Почетна » Новости » Занимливости » Хит статија: 5 минути во главата на мајка

Хит статија: 5 минути во главата на мајка

Мајчинството е најтешката, но и најубавата работа на светот која бара да бидете на должност 24/7. Кога куп обврски чекаат на вас, не е лесно да се релаксирате и да дозволите вашиот мозок да направи пауза.

Авторката Бунми Ладитан на интересен начин опишува што сѐ може да роди умот на една мајка за само пет минути додека е сѐ уште в кревет. Текстот на популарната мајка на три деца, која има огромен број фанови поради хумористичните статии и досетки и книгата „The Honest Toddler: A Child's Guide to Life“, е вистински хит на интернет, споделуван од стотици илјади родители.

Жена

Колку е часот? Кој ден е денес? Ох боже, толку е убаво да си в кревет. Зошто не може да останам тука цел ден? Тоа би бил совршениот одмор. Заборави на Карибите, си го сакам само креветот. Креветот и филмови и чизкејк. И чипс и гвакамоле. Мммм. Начос. И сангрија. Никогаш нема да бидам слаба. Можеби треба да го започнам оној Facebook предизвик за стомачни мускули. Ми треба нешто ново што ќе го утнам. Треба да започнам „чизкејк“ предизвик – да вкусувам нов чизкејк секој ден.

За што ли се караат? За маркер? Во соба полна со играчки за кои потрошив солидна сума пари овие деца се караат за маркер? Кога сум кај играчките, веројатно треба да им ги исперам плишените играчки. Што ако се полни со микрокрлежи? Што ако постои цел град од микрокрлежи зад очите на плишеното мече? Заедница на микрокрлежи со автопати и инфраструктура и своја влада. Морам да имам поголема контрола над овие работи. Зошто не можам да бидам нормална, одговорна, Pinterest мајка?

Што треба да направам денес... да вратам на пропуштените телефонски повици, да одговорам на мејловите, да вратам на пораките кои ги добив пред неколку дена... луѓето веројатно мислат дека сум многу некултурна. Морам да се организирам. Морам да ја организирам целата куќа. Собава е хаос. Гледав на Опра дека спалната соба е рефлексија на бракот. Господе, те молам не дозволувај тоа да е вистина. Морам да подредам сѐ. Или барем да ги соберам алиштата за перење. Лош знак е кога немаш повеќе место во корпите за валкани алишта и кога мора да користиш проѕирни кутии за складирање. Но, прво морам да ја извадам целата облека надвор од фиоките и да ја сортирам. Ми се смачи да ја гледам мојата 4-годишна ќерка како облекува поткусени панталони. Но, тие некако изгледаат како капри панталони, зарем не? Мразам кога треба да фрлам облека. Особено кога таа нема кому да ја дадам. Можеби треба да имаме уште едно бебе. Не се чувствувам како да сум завршила со децата. Се чувствувам како полудена и сум под стрес, но не велам дека ми е доста од деца. Дали ќе ми биде потребен поголем автомобил? Не сакам да возам миниван.

Децата дефинитивно треба да јадат овошје наутро. Јаготки. Штета што не се органски. Подобро да јадат воздух отколку неоргански јаготки. Најверојатно тоа се само пестициди во форма на јаготки. Токсични бомби со земјоделски отров во форма на јаготка. Прво ќе ги измијам.

Треба да го исчистам фрижидерот. И замрзнувачот. Никогаш нема да го јадеме тоа што е внатре. Мразам што фрламе толку многу храна. Што да готвам за вечера? Веќе направив такос... пилешко... никој не го сака меленото месо што го правам. Треба да јадеме помалку месо. Си го убивам семејството. Тестенини? Но глутенот е лош, зарем не? Ориз. Ориз со... Не знам. Најверојатно ќе земам пица. Готвев три вечери по ред и заслужувам слободна вечер. Дефинитивно пица.

Посакувам да бев повеќе како мојата золва. Толку е организирана. Мојата куќа личи како аутлет трговски центар да повратил тука, а потоа како да легнал и да направил ангелчиња во повратеното. Денес дефинитивно е ден за чистење. Но прво морам да одам до продавница за да купам оцет. Треба да ги исфрлам сите силни средства. Хемикалиите најверојатно му штетат на бебето. Ако некогаш нешто му се случи, вината ќе биде целосно моја.

Морам да купам повеќе цуцли. Почнувам да мислам дека тие испаруваат во воздухот. Можеби гоблини доаѓаат навечер и ги крадат за нивните бебиња гоблини. Кога сме кај „гоблините“, треба да ги запишам денес за летен камп. Се надевам дека не го пропуштив крајниот рок. Не можам да верувам колку е скап престојот во камп оваа година. Јасно ми е зошто некои мајки стануваат стриптизерки. Немаше филм за тоа? Стриптиз за Летен камп?

Секој има потреба од лекарски прегледи. Посакувам докторите да доаѓаа дома. Но, така ќе морав да чистам. Можеби само ќе испрскам со освежувач за воздух.

ОК, ако не станам сега, ќе задоцниме. Ох, морам да застанам за гориво. Резервоарот е празен. Зошто секогаш чекам до последната минута? Бидејќи минатиот пат брзав кон дома за да направам вечера.

Децата сакаат појадок. Зошто сè уште не сум го слушнала бебето? Дали е добро? Се надевам дека е добро. Дали се разбуди сношти? Не се сеќавам. Ох не. Што ако одам таму и... ох, ете го. Вреска сега. Посакувам да спиеше малку подолго.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11979 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.