Брус Вилис става крај на кариерата поради здравствени проблеми. Семејството на 67-годишниот актер објави дека тој се повлекува од актерството откако му беше дијагностицирана афазија.

Неговите најблиски објавија иста порака за фановите во која се вели:
До неверојатните поддржувачи на Брус,
Ние како семејство сакавме да споделиме дека нашиот Брус се соочува со здравствени проблеми и неодамна му беше дијагностицирана афазија, која влијае на неговите когнитивни способности. Како резултат на тоа и по многу размислување, Брус се повлекува од кариерата која му значи многу.
Ова навистина е период полн со предизвици за нашето семејство и многу ја цениме вашата континуирана љубов, сочувството и поддршката. Минуваме низ ова како силно обединето семејство и сакавме да ги вклучиме и фановите затоа што знаеме колку ви значи тој, како што и вие му значите нему.
Порака е потпишана од неговата сегашна сопруга Ема, неговата бивша сопруга Деми Мур и неговите пет ќерки – Румер, Скаут, Талула, Мејбел и Евелин.
Афазија е состојба која ја одзема способноста за комуникација. Може да ја засега способноста за зборување, пишување или разбирање на јазикот (во пишана или вербална форма). Типично се појавува одненадеж по мозочен удар или траума на главата, но исто така може да се појави постепено поради тумор на мозокот или болест која предизвикува прогресивно и перманентно оштетување на мозокот.
Холивудската кариера на Вилис се протега низ децении, а неговата филмографија ги вклучува филмските хитови „Die Hard“, „Pulp Fiction“, „12 Monkeys“, „The Fifth Element“, „Armageddon“, „The Sixth Sense“, „Tears of the Sun“ и „Lucky Number Slevin“.

Брус е во брак со Ема Хеминг Вилис од 2009 година и заедно имаат две мали ќерки – 10-годишната Мејбел и 7-годишната Евелин.



Претходно, тој 12 години беше во брак со Деми Мур, од 1987 до 2000 година. Тие до ден-денес се добри пријатели, а имаат три ќерки, 33-годишната Румер, 30-годишната Скаут и 28-годишната Талула.


