Почетна » Семејство » Бебе » Важни моменти во развојот на бебето: 7-12 месеци

Важни моменти во развојот на бебето: 7-12 месеци

Бебињата се развиваат со брзина на светлината и пред да трепнете, беспомошното „новороденче“ ќе трча низ собата во обид да ја шутира подадената топка. Но, додека едни родители уживаат во секој момент и во секое постигнување на нивното бебе, други постојано се грижат дали тоа се развива нормално или не, споредувајќи го со другите.

Секое бебе е различно и различно се развива, но најголемиот дел од бебињата совладуваат одредени вештини на слична возраст. Овие важни моменти најчесто им помагаат на педијатрите да го следат развојот на бебето.

Бебе

Прочитајте кои важни моменти во развојот треба да ги достигне вашето бебе пред да наврши една година, каква е вашата улога во тој период и кои знаци треба да ве поттикнат да се обратите кон стручно лице.

7-9 месеци

Еве низ кои важни моменти вашето бебе треба да помине пред да го започне десеттиот месец од својот живот:

  • Лесно може да се превртува во двете насоки додека лежи. Понекогаш ќе забележите дека тоа го прави и додека спие;
  • Може да седи самостојно или со минимална помош;
  • Може да лази, да се влече или да се движи, поместувајќи го задникот за да достигне до одреден предмет;
  • Има омилени играчки;
  • Ги бара фрлените играчки;
  • Најверојатно веќе му има никнато првото запче;
  • Може да држи коцки во двете раце;
  • Можно е да биде прилепено до возрасните личности кои ги познава, а да се плаши од непознати.

9-12 месеци

Бебе

Еве низ кои важни моменти вашето бебе треба да помине пред да ја дувне првата роденденска свеќа:

  • Има развиено фат на пинцета, т.е. кога ги подигнува ситните предмети, ги фаќа со палецот и показалецот или средниот прст. Ова е важна способност која ќе му овозможи да се храни самото;
  • Може да седи стабилно без помош;
  • Може да лази. Некои бебиња целосно го прескокнуваат овој момент од развојот;
  • Може да спои две коцки една со друга;
  • Може да ги собере играчките во кутија ако му покажете како се прави тоа;
  • Гледа во правилната личност или предмет кога ќе го изговорите нивното име;
  • Ги фрла играчките, а потоа ги бара каде паднале;
  • Разбира едноставни команди и кога ќе му кажете „не“;
  • Може да се исправи самото;
  • Може да стои неколку секунди без да се држи за што било;
  • Оди држејќи се за мебелот. (Околу половина од бебињата во овој период ги прават своите први чекори.);
  • Покажува со прстот кога одреден предмет е надвор од неговиот дофат, мавта за „чао“ или ја ниша главата за „не“;
  • Постојано повторува 2-3 збора;
  • Соработува додека го облекувате;
  • Лесно може да ги пронајде скриените предмети;
  • Започнува правилно да ги употребува предметите. Знае дека чешелот е за чешлање на косата, далечинскиот управувач за менување на програмите и дека телефонот се става на увото.

Каква е вашата улога во развојот на бебето во овој период?

Иако вашето малечко постојано ќе ве држи на нозе, не дозволувајте уморот да го спречи вашето учење преку игра.

Бебе

Еве што треба да направите за вашето малечко во следниот период:

  • Постојано зборувајте му. Ова е клучен период во развојот на неговите јазични вештини. Опишувајте му што правите, вашите дневни навики и рутини, или што гледате пред себе.
  • Охрабрете го да ги повторува вашите зборови.
  • Читајте му секој ден. Макар и да имате само неколку минути дневно, земете книга в раце, а вашето бебе покрај себе. Внесете се во читањето преку правење на соодветни гримаси со лицето и користејќи различни гласови за различните ликови во книгите.
  • Чувајте ги книгите на места достапни за вашето бебе. Така тоа ќе може да ги истражува кога ќе посака.
  • Направете го домот безбедно место за истражување. Ставете затворачи на фиоките, штекерите, плакарите; заштитете ги острите врвови или преместете ги од собата за играње објектите со остри врвови; отстранете ги хемикалиите и средствата кои не треба да се во близина на деца... Оставете ги на дофат на вашето дете само безбедните предмети.
  • Дозволете му да ги користи сите свои сетила додека игра и истражува.
  • Не се плашете да кажете „не“. Иако бебето во овој период не ги разбира вашите инструкции, нему му е потребно да го насочувате што е дозволено, а што не во овој период. Заменете ги забранетите со дозволени активности.
  • Секогаш кажувајте му „чао“ пред да заминете. Наместо да трчате низ вратата криејќи се од вашето дете за тоа да не започне да плаче, гушкајте го, бакнувајте го и секогаш кажувајте му „чао“. Вашето дете ќе биде повознемирено ако мисли дека сте исчезнале.

Кога да побарате совет или помош од стручно лице?

Разговарајте со докторот на вашето дете ако тоа:

  • Не е заинтересирано да лази или пак ја влече едната страна од телото додека лази;
  • Не е заинтересирано за околината, ниту пак се обидува да ги пронајде предметите кои вие ги сокривате пред него;
  • Не употребува никакви гестови (покажување со прст, нишање на главата) за да комуницира со вас;
  • Не може да стои без помош;
  • Не повторува слогови во обид да оформи зборови како „мама“ или „баба“;
  • Одбива да воспостави контакт со очите.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11126 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.