Принцезата Кетрин и Џеси Џеј имаа емотивна средба по нивните тешки, но храбро водени битки со ракот. Фотографиите на кои се прегрнуваат го обиколија светот.
Сопругата на принцот Вилијам и познатата музичарка се сретнаа на годинешниот настан Royal Variety Performance во Лондон и топло се прегрнаа во знак на разбирање и поддршка.
Принцезата, која годинава откри дека е во ремисија по третманите со хемотерапија, разговараше со Џеси Џеј, која летово помина низ мастектомија поради рак на дојка.
Двете се најдоа една до друга во редот на изведувачи и гости, а средбата брзо прерасна во искрен и емотивен момент.
„Имав рак на дојка. Само сакам да те прегрнам. Ракот навистина го менува погледот на животот“ – ѝ рече Џеси на Кетрин. Кетрин ја прифати прегратката и двете кратко поразговараа за шокот и неизвесноста кои ги носи дијагнозата.
Џеси Џеј исто така настапи со новата песна „I'll Never Know Why“, посветена на нејзин бодигард, кој изврши самоубиство во 2021 година.
„Колку емотивна песна“ – ѝ рече принцезата по настапот, на што Џеси одговори: „Ова е многу важна тема. Едноставно тој ми недостига и сакам да им помогнам на другите“.
Принцот Вилијам ја охрабрил Џеси да се вклучи во неговите иницијативи за поддршка на менталното здравје.
