Почетна » Новости » Занимливости » Моќен есеј на репортерка до сите оние кои прашуваат „Кога дете?“

Моќен есеј на репортерка до сите оние кои прашуваат „Кога дете?“

Иако повеќето луѓе прашуваат „Кога дете?“ за да покажат интерес за нечиј живот и немаат лоша намера, сè повеќе жени одлучуваат да зборуваат за негативната и болна страна на тоа прашање. Репортерка во моќен есеј го сподели сопственото искуство за претпразнично да ги потсети луѓето да не ги преплавуваат жените со прашања за раѓањето на деца.

Празниците се период на семејни собири и дружења, кога Стејша Наквин најчесто била прашувана кога планира да има дете. За да ги избегне непријатните прашања оваа година и за да им одржи лекција на сите кои прашуваат „Кога дете?“, Стејша напиша искрен текст во кој ја откри својата животна приказна.

Стејша Наквин Стејша Наквин

Да, тоа е снимката од мојот ултразвук. И не, честитките не се добредојдени.

Со сопругот се обидуваме да имаме дете со години. И конечно! Позитивен тест за бременост. Сè изгледаше добро на прегледот во 8-мата недела. Го видовме чукањето на срцето на нашето бебе. Ја ставивме првата слика од нашето бебе на фрижидерот. Бевме пресреќни!

Три дена пред закажаниот преглед во 12-тата недела, прокрварив. Ултразвукот ги потврди нашите најголеми стравови. Имав спонтан абортус.

Тоа беше пред повеќе од една година.

Најголем дел од луѓето не ни знаат за тоа.

Не знаат дека со години се обидуваме да имаме дете.

Не знаат дека некогаш сум била бремена.

Не знаат за спонтаниот абортус.

Не знаат дека докторот ми дијагностицира постнатална депресија додека со месеци се обидував да го надминам магливиот период.

Не знаат за солзите кои ги леев неконтролирано.

Не знаат дека бев боцкана, бодена и прободувана со секакви видови игли и дека примав куп лекарства.

Не знаат дека со сопругот ги истражуваме сите наши опции со надеж дека конечно ќе основаме семејство.

Најголем дел од луѓето не знаат за тоа, затоа што одлучивме дека тоа не е нешто што би сакале да го споделиме, поради ред причини.

Па, зошто го кажувам ова сега?

Сакам да им пружам поддршка на другите парови како нас. Но, сакам да го направам тоа, порачувајќи им нешто на сите останати:

Престанете да прашувате „Кога дете?“

Сите сме на прагот од празничната сезона. И кога со семејството и пријателите ќе се соберете околу трпезата, или елката, или в црква, можно е да паднете во искушение да го поставите прашањето кое го сметате за едноставно:

„Зошто сè уште немате деца?“

Не постојат едноставни одговори на тоа прашање.

Плодноста и патувањето до бременост се многу лични и може да бидат комплицирани.

И ова им се случува на многу повеќе луѓе одошто можете да си замислите.

Еден од осум парови имаат проблеми да зачнат или да ја одржат бременоста.

Па, кога ќе погледнете во просторијата околу вас за време на празниците, паровите кои ќе ги видите можно е да се соочуваат со неплодност за која вие немате поим.

Не е важно колку добро ги познавате.

Не е важно дали сте роднини.

Не е важно дали чувствувате дека имате право да знаете.

Не секој сака да разговара за тоа. И тоа е ОК.

Па, важно е да знаете дека прашувањето: „Зошто немате деца?“ може да го чувствуваат како напад. Може да се почувствуваат поразени. Може да ги потсети на најтажните денови и на најголемите разочарувања со коишто некогаш се соочиле.

Или можеби сè уште се соочуваат.

Во повеќе од една прилика некој ноншалантно ми го има нафрлано големото прашање пред голема група луѓе. Секогаш сме се обидувале да ја смениме темата и да продолжиме. Но, ова прашање ми беше поставено и две недели по мојот спонтан абортус: „Еј, зошто вие дечки сè уште немате деца?“ Промрморев нешто како „некој ден“, едвај успевајќи да ги задржам солзите пред сите на масата.

Немаше злонамерност во прашањето, но болката сè уште беше премногу свежа. Конечно во еден момент успеав да избегам во тоалетот за добро да се исплачам.

Не би сакале тоа да му се случи на ниту еден ваш пријател или член од семејството со кого прославувате.

Мислите дека само поставувате едноставно прашање (во присуство на сите останати). Но, тоа не е едноставно. Па, престанете да прашувате.

Мене и мојот сопруг, како и на сите останати парови, ни требаат среќни моменти и нови спомени со семејството и пријателите за време на празниците.

Доколку има новости кои би сакале да ги споделиме со целата група, со сигурност би ги споделиле.

Стејша Наквин

Есејот на Стејша Наквин многумина ги потсети на статусот кој Емили Бингман пред два месеци го објави на својот профил на Facebook.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9515 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.