Почетна » Новости » Занимливости » Писмото на мајка за нејзините деца кое го обиколи Балканот

Писмото на мајка за нејзините деца кое го обиколи Балканот

Писмото кое блогерката Сандра Тодоровиќ им го напишала на своите деца ќе ви побуди микс од силни емоции. Мудрите зборови зад кои се крие богато животно искуство ќе ве насмеат, замислат, разнежнат и растажат. Во одредени моменти ќе ги чувствувате сите тие емоции истовремено.

Текстот стана вистински хит кој молскавично го освои Балканот.

Мајка

Ви ги пишувам овие редови за во случај, не дај Боже, да ме удри некој скап автомобил додека ја преминувам улицата на зелено, или да ме посети оној Германец Алцхајмер, па да заборавам кои сте и чии сте.

Пред сè би сакала од сè срце да ви се извинам што ве родив тука, а не на некое подобро место. За жал, верував дека ќе дојдат подобри времиња, ама не дојдоа. Таа колективна надеж е ужасна работа, но пак некако те одржуваат во живот и ти даваат енергија да преживееш до утре. Секогаш помислувам: па не е толку страшно, имам за леб и гориво, сметките ќе ги платам кога ќе имам, можат да ми ја запленат само оваа посвоена џукела и да ми го исклучат Интернетот.

Ве учев да бидете чесни луѓе, да се цените себеси и другите. Да помагате кога е потребно и да бидете благородни. Пари не позајмувајте никому и од никого. „Долгот не е пријател“.

Пријателите едноставно ќе останат, ќе се просеат од купот луѓе кои ќе се мотаат околу вас во животот. Оние коишто ќе останат, ќе ви бидат како свесно избрана фамилија, што со роднините немате можност да го направите. А ако сте барем малку на мене, луѓето ќе ве сакаат, бидете до нив и во добро и во лошо.

Роднините почитувајте ги колку и тие вас. Не им купувајте за свадби бесмислени подароци, не дај Боже некое ќебе. Секогаш давајте им пари во убав плик и потпишувајте се. По тоа ќе ве паметат и нема да ве озборуваат.

За љубовта би можела да напишам есеј, ама нема. Ќе ја препознаете кога за тоа ќе дојде време, а кога ќе се случи, тоа е веќе дискутабилно. Кога ми се случи мене, мислев дека ќе го повратам сопственото срце од убавина. Ви тврдам, многу пати ќе ви се чини дека нешто е љубов, но нема да биде, тоа повеќе е како опиеност која со тек на време поминува како тежок мамурлак. Избирајте слични на себе и нема да погрешите.

Во оваа земја во која ве прехранував со тешки маки нема никаков ред ни поредок. На тоа се навикнуваш со текот на времето и ти станува нормално. Бидете успешни во она што ќе изберете да го работите, можеби некој авион или брз воз ќе го наречат по вас кога кај нас ќе го измислат.

Го доживеав бомбардирањето на Белград, ја помнам војната во Босна, бегалците, хиперинфлацијата, санкциите, сиромаштијата... Овде децата умираат пред очите на оние кои можат да им помогнат, но не сакаат. Купувавме храна на улица, гориво во шише од Кока-Кола исто така на улица. Цигари купувавме од Ромките околу пазарот. Тоа беа страшни времиња, но сепак подобри отколку овие сега. За таа храна од улица имавме пари, за оваа сега од продавниците едвај. Народот ни е гладен и бесен. Дискретен на прашањето за својата беспомошност, молчи и чека... Што чека тој народ, тоа сè уште никој го нема утврдено. Не чекајте ништо! Бегајте оттука во првата прилика! Овде нема ништо. Ни пиво по десет навечер. Ни планови подолги од задутре. Културата сега е веќе во изумирање и кога вие ќе пораснете, веројатно наместо Народен музеј ќе им хипермаркет или паркинг.

Бидете толерантни спрема различните од вас. Ако некој е со друга боја на кожата или сексуална ориентација, не значи дека е лош, само дека е поинаков од вас. Не можеме сите да бидеме исти.

Свеста за екологијата ви ја развивав од мали нозе. Чувајте ја својата околина, посадете нешто, исчистете зад себе. Верувам дека и вас, како и мене, ќе ве нервираат оние кои не го прават тоа. Научете ги. Сакајте ги и ценете ги сите живи суштества во природата. Крзно никогаш не сум носела, но не затоа што не сум можела да си дозволам, туку затоа што некако не ми било фер. За тоа испочитувајте ме. Слушајте исклучително добра музика... се знае што е добра музика.

