Почетна » Новости » Занимливости » 15 цитати од инспиративната нобеловка Малала Јусафзаи

15 цитати од инспиративната нобеловка Малала Јусафзаи

Малала Јусафзаи и Каилаш Сатиарти утре официјално ќе ја примат Нобеловата награда за мир на свечена церемонија во Осло, Норвешка.

17-годишната Јусафзаи е најмладиот добитник на значајната награда во историјата. Храбрата активистка од Пакистан отпатувала за Осло со уште пет инспиративни тинејџерки, две од кои беа ранети во нападот на Талибанците кој за малку ќе беше фатален за Малала.

Малала Јусафзаи

Приказната на Малала го трогна светот во 2012 година, а нејзината решителност инспирира милиони лица. Уште од мали нозе таа го обожавала училиштето и пред да биде доволно возрасна за да започне со своето образование, таа ги посетувала часовите на нејзиниот татко учител и внимателно ги слушала сите лекции. Кога имала само 11 години, Малала тајно ги испраќала своите дневници во BBC. Во дневниците таа пишувала за својата земја, за различни секојдневни нешта како тоа дека омилениот розов фустан може да ја стави во опасност, бидејќи Талибанците не ги одобруваат силните бои.

Малала знаела дека нејзините дневници се опасни и се плашела дека еден ден ќе дојде некој да ја замолчи засекогаш. Но, била подготвена храбро да се исправи и да им каже дека она што се обидуваат да го направат е погрешно и дека образованието е наше основно право. Таа била застрелана во главата и вратот во училиштен автобус додека се врќала од училиште. За среќа, обидот за убиство бил неуспешен и Малала била префрлена во Англија каде добила соодветна медицинска помош.

Денес непокорната активистка има своја фондација и бестрашно се бори за остварување на својот сон – образование за секое дете.

Моќни цитати од Малала

Еден ученик, еден учител, една книга и едно пенкало можат да го променат светот.

Ние човечките суштества не сфаќаме колку голем е Бог. Тој ни дал неверојатен мозок и чувствително срце полно со љубов. Нè благословил со по две усни за да зборуваме и да ги изразуваме нашите чувства, две очи за да го видиме светот полн со боја и убавина, две нозе кои чекорат по патот на животот, две раце кои работат за нас и две уши кои ги слушаат зборовите на љубовта. Како што самата јас увидов со моето уво, никој не знае колку моќ поседува во секој орган додека не изгуби некој од нив. (Малала го изгуби слухот во левото уво.)

Малала Јусафзаи

Екстремистите се плашат од книги и пенкала. Моќта на образованието ги плаши. Тие се плашат од жени, моќта на гласот на жените ги преплашува. Затоа убија 14 невини ученици во неодамнешен напад на Квета и затоа убиваат учителки. Затоа уриваат училишта секој ден, бидејќи се плашат од промените и еднаквоста кои ќе ги донесеме во нашето општество. Се сеќавам дека имаше едно момче во нашето училиште кое еден новинар го праша: „Зошто Талибанците се против образованието?“ Тој му одговори едноставно, покажа кон својата книга и рече: „Талибанец не знае што пишува во оваа книга.“

Терористите мислеа дека ќе ги променат моите цели и дека ќе ги запрат моите амбиции, но ништо не се промени во мојот живот освен следново: слабоста, стравот и безнадежноста умреа. Се родија силата, моќта и храброста.

Верувам дека оружјето нема моќ, затоа што оружјето може само да убие. Но, пенкалото може да даде живот.

Малала Јусафзаи

Ако еден маж може да уништи сè, зошто една девојка да не може да го промени тоа?

Кога целиот свет молчи и еден глас станува моќен.

Не си го покривам лицето, бидејќи сакам да го покажам својот идентитет.

Не сакам да мислат за мене како за „девојката која беше застрелана од Талибанците“, туку како за „девојката која се бореше за образование“.

Малала Јусафзаи

Бевме исплашени, но нашиот страв не беше толку силен колку нашата храброст.

Не зборувам за себе, туку за оние без глас. Оние кои се борат за своите права, за правото да живеат во мир. За правото да бидат третирани со достоинство.

Малала Јусафзаи

Јас бев девојче во земја во која се истрелуваат куршуми за да се прослави за син, додека ќерките се сокриваат зад завеса. Нивната улога во животот е едноставно да приготвуваат храна и да раѓаат деца.

Ја сфаќаме важноста на нашите гласови дури тогаш кога сме замолчени.

Малала Јусафзаи

Ја уверив мајка ми дека не ми е важно што лицето не ми е симетрично. Јас, која отсекогаш се грижев за својот изглед, за тоа каква ми е косата! Но, кога ќе ја видиш смртта, работите се менуваат. „Не е важно што не можам да се смеам или да трепкам нормално“ – ѝ реков. „Јас сè уште сум истата Малала. Важно е што Бог ми го даде мојот живот.“

Животот не е само за да примаш кислород и да ослободуваш јаглерод диоксид.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11964 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.