Почетна » Новости » Занимливости » Последните денови на едно куче: Текст кој не ги остава рамнодушни љубителите на животни

Последните денови на едно куче: Текст кој не ги остава рамнодушни љубителите на животни

Текстот на Џон Поинтер ќе ве расплаче, како што расплака илјадници лица низ светот. Во емотивниот есеј се раскажани последните денови од животот на неговиот миленик Бени, но од гледна точка на кучето.

Џон го напишал текстот за полесно да се справи со неподносливата тага која го обзела кога ја донел тешката одлука да го успие Бени, кој бил болен од рак.

Бени

Вчерашниот ден беше чуден. Не можев да станам од креветот. Човекот со кого живеам ме подигна. Пробав да ги движам нозете под мене, но тие не сакаа да соработуваат. Тој ми рече: „Не грижи се пријателе, те држам“, а потоа ме одведе надолу по скалите и излеговме низ влезната врата. Тоа беше толку љубезно од негова страна. Ужасно ми се одеше по мала нужда и едноставно морав да одам токму таму каде што тој ме спушти. Во нормални услови не би го направил тоа, но и двајцата одлучивме да направиме исклучок од тоа правило.

Започнав да чекорам по паркингот кон местото каде сите кучиња како мене одат да какаат. Чувствував како шепите ме тргаат кон земјата. „Колку чудно“ – си помислив. Потоа одеднаш, морав да се олеснам. На средината од паркингот. Во нормални услови не би го направил тоа. Тоа е спротивно на правилата.

Мојот човек го исчисти нередот. Тој е добар во тоа. Засрамено погледнав во него и тој ми рече: „Другар, сакаш да продолжиш да пешачиш?“ Продолжив, но беше изненадувачки тешко. Кога стигнавме до крајот на паркингот, мене ми се вртеше во главата. Се обидов да го искачам малото ритче и за малку ќе се истркалав. Не можев да сфатам што се случува.

Тој повторно се наведна ги обви рацете околу мене. Чувството беше добро. Ме крена и ме одведе дома. Сè уште бев збунет и зашеметен, но ми беше мило што не морав да го изодам целиот пат до дома. Одеднаш тоа ми се чинеше како невозможно растојание.

Толку ми беше мило што повторно лежев во мојот кревет. Мојот човек ме галеше, велејќи ми: „Другар, ти го чувам грбот. Те чувам“. Го обожавам тоа чувство. Знам дека ме чува. Тој прави сè да изгледа подобро.

Бени

Ми ги допре шепите, а јас ја подигнав усната. Тој ме праша: „Ох другар, дали ти студи?“ Ми студеше. Лицето ми беше ладно, шепите ми беа ладни. Им испрати СМС пораки на неколку луѓе и се врати да ме гали.

Неколку минути подоцна, пристигна друг човек. Тој е еден од моите омилени, се вика Џеј. Ме погали и му рече на мојот човек: „Сакаш да донесам ќебе?“ Ме покрија со ќебе и тогаш... се чувствував добро. Се опуштив, а тие двајцата ме галеа, трудејќи се да си ги задржат солзите.

Никогаш не сум сакал тие да плачат, тоа ми го крши срцето. Моја работа е да правам тие да се чувствуваат подобро, само малку сум уморен и ми студи. Заспивав и се будев, а тие постојано беа таму, уверувајќи се дека сум добар и зборувајќи меѓусебно.

Во текот на денот, мојот човек се јави на неколку места и помина многу време со мене. Го слушнав како вели: „Во 9 наутро утре... во ред... да. Ќе ви кажам ако има некакви промени. Ви благодарам д-р МекДоналд.“ Потоа му се јави и на некој друг и рече: „Жал ми е, но морам да откажам вечерва.“ Како што тонев во сон, мислам дека го слушнав како плаче повторно.

Вечерта дојдоа уште од моите омилени луѓе. Сите беа толку грижливи. Им ги лижев солзите кога ќе се приближеа доволно блиску до моето лице. Ми шепотеа во уво слатки зборови и ми рекоа дека сум добро куче.

