Почетна » Новости » Животни стории » Анџелина Џоли е во менопауза откако ги отстрани јајниците поради ризик од рак

Анџелина Џоли е во менопауза откако ги отстрани јајниците поради ризик од рак

Анџелина Џоли ги отстрани јајниците и јајцеводите поради висок ризик од рак. 39-годишната актерка и хуманистка, која пред две години ги отстрани двете дојки, сега е во менопауза и повеќе нема да може да има биолошки деца.

Џоли се решила на овој чекор откако одредени тестови покажале дека е можно да има рак во рана фаза. Во деновите додека ги чекала резултатите од испитувањата, таа се обидувала да остане смирена. „Си велев себеси да останам смирена, да бидам силна и дека нема причина да мислам дека нема да ги гледам моите деца како растат и дека нема да ги запознам моите внуци. Му се јавив на мојот сопруг во Франција, кој за неколку часа беше веќе во авион. Убавото нешто во тие моменти е што сè ти е кристално јасно. Знаеш за што живееш и што е важно во животот“ – пишува Џоли во емотивен текст за „The New York Times“.

По темелни консултации со доктори, таа одлучила дека за нејзино добро и за доброто на нејзиното семејство најважно е веднаш да ја направи планираната операција. „Без оглед на хормонската терапија што ја примам, сега сум во менопауза. Повеќе нема да можам да имам деца и очекувам некои физички промени. Сочувствувам длабоко со жените за кои ова доаѓа порано во животот, пред да имаат свои деца. Нивната ситуација е многу потешка од мојата“ – објаснува таа.

Пред две години, Џоли откри дека го носи мутираниот ген BRCA1, кој значително го зголемува ризикот од развој на рак на гради и рак на јајниците. Бидејќи нејзината мајка, тетка и баба починале од рак, таа тогаш реши да си направи превентивна двојна мастектомија.

Анџелина Џоли

Во продолжение прочитајте го целиот емотивен текст на Џоли.

Пред две години пишував за мојот избор да направам превентивна двојна мастектомија. Едноставен тест на крвта покажа дека го носам мутираниот ген BRCA1. Се проценува дека тоа ми го зголемува ризикот од рак на дојка за 87% и ризикот од рак на јајниците за 50%. Ги изгубив моите мајка, баба и тетка поради рак.

Сакав другите жени кои носат голем ризик да ги знаат своите опции. Ветив дека ќе продолжам да известувам со каква било информација која може да биде корисна, вклучително за мојата следна превентивна операција – отстранување на моите јајници и јајцеводи.

Го планирав ова подолго време. Тоа е помалку сложена операција отколку мастектомијата, но ефектите од неа се поголеми. Таа предизвикува принудна менопауза. Па, се подготвував себеси физички и емотивно, ги дискутирав опциите со доктори, ја истражував алтернативната медицина и ги следев моите хормони за замена со естроген или прогестерон. Но, чувствував дека имам уште неколку месеци пред операцијата.

Пред две недели, добив повик од мојот доктор за да ми ги соопшти резултатите од тестовите на крвта. „Твојот CА-125 е нормален“ – рече тој. Издишав со олеснување. Тестот го мери нивото на протеинот СА-125 во крвта и се користи за да се следи рак на јајниците. Го правам тој тест секоја година поради мојата фамилијарна историја.

Но, тоа не беше сè. Тој продолжи: „Неколку од туморските маркери се покачени, а земени заедно, тие може да бидат знак на рак во рана фаза“. Застанав за момент. „Постои ризик од 50 до 75% CA-125 да го пропушти ракот во рана фаза“ – рече тој. Тој побара веднаш да се сретнам со хирург за да ги провери моите јајници.

Го чувствував истото кое претпоставувам го чувствуваат илјадници други жени. Си велев себеси да останам смирена, да бидам силна и дека нема причина да мислам дека нема да ги гледам моите деца како растат и дека нема да ги запознам моите внуци.

Му се јавив на мојот сопруг во Франција, кој по неколку часа веќе беше во авион. Убавото нешто во тие моменти е што сè ти е кристално јасно. Знаеш за што живееш и што е важно во животот.

