Ирско кафе

Ирско кафе

По долга прошетка низ снежните улици, еден од најдобрите начини да се затоплите е топол пијалок, а ирското кафе секогаш звучи многу примамливо.

Ирското кафе е коктел од топло кафе, ирско виски, малку шеќер и слатка павлака. Не одзема многу време за приготвување, па набрзина можете да си го направите во домашни услови и да му се насладувате на богатиот вкус.

Оригиналното ирско кафе за прв пат било направено од Џозеф Шеридан, кој работел на аеродром во западна Ирска. Со цел да ги затопли изморените патници, во една зимска вечер, тој ставил во кафето виски. Кога задоволните патници го прашале дали станува збор за бразилско кафе, тој им одговорил дека пијалокот е всушност ирско кафе.

Состојки

40mlирско виски
80mlтопло црно кафе
30mlслатка павлака
1 лажичкакафеав шеќер

Подготовка

  1. Загрејте ја чашата во која ќе го служите коктелот со помош на топла вода. Ако чашата е ладна, кога ќе го ставите топлото кафе може да се случи да пукне.
  2. Ставете го во чашата шеќерот и додајте ги вискито и топлото кафе. Мешајте со лажичка сè додека шеќерот не се растопи.
  3. Земете мала лажичка, свртете ја и врз задниот дел полека налевајте ја слатката павлака (врвот на лажичката треба да ја допира површината на течноста во чашата). Павлаката треба да остане да „лебди“ на површината. Откако ќе ја додадете павлаката, кафето не треба да се меша.

Ирското кафе се служи топло. За поубав изглед одгоре можете да ставите малку изрендано морско оревче или да украсите со стапчиња цимет. Заедно со кафето можете да послужите и мали колачиња со парчиња чоколадо или кекс.

Совет: Оригиналниот рецепт се прави со слатка павлака којашто не е многу матена, скоро течна.

Ирското кафе е совршено за претстојните празници. Наместо со обично кафе, изненадете ги гостите со „жестоко“ кафе за повеќе насмевки и позабавни разговори.

Варијации

  • Мексиканско кафе – вискито заменете го со Калуа (Kahlúa), т.е. ликер од кафе.
  • Јамајканско кафе – вискито заменете го со темен рум.

Ирско кафе – ВИДЕО

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 10359 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.