Подоцна во ноќта се почувствував доволно добро за да станам и да одам до вратата за да видам кој доаѓа. Беше многу поистоштувачко од она на што се сеќавав, но бев среќен што ги гледав сите. Го слушнав мојот човек како вели нешто како: „Ова е првпат да стане со сопствените сили денес.“ На сите им беше мило што станав од креветот. И мене ми беше, но откако помина возбудата, беше истоштувачки да се движам наоколу.

Кога си замина и последниот гостин, мојот човек ме одведе надвор за да го правиме она што тој го нарекуваше „моја работа“. Се вративме внатре и кога стигнавме до скалите, тие ми изгледаа двојно пострмни и десет пати подолги од она на што се сеќавав. Го погледнав мојот човек и тој ме погледна мене. Ми рече: „Не грижи се другар, те држам“, па ме однесе нагоре.

Потоа приказната стана уште подобра! Наместо да спијам во мојот кревет, тој ме повика да спијам во неговиот кревет. Дозволете ми да ви повторам: „Спиев во креветот со мојот човек!“ Во нормални услови спиеме секој во сопствениот кревет, но синоќа се гушкавме и се чувствував прекрасно што бев толку блиску до него. Си помислив: „Тука припаѓам. Никогаш нема да го напуштам.“ Но, не се чувствував многу добро и на моменти тешко дишев.

Ова започна пред неколку месеци. Игравме игра, а јас едноставно се онесвестив. Не знам што се случи, но мислам дека престанав да дишам. Можев да го слушнам мојот човек како го извикува моето име. Не можев да се помрднам. Ми ја подигна главата и ме погледна в очи. Го гледав пред мене, но не можев да му го лижнам лицето. Ме праша: „Бени, дали ме слушаш?“ Не можев да му одговорам. Ме погледна и ми рече: „Не грижи се другар, те држам. Ти го чувам грбот.“ Започнав да тонам во темнина, но потоа моите бели дробови вдишаа длабоко, а јас повторно гледав.

Бени

Бевме кај неколку доктори и оттогаш слушнав многу зборови како „кардиомиопатија“, „рак“ и „откажување на бубрезите“. Сè што знам е дека некогаш ми е добро, а некогаш... знаете... не ми е добро. Едноставно не ми е. Мојот човек ми дава лекови.

Утрово го слушнав мојот човек како станува и се тушира. Дојде назад во собата и мирисаше прекрасно. Ми помогна да станам, но овој пат, можев да го направам тоа сам. Стигнавме горе на скалите и леле... тие повторно изгледаа стрми и долги. Тој рече: „Те држам другар“ и ме слезе надолу. Ја свршив „мојата работа“ и повторно влеговме внатре. Отвори конзерва, многу, многу вкусна конзерва со кучешка храна. Човече... го обожавам тоа нешто!

Џеј дојде повторно. Колку пријатно изненадување! Мојот човек и тој изгледаа загрижено, но сите ме галеа. Малку наликуваше на игра, во која сите учесници беа тажни, но се преправаа дека се среќни. Набрзо, се појави друга личност. Таа носеше докторски панталони и јас легнав врз неа.

Ги слушнав како зборуваат. Сите ми ги гледаа непцата и ми ги допираа шепите. Ја слушнав дамата со докторски панталони како вели: „Одлуката е твоја, но дефинитивно не му останува многу време. Не сакам да те притискам, но гледајќи дека му недостига боја, искрено сум изненадена што воопшто може да стои. Додолнително и неговите шепи и брадата, погледни тука...“ таа покажа кон моето лице, „Ова треба да е розово. Речиси е бело и клони кон жолто.“

Мојот човек и Џеј влегоа внатре и разговараа за нешто. Кога се вратија, го слушнав мојот човек како вели: „Се согласувам. Не сакам да чекам додека да западне во агонија.“ Потоа влеговме внатре. Да бидам искрен, се чувствував прилично лошо, иако стоев исправен и се шетав. Ми се чинеше како целата глава да ми е ладна, шепите ми беа смрзнати и задните нозе не ми работеа правилно.

