Почетна » Новости » Занимливости » Текст кој на секоја мајка ќе ѝ го растрепери срцето: Не ми дозволувај да заборавам

Текст кој на секоја мајка ќе ѝ го растрепери срцето: Не ми дозволувај да заборавам

Мајчинството често знае да биде исцрпувачко и во некои мошне тешки мигови лесно е да се посака малечките да пораснат побрзо. Емотивниот текст на Раша Рушди, инспириран од нејзините две ќеркички, ќе ве разнежни и потсети што е навистина важно и колку многу треба да се цени секој момент поминат со малите деца.

Мајка и бебе

Седам тука, помеѓу нив на мојот кревет, детенцето од левата страна и бебето од десната. Спијат цврсто и спокојно го сонуваат она што дечињата го сонуваат. Ако слушам внимателно, можам да го слушнам нивното рамномерно, меко дишење и да ги видам нивните мали гради како се креваат и спуштаат речиси истовремено.

Во овој спокоен, тивок момент, го молам универзумот:
Не ми дозволувај да заборавам.

Не ми дозволувај да заборавам како нејзината нежна, свилена бебешка коса ми го скокотка врвот на носот додека ја вдишувам нејзината совршеност или како таа се кикоти додека ја нурнувам мојата глава во меките витки на нејзиното буцкасто вратче. Таа мириса на млеко, сапун и бебешка пудра, и покрај тоа што не ѝ ставив бебешка пудра. Мириса на љубов и надеж и некоја магична, мистериозна состојка која само бебињата ја поседуваат.

Не ми дозволувај да ја заборавам нежноста на тие меки, сунѓерести, топли мали рачиња. Малите рачиња кои ме стискаат како да сум сè што ѝ е потребно. Малите рачиња што ме гребат и маваат кога ќе се разбуди премногу рано и кога ќе ја ставам во кревет до мене за да украдам уште некоја минутка сон. Малите рачиња кои посегнуваат по моето лице додека ја дојам. Малите рачиња што не сакаат да ме пуштат и се обидуваат да ме задржат уште малку подолго додека ја легнувам во нејзиното креветче навечер.

Не ми дозволувај да ги заборавам моите супермоќи. Мојата моќ со бакнеж да го излечам коленцето што го удрила, со гушкање да ја избркам тагата, со песничка да го избркам лошиот сон и да го смирам секој страв и секоја грижа. Мојата моќ да знам точно што ѝ треба дури и кога таа не знае. Мојата моќ да можам да ја утешам со самото тоа што сум блиску.

Не ми дозволувај да ја заборавам тежината на нејзиното поспано главче кое дреме на мојата рака додека цица, или тежината на топло, разбушавено, свежо избањато главче на моето рамо со рачињата цврсто завиени околу мојот врат.

Не ми дозволувај да го заборавам звукот од малите стапала на мојот под. Малите стапала кои трчкаат додека таа восхитено чека да ја бркам. Малите стапала кои тивко влегуваат во мојата соба сред ноќ кога таа ќе се исплаши од грмотевица. Малите стапала кои квичат по плочките додека таа ме следи по куќата, сакајќи само да го прави тоа што јас го правам.

Не ми дозволувај да заборавам како таа совршено се вклопува во облината на мојот колк, како да била направена само за неа, или како нејзините силни, буцкасти нозе удираат возбудено во воздухот додека ме гледа што правам, а јас нежно ја нишам, или како нејзините топли, мали рачиња лежат на мојот грб.

Не ми дозволувај да заборавам како изговара одредени зборови на свој, уникатен начин или како ме имитира во интонација, или звукот на нејзиниот монотон глас додека раскажува една од нејзините измислени, брилијантни приказни.

Не ми дозволувај да заборавам дека сè изгледа како да сјае во тие мрзливи утра кога лежиме заедно во кревет, додека тие се тркалаат наоколу, се кикотат и пискаат, а јас ги гледам, уморно, гордо, благодарно, прашувајќи се како сум имала толку среќа за овие две да бидат мои.

Не ми дозволувај да заборавам колку се малечки. Бидејќи понекогаш, тоа што се толку малечки прави да посакам да пораснат побрзо веќе еднаш, да спијат подолго, да бидат понезависни, да имам повеќе простор за себе, да имам поголема слобода, и да можам да правам тоа што јас сакам.

Но токму тоа што се малечки, толку скапоцено малечки, токму по тоа еден ден ќe копнеам до болка и толку очајно, безнадежно ќе ми недостига.

И додека го имам тоа сега, дозволи ми да се насладувам уште малку подолго, да ги вдишам малку подлабоко и да ги држам уште малку поцврсто, бидејќи којзнае колку брзо ќе помине оваа слатка, слатка малечкост.

Не ми дозволувај да заборавам.
Не ми дозволувај да заборавам.
Те молам, не ми дозволувај да заборавам.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11142 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.