причината за тоа е што сперматозоидите можат да живеат максимум 6 дена во женските полови органи. Па, додека настапи овулацијата, неиздржливите „машки“ сперматозоиди ќе изумрат и ќе останат само издржливите „женски“ за да ја оплодат јајце-клетката.
  • Жената да не доживее оргазам. Оргазмот ја зголемува алкалноста на средината на вагината, а таа средина е погодна за „машките“ сперматозоиди. Затоа, ако сакате да имате женско, треба да се воздржите од достигнувањето на оргазам.
  • Секс пози за мала пенетрација. Ако сакате да зачнете женско, треба да практикувате пози кои овозможуваат само мала пенетрација. Така спермата ќе навлезе подолу во репродуктивните органи, каде средината е помалку алкална, а тоа е неповолно за „машките“ сперматозоиди. Исто така, спермата треба да помине подолг пат до јајце-клетката, па издржливите „женски“ сперматозоиди ќе имаат поголема предност.

Предности и недостатоци

Методот на д-р Шетлс се здоби со огромна популарност токму поради тоа што е природен, бесплатен и за него не е потребна медицинска интервенција. Затоа, илјадници парови се раководат според него при зачнувањето на бебе.

Единствено жените треба да знаат кога точно се случува нивната овулација. За да го дознаат тоа, треба да го следат својот менструален циклус преку мерење на базалната температура и следење на промената на цервикалната слуз.

Нашиот календар на плодни денови автоматски ќе ви ги пресмета деновите во кои се препорачува сексуален однос според Шетлс.

Сепак, треба да знаете дека многу експерти се изјавиле против овој метод. Прво, затоа што освен истражувањата кои ги направил самиот Шетлс, не постојат други научни докази за успешноста. Второ, овој метод може да доведе до одложување на зачнувањето, затоа што се препорачува сексуален однос само во одредени денови, наместо да се користат сите плодни денови. И трето, експертите сметаат дека родителите може да се разочараат ако овој метод не успее и ако не добијат бебе од полот што го посакуваат.

Доколку имате потешкотии со зачнувањето при следење на методот на Шетлс, најдобро е да се откажете од него.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11588 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.