Сине, биди внимателен кон жените, почитувај ги, немој никогаш да бидеш насилник, сè тоа ќе ти се врати со инстантна карма и ќе те погоди кога најмалку се надеваш. Плати вечера, купи цвеќе, ќе го добиеш она кое ќе го посакаш уште на првиот состанок. Секогаш користи кондом и нема за што да се грижиш. Свири некој инструмент, жените го сакаат тоа. Патувај. Биди самостоен, зготви сопствен оброк, испеглај кошула, поправи нешто дома. Ако некогаш седнеш на мотор, ќе се превртувам во гробот како прасе на ражен. Заработи си скап автомобил, биди господин човек. Реставрирај го оној креденец на баба, жалосно е да пропадне.

Панталоните носи ги да паѓаат малку преку чевлите и соблекувај ги чорапите кога еб*ш. Не прави будала од себе. Кога пиеш, не ги мешај пијалаците... никогаш! Знам за што зборувам. Не се тепај, умот царува... те учев на тоа. Дрогата е зло. Коцкањето исто. Марихуаната не е дрога. Најголемата човекова доблест е умереност во сè, ако тоа го постигнеш, значи дека си успеал. Научи најмалку два светски јазици. Заврши факултет. Верувам во тебе дека ќе измислиш нешто што ќе го промени светот, или барем мал дел од него. Кога женско ќе те запраша дали е дебела, кажи ѝ ја вистината. Ако вели сè е во ред, ништо не е во ред, верувај ми.

На ќерките имам да им кажам неколку важни работи за една жена. Пробајте да учите од туѓите искуства. Знам дека нема да ме послушате и дека ќе одите со главата во ѕидот, како и јас, но моја должност е да ве предупредам за тоа. Пред да се омажите, завршете факултет. Ако некој од неговото семејство ве праша што знаете и умеете, кажете: ништо! Сè што ќе направите по таа изјава ќе биде проследено со аплауз. Јас таму погрешив.

Не бричете си ги нозете во петто одделение! Не ги фарбајте тие руси коси во црно, ве преколнувам! Бидете женствени во онаа мера која вам ви годи. Не ставајте силиконски гради. Хулахопките не се облекуваат како панталони, ќе ги скинете. На чорапи ќе трошите цело богатство. Убавината боли. Кадравата коса е убава, не ја исправувајте. Веѓите се секогаш различни колку и да се трудите да ги искубите исто. Ставањето на ајлајнер навистина е вештина. Совладајте ја. Ако мислите дека ќе џускате цела ноќ во чевли на штикла, се лажете. Секогаш имајте рамни чевли во багажникот од автомобилот. Не верувајте во диети и таблети за слабеење, тоа е глупост. Мрднете го задникот, ќе ослабете.

Мажите се едноставни. Не го замарај, не го прогонувај, биди мистериозна и занесна и ќе бидеш најсакана. Не го земај в раце неговиот телефон, не му буричкај по џебовите. Не плачи за мажите, не вреди. Не биди кучка, никој не го сака тоа, ПМС не е изговор. Научи да готвиш. Љубовта доаѓа преку стомакот.

Никогаш, никогаш не престанувајте да се занимавате со уметност. Таа нека ви биде ѕвезда-водилка. Мене ме одведе онаму каде требаше. Во мармаладот секогаш ставајте малку ванила. Ајварот е поубав во помали тегли и не се расипува.

На таванот има еден сандак кој го наменив за вас. Во него се наоѓаат плочи, касети, цедеа, видео касети, флопи дискови, видеорекордер и цеде-плеер. Најдете на Интернет што е што. Во една кеса има фурка и вретено од мојата баба, и тоа побарајте што е на Интернет. Оние смешни чевли кои ви ги оставив се за да видите колку беше кретенска модата во осумдесеттите. Сребрениот балски фустан е од вашата баба. Облечете го барем еднаш во животот, јас го облеков. Има таму и еден блок со автограми кои ги собирав, џамлии од моето детство и некои кристални чаши. Цртежите и сликите поделете ги рамноправно, во зависност од тоа на кој што му се допаѓа. Ако нешто заборавив, не ми замерувајте. Тешко е сите мудрости да ги резимираме во неколку илјади зборови.

Ве молам, немојте да ми направите некој кретенски споменик во облик на скап автомобил кога ќе умрам, за тоа се шегував. Нешто дискретно, може и некое камче од Дунав, опуштено.

И да. Оној вентил за вода на плацот се завртува на спротивната страна.

Бескрајно ве сакам,

мама

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11145 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.