Дамата со докторски панталони рече: „Ќе му го ставам ова во мускулот. Тоа е седатив. Потоа ќе се вратам тука, а вие ќе можете да го опсипете со љубов додека не заспие.“ Мојот човек ми го бакна лицето и ме погледна в очи. Се обидуваше да не заплаче. Дамата со докторски панталони ми стави инјекција со нешто во ногата. Само го погледнав мојот човек. Тој е толку неверојатен. Никогаш нема да го напуштам.

Тој и Џеј ме галеа и ги кажаа најмилите нешта – колку добро куче сум бил, колку добра работа сум направил, колку благодарни се што ме имаа во нивните животи. По кратко време, започна да ми бучи во главата. ФОКУСИРАЈ СЕ! Повторно погледнав во мојот човек. Толку многу го сакам.

Одлетав повторно. ФОКУСИРАЈ СЕ! Можам да го видам мојот човек. Толку многу го сакам. Никогаш нема да го напуштам. Тој го знае тоа. Дали заспивам? ФОКУСИРАЈ СЕ! Секогаш ќе го гледам со полно срце...

Дамата со докторски панталони рече: „Тој неверојатно многу сака да остане со тебе. Навистина се бори. Тоа е импресивно.“ Мојот човек се обидуваше да ги запре солзите и рече: „Знам. Ова куче живее за мене. Тој е најпреданата душа која некогаш сум ја сретнал...“ Си ги допревме главите и ги затворивме очите. Се чувствував добро. Не можам да опишам со зборови. Повторно се погледнавме еден со друг. Мојот човек ми помогна да легнам. Човече, чувството беше дооообро.

Чувствував дека ме галат заедно со Џеј и ги слушнав како зборуваа за мене. Толку многу ме сакаат. Колку голем среќник сум бил? Потоа почувствував како да ме галат илјадници раце. Секој кој некогаш сум го познавал и сакал беше таму, ме галеше, ми ги чешаше ушите и она место под ремчето кое ме тера да мрдам со нозете. Секој треба да го проба ова. Неверојатно е!

Потоа почувствував како дамата со докторски панталони ми ја допира ногата. Дали ви кажав дека мојот човек мораше да ми ги поправи колената? Тие се од титаниум и ми служеа добро, но знаете... во последно време чувствував дека малку крцкаа.

Додека сите ме галеа, дамата со докторски панталони ми стави уште една игла во ногата, но овој пат како што течноста навлегуваше, моите нозе оздравуваа! Моите колена беа совршени! И како што таа се движеше низ моето тело, мојот рак исчезнуваше! Потоа и моите бубрези беа подобри! И конечно, моето срце беше целосно и здраво! Чувствував како да сум ја совладал болеста. Неверојатно!

Го видов мојот човек и Џеј и дамата која живее во нашата куќа, Шели. Изгледаше како да се наведнати над нешто. Отидов за да погледнам. Изгледаше како... не знам. На некој начин изгледаше како мене, но како што изгледав кога бев многу болен или истоштен. Лицето му беше заматено и не можам точно да проценам, но изгледаше како тоа кутро куче да страдало.

Можам да кажам дека на мојот човек му олесни, но беше многу, многу тажен. Толку многу го сакам. Гледав во трупот кој беше во форма на мене, а потоа погледнав во него... Мислам дека тој беше тажен поради тој труп. Скокав наоколу низ собата како кловн, но изгледаше како сите да сакаат да тагуваат и да се фокусираат на она што го галеа и бакнуваа.

Но, мојот човек дефинитивно беше тажен. Се потпрев на него, како што сум правел милион пати претходно, но не беше исто. Чувствував како неговото тело да е облак и како да минувам низ него. Па, отидов до него, седнав како послушно куче, а моето срце му шепна на неговото: „Не грижи се другар. Ти го чувам грбот.“

Никогаш нема да го напуштам. Тој го знае тоа.

Бени

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11512 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.