Почетна » Новости » Животни стории » Емотивна исповед: Ума Турман сподели како абортирала како тинејџерка во знак на поддршка на жените во Тексас

Емотивна исповед: Ума Турман сподели како абортирала како тинејџерка во знак на поддршка на жените во Тексас

Ума Турман со емотивен есеј откри пред светот дека абортирала кога била тинејџерка за да го искаже својот револт против радикалниот нов закон за абортус во Тексас и да ги поддржи жените и девојките засегнати од него.

Во есејот „Законот за абортус на Тексас е криза за човековите права на американските жени“, популарната актерка опиша дека одлуката да абортира ѝ била најтешката во животот, но дека воопшто не била подготвена толку рано во животот сама да расте дете.

Турман, која има три деца, за Washington Post пишува:

Ума Турман

„Ја започнав мојата актерска кариера на 15 години, работејќи во средина во која често бев единственото дете во собата. Во моите доцни тинејџерски години, непланирано забременив од многу повозрасен маж. Живеев во куфер во Европа, далеку од моето семејство и ми претстоеше нова работа. Се мачев да смислам што да правам. Сакав да го зачувам бебето, но како?

Телефонирав дома. Мајка ми беше тешко болна во болница. Татко ми отиде кај неа за да ги дискутираат моите опции. Претходно никогаш немавме зборувано за секс, тоа беше првпат и беше ужасно за сите нас. Ме прашаа за статусот на мојата врска, која не беше возможна и ме предупредија колку е тешко да растеш бебе сама како тинејџерка. Мојата детска фантазија за мајчинството беше длабоко променета додека ги премерував одговорите на нивните многу прецизни прашања. Тукушто ја започнував мојата кариера и немав средства за да обезбедам стабилен дом, дури ни за себе. Како семејство, одлучивме дека не можам да ја продолжам бременоста и се согласивме дека прекинувањето на бременоста е правилен избор. И покрај тоа, моето срце беше скршено.

Повозрасна пријателка во Германија се понуди да ми помогне. Во амбулантата на нејзиниот доктор во Келн ми ставија локална анестезија и абортирав. Лежев на масата додека докторот, кој беше добар човек, ми го објаснуваше секој чекор од процесот. Болеше ужасно, но не се жалев. Внатрешно имав насобрано толку многу срам што се чувствував како да ја заслужувам болката.

Прстите ми беа цврсто преплетени над градите и кога заврши, докторот ме погледна и ми рече: „Имаш убави раце, ме потсетуваш на мојата ќерка“. Тој мал гест на човечност е врежан во мојот ум како еден од најдобрите моменти на сочувство кои ги имам доживеано. Во неговите очи, јас бев личност, јас бев ќерка, јас сè уште бев девојка.

Има многу болка во оваа сторија. Тоа досега беше мојата најмрачна тајна. Имам 51 година и го споделувам ова од домот во кој ги израснав моите три деца, кои се моја гордост и радост. Мојот живот е неверојатен, на моменти исполнет со тага, предизвици, загуба и страв, како и многу други животи, но, исто така е обележан и од храброст и сочувствување. Ги зачнав моите прекрасни, магични деца со мажи кои ги сакав и на кои им верував доволно за да се осмелам да донесам дете на овој свет. Не жалам за патот кој го имам изодено. Им аплаудирам и ги поддржувам жените кои избираат поинаку. Абортусот кој го имав како тинејџерка беше најтешката одлука во мојот живот, одлука поради која патев и која ме растажува дури и сега. Но, тоа беше патот до животот исполнет со радост и љубов кој го живеев. Изборот да не ја продолжам таа рана бременост ми овозможи да пораснам и да станам мајката која отсекогаш сакав да бидам...

... Овој закон е уште една дискриминирачка алатка против оние кое се во незавидна економска положба и често против нивните партнери. Жените и децата од богати семејства ги имаат сите можности на светот и се соочуваат со мал ризик.

Турман го заврши отвореното писмо со силна поддршка на жените во Тексас и изрази жалење што овој закон предизвикува поделби меѓу граѓаните и создава „одмаздници“ кои би ги искористиле обесправените жени и девојки.

Ума Турман

Според новиот Закон во Тексас, забранет е абортусот по шестата недела од бременоста. Многуте критичари на радикалната забрана укажуваат на фактот дека голем дел од жените не ни знаат дека се бремени пред шестата недела и дека е прекратко времето за тие да донесат одлука дали ќе го зачуваат бебето пред да е предоцна. Статистиката вели дека најмалку 85% од абортусите во Тексас се извршени по 6-тата недела, што сега е незаконски.

Противниците на овој Закон се категорични дека забраната за абортус нема да го намали бројот на абортуси, туку само ќе го зголеми ризикот за здравјето на жените, бидејќи тие ќе прават гинеколошки интервенции за прекин на бременоста во небезбедни услови.

Законот им овозможува на граѓаните да ги тужат клиниките, докторите и секој што ќе ѝ помогне на жената да абортира по шестата недела. Секој може да покрене тужба, дури и да ја познава жената која абортира, а како „награда“ по успешна тужба, може да добие 10.000 долари.

Нема исклучок ниту за силување, ниту за инцест.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11200 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.