Почетна » Новости » Животни стории » „Џек секогаш ќе биде сакан“: Криси Тиген се отвори за трагичната загуба на бебето во емотивен есеј

„Џек секогаш ќе биде сакан“: Криси Тиген се отвори за трагичната загуба на бебето во емотивен есеј

Криси Тиген со емотивен есеј се отвори за трагичната загуба на бебето и огромната тага.

„Не знаев како да се вратам во реалниот живот, па го напишав ова писмо со надеж дека некако ќе можам да продолжам понатаму, но само што го испратив, солзите започнаа да течат, бидејќи чувството беше толку... финално. Не сакам некогаш да не се сеќавам на Џек“ – вели 34-годишната манекенка, која сподели фотографии од тажниот ден.

На Криси ѝ била дијагностицирана плацентарна абрупција, поради која била хоспитализирана. Целта била да се обиде да го задржи бебето барем до 28-мата недела преку мирување во кревет. За жал, во 20-тата недела Криси била принудена да го роди бебенцето за да не го стави во опасност и сопствениот живот.

Криси Тиген

Со месеци нашите подови беа прекриени со цвеќиња и љубезност. Писмата пристигнуваа и секое од нив беше читано со насолзени очи. Пораките од непознати лица на социјалните мрежи ми ги исполнуваа деновите, а повеќето од нив започнуваа со: „Веројатно нема ни да го прочиташ ова, но...“. Можам да ве уверам дека го прочитав... Ви благодарам на секој од вас.

Еден од запаметливите моменти од тоа утро (или вечер? Немам поим) беше кога јас се движев низ ходниците на породилното одделение и Џон рече: „Што? Има е***а забава тука?“

Нè преместуваа на нов кат, јас бев покриена со тенко ќебенце за да се кријам, знаејќи дека ќе го родам она што требаше да биде 5-тиот член на нашето прекрасно семејство, син, само за да се збогувам моменти подоцна.

Луѓето воскликнуваа од радост и се смееја пред нашата врата, сосема разбирливо за раѓањето на нов живот.

Во тие моменти, веќе бев помирена што ќе се случи: Ќе добијам епидурална и со индуцирано породување ќе го родам нашето 20-неделно момче кое немаше да преживее во мојот стомак (извинете за овие едноставни термини). Претходно, мирував во кревет еден месец, само за да се обидам да го износам малото човече до 28-мата недела, „побезбедна“ зона за фетусот. Докторите ми дијагностицираа делумна плацентарна абрупција. Секогаш имав проблеми со плацентата. Мајлс морав да го родам месец порано, бидејќи неговиот стомак не добиваше доволно храна од мојата плацента. Но, ова ми беше прва абрупција. Ја набљудувавме внимателно, со надеж дека нештата ќе заздрават и дека ќе престане. Во креветот, крварев и крварев, по малку, но во текот на целиот ден. Сама си ги менував пелените на неколку часа кога крвта ќе станеше неудобна...

...Крварењето стана пообилно и пообилно. Течностите околу Џек беа многу малку, тој едвај можеше да плови. Во тој момент, се колнам дека беа толку малку што можев да лежам на грб и да ги почувствувам неговите раце и нозе на мојот стомак.

По неколку ноќи во болница, мојот доктор ми го кажа токму она што знаев дека доаѓа – дека е време за збогување. Дека тој едноставно нема да го преживее ова и дека ако продолжам понатаму, може да не преживеам ниту јас. Пробавме со трансфузија на кеси и кеси крв, секоја од нив минувајќи низ мене како да не сме направиле воопшто ништо.

Една вечер, доцна во ноќта, ми рекоа дека е време да се откажам следното утро. На почетокот плачев малку, а потоа имав тотална конвулзија од мрсули и солзи, мојот здив не можеше да дојде во чекор со мојата неверојатно длабока тага. Дури и додека го пишувам ова, можам повторно да ја почувствувам болката. Ми ставија маска со кислород преку носот и устата и тоа е првата фотографија која ја видовте. Бескрајна и тотална тага.

