Почетна » Новости » Животни стории » ВИДЕО: Инспиративниот говор на Лизи, нарекувана „најгрдата жена на светот“

ВИДЕО: Инспиративниот говор на Лизи, нарекувана „најгрдата жена на светот“

Лизи Веласкез страда од редок синдром поради кој не може да ја зголеми својата телесна тежина. 24-годишната девојка никогаш во животот не тежела повеќе од 29 килограми и поради тоа била мета на илјадници негативни коментари кои би ја „скршиле“ и најсилната личност.

Кога била средношколка, на интернет пронашла видео за себе со наслов „Најгрдата жена на светот“. Видеото имало над 4 милиони прегледувања, а под него се ределе ужасни коментари преку кои многумина ја „советувале“ да си го одземе животот.

Лизи Веласкез

За среќа, Лизи успеала да премине преку сите лоши зборови и да се мотивира од негативноста на лицата кои вербално ја малтретирале. „Не можам да гледам од едното око, но можам да гледам од другото. Можеби се разболувам често, но имам навистина убава коса. Дали ќе им дозволам на лицата кои ме нарекуваа чудовиште да ме дефинираат како личност? Дали ќе им дозволам на луѓето кои велеа ‚убијте ја со оган‘ да ме дефинираат? Не. Ќе дозволам моите цели, мојот успех и моите постигнувања да ме дефинираат“ – вели таа во инспиративниот говор.

Лизи си поставила амбициозни цели – да стане мотивациски говорник, да заврши факултет и да стане писателка. Работејќи напорно, таа успеала да ги реализира сите нив. Позитивната девојка веќе работи на третата книга. Преку својата втора книга „Be Beautiful, Be You“ таа им порачува на луѓето дека надворешниот изглед не е важен и дека секој треба да се сака себеси онаков каков што е.

Кога се родила, докторите им кажале на нејзините родители дека таа никогаш нема да може да оди, да зборува или да размислува самостојно. Но родителите без двоумење им одговориле: „Сакаме да ја видиме. Ќе ја земеме со нас дома, ќе ја сакаме и ќе се грижиме за неа најдобро што можеме“. Во говорот кој го одржала во Остин, Тексас, Лизи раскажува дека имала нормално детство благодарение на своите родители и дека сè што постигнала во животот е резултат на нивната грижа и поддршка.

Лизи Веласкез

Сепак, Лизи признава дека не била секогаш толку самоуверена. Кога била помала, секој ден се будела со желбата да изгледа поинаку. „Ми беше потребно долго време за да сфатам што ме дефинира мене. Долго време сметав дека мене како личност ме дефинира надворешниот изглед, мислев дека моите мали нозе, моите мали раце и моето мало лице се грди. Се сметав за одвратна. Ги мразев моментите кога се гледав во огледало додека се спремав за на училиште, мислејќи си дали можам да го избришам синдромот од себе. Си мислев колку би ми бил полесен животот кога би можела едноставно да го истријам од себе... Посакував, се молев и копнеев да станам наутро и да бидам поинаква за да не морам да се соочувам со тие тешкотии. Тоа го посакував секој ден и секој ден се разочарував“ – вели таа во говорот.

Благодарение на поддршката од најблиските, Лизи успеала да сфати дека не смее да дозволи синдромот кој ѝ создавал бројни проблеми да преземе контрола врз нејзиниот живот. „Мојот живот беше ставен во моите раце, исто како што и вашите се ставени во вашите раце. Вие сте личноста која седи на предното седиште во вашиот автомобил. Вие решавате дали вашиот автомобил ќе замине по лош пат или по добар пат. Вие одлучувате што ве дефинира вас“ – вели Лизи.

Кога го открила видеото „Најгрдата жена на светот“, Лизи не можела да ги сопре солзите. Но, потоа сфатила дека најдобриот начин да им врати на сите кои ја исмејувале е да стане подобра, па ги искористила сите негативни нешта како скалила за да се искачи до своите цели. „Ја користев нивната негативност за да го запалам мојот оган и да продолжам понатаму. Користете го тоа. Користете ја таа негативност која ја имате во животот за да станете подобри, затоа што ви гарантирам дека ќе победите“ – вели таа во завршниот дел од говорот.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9529 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.