Истиот ден отидов да се сретнам со хирургот кој ја лечеше мајка ми. Последен пат ја видов дента кога почина мајка ми и нејзините очи се насолзија кога ме виде. „Изгледаш исто како неа“ – рече. Се расплакав. Но, си се насмеавме една на друга и се договоривме дека сме таму да се справиме со секој проблем, па си рековме „ајде да започнеме“.

Прегледот со ултразвук не покажа ништо загрижувачко. Ми олесна, бидејќи тоа значеше дека ако беше рак, тогаш тој беше во рана фаза. Ако беше на друго место во моето тело, ќе дознаев за тоа во следните пет дена. Петте дена поминаа во бунило, присуствував на фудбалските натпревари на моите деца и работев за да бидам смирена и фокусирана.

Дојде денот за резултатите. Скенирањето ПЕТ/КТ изгледаше чисто, а тестот за тумор беше негативен. Бев исполнета со среќа, иако поради радиоактивниот трасер во тие моменти не можев да ги прегрнам моите деца. Сè уште постоеја шанси да станува збор за рак во рана фаза, но тоа не беше ништо во споредба со веќе развиен тумор. Сè уште имав можност за да ги отстранам моите јајници и јајцеводи и избрав да го направам тоа.

Не го направив тоа само заради тоа што го носам мутираниот ген BRCA1 и сакам други жени да го знаат тоа. Позитивен тест за BRCA1 не значи веднаш да се скокне кон операција. Разговарав со многу доктори, хирурзи и натуропати. Има и други опции. Некои жени земаат контрацептивни таблети или се потпираат на алтернативната медицина во комбинација со редовни прегледи. Постои повеќе од еден начин за да се справите со кој било здравствен проблем. Најважно е да ги проучите опциите и да го изберете она што е најдобро за вас лично.

Во мојот случај, сите доктори со кои се сретнав се согласија дека операцијата за отстранување на моите јајцеводи и јајници е најдобар избор, бидејќи освен што го носев генот BRCA1, три жени во моето семејство умреа од рак. Докторите ми укажаа дека треба да направам превентивна операција една деценија пред појавата на рак кај моите женски роднини. Кај мајка ми ракот на јајниците беше дијагностициран кога таа имаше 49 години. Јас имам 39 години.

Минатата недела, ми беше направена лапароскопска билатерална салпинго-офоректомија. Имаше мал бениген тумор на едниот јајник, но немаше знаци на рак на другите ткива.

Избрав да ја зачувам матката, бидејќи ракот на тој орган не е дел од мојата фамилијарна историја.

Не е возможно да се отстрани сиот ризик и факт е дека сум подложна на рак. Ќе барам природни начини за зајакнување на мојот имунитет. Се чувствувам женствено и сметам дека донесувам разумни одлуки за мене и за моето семејство. Знам дека моите деца никогаш нема да треба да речат: „Мајка ми почина од рак на јајниците“.

Без оглед на хормонската терапија што ја примам, сега сум во менопауза. Нема да можам повеќе да имам деца и очекувам некои физички промени. Но, не се тревожам за она што доаѓа, не затоа што сум силна, туку затоа што тоа е дел од животот. Нема за што да се плашам.

Сочувствувам длабоко со жените за кои ова доаѓа порано во животот, пред да имаат свои деца. Нивната ситуација е многу потешка од мојата. Дознав дека има можност жените да ги отстранат јајцеводите, но да ги задржат јајниците за да можат да имаат деца и да не влезат во менопауза. Се надевам дека се свесни за тоа.

Не е лесно да се носат вакви одлуки. Но, возможно е да се преземе контролата и директно да се соочиш со секој здравствен проблем. Бараш совети, учиш за опциите и го правиш изборот кој е најдобар за тебе. Знаењето е сила.

Анџелина Џоли
Анџелина со мајка си МаршелинАнџелина со нејзината мајка Маршелин, која почина од рак на јајниците во 2007 година Анџелина Џоли и Бред Пит Анџелина Џоли и Бред Пит

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11104 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.