Почетна » Новости » Занимливости » Искрен текст: „Дали треба да ги фалиме татковците само затоа што ја играат својата улога на татковци?“

Искрен текст: „Дали треба да ги фалиме татковците само затоа што ја играат својата улога на татковци?“

Татко, кој редовно добивал комплименти кога ќе излезел со своите три деца, напиша искрен текст во кој прашува: „Зошто луѓето ги фалат само татковците кога се сами со своите деца, но не и мајките?“.

Откако во текот на еден ден трипати бил пофален што излегол сам со сите свои деца, Клинт Едвардс одлучил да напише колумна за да ги потсети сите дека и мајките заслужуваат пофалби.

Во текстот, Клинт истакнува дека неговата сопруга никогаш не добила пофалба од непознат иако почесто од него извршувала обврски надвор од домот со трите деца покрај себе. За разлика од неа, за него комплиментите не биле реткост.

Прочитајте го неговиот текст:

Татко и ќерка

Вчера бев во супермаркет со трите мои деца, кои имаат 10, 8 и 3 години. Најмалото беше седнато во количката за пазарување, а другите две се држеа од страните. Сите три се однесуваа прилично лошо. Не дека тоа е нешто невообичаено. Да носам три деца помали од 10 години во продавница значи постојано да повторувам „НЕ“, да се заканувам дека нема да им дозволам да земат бесплатно колаче во пекарата, а во исто време да се прашувам дали животот ќе ми биде подобар ако избегам да живеам в шума.

Некаде на сред пазарување, додека се „консултирав“ со листата на мојот телефон за да видам каков вкус на крекери треба да купам (има тоооолку многу различни во денешно време), жена во нејзините доцни 60-ти години ми го потегна ракавот и ми рече: „Браво, тато“.

Ми се насмевна и јас ѝ возвратив со насмевка и реков „Благодарам“ со оној истоштен тон на гласот кој го имаат сите родители кога се во продавница сами со децата. Кога отидовме во друг супермаркет, се случи повторно, само што овој пат тоа беше од пар во раните 50-ти години. Третиот пат се случи во банката.

Имајте на ум дека тројната пофалба за време на едно излегување со сите деца е нешто невообичаено. Но, воопшто не е невообичаено некој да ми даде комплимент кога сум излезен сам со сите мои деца, без разлика дали сме во продавница или во парк.

Се прибрав дома вечерта и ѝ раскажав на жена ми за комплиментите. Веѓите веднаш ѝ се насобраа и рече: „Сериозно? Мене никој никогаш не ми дава комплименти.“

Го кажа тоа со ладна искреност и можам да разберам зошто. Таа работи со скратено работно време во училиштето каде што учат нашите деца. Во останатиот дел од времето, таа е мајка, па многу почесто исполнува обврски низ град заедно со нашите три диви деца.

Па, зошто е оваа недоследност? Зошто мене ме бодрат што сум татко, а Мел не ги добива истите пофалби што е мајка?

Знаете што, не знам ни јас. Ништо од она што ќе го кажам не се темели на социолошко истражување. Немам научни податоци за ова, зборувам од искуство кога велам дека поради некаква причина кога луѓето ќе видат татко да се однесува како татко, чувствуваат потреба да му дадат морална поддршка.

Најголемиот дел од татковците кои ги познавам што сами би ги однеле децата во супермаркет се прилично активни татковци. Тие не се согласуваат со старомодната идеја дека единствена должност на таткото е финансиски да го обезбедува семејството. Тие мијат садови, перат и исполнуваат милион други домашни обврски. И во нашиот дом, јас најчесто сум задолжен за перењето, а Мел менаџира со парите. Не ги делиме обврските според полот, туку според тоа кој е слободен и кој ги има потребните вештини. Најдобро е Мел да раководи со буџетот. Јас со причина учев англиски јазик.

Ако видите татко во продавница со своите деца, тоа значи дека тој е посветен на родителството и на неговото семејство. Тој се интересира да преземе дел од обврските кога е возможно. Тој не е бебиситер. Тој само го прави она што го прави секој добар и активен татко. И тој не прави ништо повеќе од мајката.

Кратко и јасно.

Да бидам искрен, колку и да мразам да ги носам моите деца во супермаркет, тоа што сум активен татко, има многу предности. Поблизок сум со моите деца одошто татко ми некогаш бил со мене. Подобро ги познавам. Ги разбирам нивните желби и потреби. Ги знам нивните гримаси и нивните насмевки. Имам прекрасна врска со сите мои деца, барем така си велам себеси.

И тоа е прекрасно.

Кога ми даваат комплименти секогаш кога ќе излезам со моите деца, се чувствувам како мене да ме ставаат на пиедестал за тоа што го правам она што се очекува да го правам како татко, а како да ѝ удираат шлаканица на жена ми зашто таа го прави истото без да добива пофалби.

Искрено, дали навистина треба да ги возвишуваме татковците само затоа што си ја извршуваат нивната работа?

Комплиментите се прекрасни. Генерално родителството понекогаш може да изгледа неблагодарно, и да, убаво е да добиваш пофалби одвреме-навреме. Никогаш не сум отфрлил љубезни зборови кога ми биле упатени. Но, она што сакам да го сфатиме е кога ќе видиме татко во улога на татко, тој го прави она што би требало да го прави. Кога ќе видите мајка во улога на мајка, таа го прави истото. И двајцата ја вршат својата должност за да израснат добри деца.

Во никој случај не апелирам да им се даваат помалку комплименти на родителите, туку да се изедначат меѓу мајките и татковците.

Следниот пат кога ќе видите истоштена мајка во супермаркет која турка количка за пазарување полна со деца, тргнете ја за ракавот и кажете ѝ дека се справува одлично. Потаму, кажете му го истото на некој татко. Само така е фер.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11953 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.