Почетна » Новости » Занимливости » Моќен текст: „Ако не си среќна со твојот живот, твоја одговорност е да го промениш“

Моќен текст: „Ако не си среќна со твојот живот, твоја одговорност е да го промениш“

Диен Де Ла Круз со моќен текст ги охрабрува луѓето кои се несреќни со својот живот да направат промени. Младата авторка е категорична дека секој од нас е творец на сопствената среќа преку изборите кои ги прави и одлуките кои ги носи.

Жена

Честопати, се задоволуваме со она што мислиме дека е правилно, прифатливо и сигурно. Доминирани сме од идејата да останеме, бидејќи се плашиме да заминеме. Бидејќи ни делува страшно да се соочиме со целосно нова околина без луѓето, предметите или местата на кои сме навикнати.

Преплашени сме од идејата за промени, зашто чувствуваме дека не можеме да заминеме и да ги оставиме нештата зад себе. Го жртвуваме нашето битие, нашата сопствена среќа. Избираме да правиме компромиси со сето тоа, зашто сме избрале да останеме во момент кога всушност требало да заминеме, да продолжиме понатаму.

Ако си несреќна, ЗАМИНИ. Бидејќи ако ти беше судено да седиш во едно место, ќе имаше корења наместо стапала.

Ако си несреќна на работното место, дај отказ. Ако чувствуваш дека повеќе не растеш, не учиш, не си продуктивна; ако секој ден го одбројуваш времето – тогаш замини. Ако постојано тврдиш дека работата те истоштува физички и ментално, тогаш замини. Ако мислиш да останеш на работното место кое ти ја „цица“ радоста, само затоа што ти ги плаќа сметките или зашто е можно да бидеш унапредена таму и да се нарекуваш „успешна“ и „посреќна“ – НЕ. Твојата среќа не зависи од твојот успех. Всушност, твојот успех зависи од твојата среќа. Ако сметаш дека има нови можности, нови места, нови нешта кои можеш да ги истражуваш и кои ќе придонесат за твое духовно и индивидуално растење, тогаш тргни кон нив. Ако вреди да си трошиш време за да мислиш на тоа, значи вреди и да пробаш. Никој не е премногу стар за да проба. Независно дали ќе заврши добро или лошо, тоа е искуство. Да не забораваме дека секое искуство нè учи на скапоцени лекции кои не би ги научиле доколку направевме поинаков избор.

Ако си несреќна поради луѓето околу тебе, замини. Ако чувствуваш дека тие повеќе не ти влијаат позитивно, замини. Да заминеш не мора да значи дека ќе ги отстраниш од твојот живот или дека засекогаш ќе ги заборавиш, едноставно значи дека конечно ќе продолжиш напред. Времето кое го помина со нив беше спектакуларно. Имаше учење и охрабрување, но кога тие повеќе не ти го даваат тоа, можеби е време да им кажеш „благодарам“ и „ќе се видиме“. Само сфаќаш дека треба да продолжиш со твојот живот, веројатно без нив.

Ако не си среќна со твојот љубовен живот, раскини. Тој не е последната личност на планетата. Романтичните врски се многу повеќе од бакнеж на челото, вечерни состаноци, припиени прегратки и слатки пораки. Романтичните врски, како и сите други витални врски, би требало да созреваат заедно со тебе. Романтичните врски би требало да ти дозволат да цутиш и да се развиваш во секој аспект од она што си. Треба да те охрабруваат секое утро, а не да те потиснуваат со сомнежи и огорченост. Ако партнерот ти стане константен инструмент за болка и токсичност, тогаш остави го. Не си обврзана да се оптоваруваш со таква личност. Тој би требало да е оној кој ќе те тера да бидеш најдобрата верзија од себе, да те мотивира и да ти дозволува да ја откриеш твојата величественост. Имај го тоа на ум, секогаш. Којзнае, можеби во блиска иднина ќе запознаеш некој кој ќе ти ја полни душата.

Ако не си среќна со местото на живеење, пресели се. Не се заплеткувај во комфорни зони и безбедносни мрежи. Познатото е убаво, но не е толку многу убаво. Малку ризик и неизвесност може многу да промени. Ако остануваш таму поради чувството на сигурност или затоа што живееш таму цел живот или дека тоа ти е „дома“ или затоа што е „удобно“ – можеби ќе сакаш повторно да ги обмислиш твоите одлуки. Комфорот може да биде многу пострашен од ризикувањето. Престана да откриваш величествени работи тогаш кога започна да се чувствуваш удобно. Спакувај си ги работите и напушти го твојот град и пресели се во друг ако треба. Тргни во таа авантура. Започни од почеток. Пребарај кое место би сакала да го посетиш, место каде што можеби би сакала да останеш. Сега е моментот. Домот е онаму каде што ти е среќата, а не онаму каде што си заштитена.

Ако си несреќна со твојот пат, сврти на кривината. Независно дали станува збор за факултетот или за кариерата или за твојот бизнис – кој пат да си го избрала во моментов, ако ти носи незадоволство, тогаш ова е совршено време за да направиш пауза и да се пренасочиш. Ако си избрала курс кој не ти се допаѓа, промени го. Не троши години, труд и пари за нешто што никогаш не си го сакала. Ако не се гледаш себеси на истиот пат по неколку години, тогаш која е поентата? Нема правилно време за да свртиш и да заминеш, го правиш тоа кога ќе почувствуваш. Го правиш тоа кога си несреќна. Го правиш тоа сега. Избери нов пат, прифати ја различноста и развојот. Кој и да е твојот пат, ако си несреќна, сврти. Не е важно дали лево или десно, сè додека ти си среќна, не можеш да залуташ.

Ако не си среќна со начинот на кој го гледаш животот, промени го погледот. Погледни го животот од друга гледна точка, од друга перспектива. Спознај го повторно животот. Грижењето или темелното обмислување на нештата не го менуваат животот. Единственото нешто што можеш да го направиш е да ги насочиш твоите очи кон друго светло и да го видиш животот во целиот негов блесок. Животот е убав.

Ако си несреќна онаму каде што си сега, замини. Толку е едноставно, само ние го комплицираме тоа. Зошто трошиме толку многу време и енергија за сè да анализираме, кога единственото нешто на кое треба да мислиме е нашата лична среќа.

Наместо да претеруваш со анализирањето на секоја одлука која ја носиш во твојот живот, верувај им на твоите инстинкти. Понекогаш, ризикувањето и спонтаноста се нешто добро. Не мора секогаш да ги премеруваш силните и слабите страни на нештата, понекогаш само едно и единствено нешто е навистина вистински важно, а тоа е твојата среќа, твојата страст кон овој живот и твојот глад за задоволно срце. Не мора да бидеш сигурна каде одиш или кој е твојот следен чекор, понекогаш сè што е потребно е да го направиш првиот чекор и да ТРГНЕШ.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 11%
  • 25%
  • 63%
Се испраќа...

(Вкупно: 10600 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.