Криси Тиген

Ги замолив мајка ми и Џон да фотографираат, без разлика колку беше непријатно. Можев да видам дека Џон го мразеше тоа. За него фотографирањето немаше смисла тогаш. Но, знаев дека морам да го запомнам овој момент засекогаш, на истиот начин како што ми требаше да го запомнам моментот кога се бакнувавме пред олтарот, на истиот начин што ми требаше да ги запомнам солзите-радосници по раѓањето на Луна и Мајлс. И апсолутно знаев дека имам потреба да ја споделам оваа приказна.

Не можам да опишам колку малку ми е гајле што ги мразите фотографиите. Колку малку ми е гајле дека тоа е нешто што вие никогаш не би го направиле. Јас го преживеав тоа и одлучив да го направам. Пред сè овие фотографии не се за никој друг освен за луѓето кои го преживеале ова и за оние кои се доволно љубопитни и се прашуваат како изгледа нешто вакво. Овие фотографии се само за луѓе кои имаат потреба од нив. Мислењето на другите воопшто не ми е важно.

Подоцна истата вечер, отидов во бањата, погледнав во тоалетната школка и повторно се скршив. Огромното количество крв ми го покажуваше токму она што го чекав. Беше време.

Не сум сигурна дали некогаш ќе го заборавам искуството. Секогаш сум се смеела колку многу сакам епидурална... но, не и оваа. Лежев таму со часови, чекајќи да ми речат дека е време да напнам...

Криси Тиген

Кога излезе, со мајка ми и Џон го држевме и приватно му ги кажавме нашите последни зборови, мајка ми плачеше додека кажуваше тајландска молитва. Ги замолив сестрите да ми ги покажат неговите раце и нозе кои ги бакнував повторно и повторно. Немам претстава кога престанав. Можеби беа 10 минути или еден час.

Сè што знам сега е дека неговата пепел е во мала кутија која чека да биде закопана во почвата на дрво во нашиот нов дом, оној кој го купивме со соба планирана за него.

Криси Тиген

Луѓето велат дека ваквите искуства прават дупка во твоето срце. Да, дупка беше направена, но беше исполнета со љубов од нешто што го сакав толку многу. Не го чувствувам празен тој простор. Полн е.

Постојано се расплакувам кога помислувам колку сум среќна што имам две ненормално прекрасни мали дечиња кои ја полнат оваа куќа со љубов. Ги задушувам со љубов додека тие ми викаат „Мамоооооо!“. Не ми е гајле.

Секогаш заборавам дека не сум повеќе бремена. Сè уште си го држам стомакот кога се движам. Паничам кога децата ќе ми скокнат на непостоечкиот стомак.

Жал ми е што нашата тага беше јавна, бидејќи и радоста беше. Со возбуда ја споделив нашата вест за бременост со светот. Сториите кои водеа до ова беа достапни за сите. Сега ми е тешко да ги гледам. Бев многу позитивна дека сè ќе биде ОК. Жал ми е што направив да се чувствувате лошо. Секогаш ќе ми биде.

Но, моментите на љубезност беа нешто прекрасно. Отидов до продавница, а касиерката тивко ми стави цвеќе во количката. Понекогаш луѓето ќе ми пријдат со писмо. Најлошиот дел е што знам дека има многу жени кои не ги добиваат овие тивки моменти на радост од непознати лица. Ве преколнувам, споделете ги вашите приказни и ве молам, бидете љубезни кон оние кои ви го отвораат срцето. Бидете љубезни секогаш.

Овие непознати лица секогаш ми кажуваат дека животот ќе продолжи, само на различен начин. Ми велат да не дозволам некој да ми кажува дека ова било „Божји план“ или дека „Ќе имаме друго набрзо“. Благодарение на вас, ќе го блокирам тоа засекогаш.

Се плашам дека на луѓето им е неудобно да ја споделуваат радоста со мене. Моментално сум опкружена со трудничките стомачиња на многу блиски бремени пријателки и можам да ви се заколнам дека ништо не ме прави посреќна. Ја познавам вашата радост и ве сакам.

Го напишав ова затоа што чувствував дека морам да кажам нешто пред да продолжам понатаму и да се вратам на животот. Навистина ви благодарам што ми го овозможивте. Џек секогаш ќе биде сакан. На децата им објаснивме дека постои во ветерот и во дрвјата и во пеперутките кои ги гледаат. Ѝ се заблагодарувам на секоја една личност која мислеше на нас или која ни ја испрати својата љубов и приказна.

Со многу, многу љубов,

Криси

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11008 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.