Започната е иницијатива за подигнување на споменик во Струмица за тапанарот од ДНК и останатите жртви во пожарот во Кочани.

Димитар Ѓоргиев, братот на трагично починатиот тапанар од групата „ДНК“, Ѓорѓи Ѓоргиев, ја покрена кампањата за собирање 30.000 евра. Споменикот ќе биде изграден во чест на Џоко и на останатите 61 лице кои починаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ на кобниот 16 март 2025 година.

Планирано било споменикот да биде поставен на плоштадот, а за неговата изработка бил ангажиран уметникот Митко Тошев.
Во апелот на Фондацијата „Павел Андреев“ стои:
Џоко Ѓоргиев имаше само 24 години - млад музичар со големо срце и талент што ги допираше сите околу него.
На една обична вечер, на еден обичен настап, трагично ја изгуби битката со огнот свирејќи, давајќи љубов преку тапаните токму како што секогаш знаеше. Огнот можеби го зеде неговото тело, но не и споменот, музиката и љубовта што ни ги остави. Како феникс, тој остана да лета меѓу нас во нашите сеќавања, во секој тон што ќе не потсети на него, во секоја искрена емоција што ја остави зад себе.
Ние сакаме таа искра да живее засекогаш.
Затоа започнуваме иницијатива за подигнување на споменик во чест на Џоко Ѓоргиев - во неговата родна Струмица, и во чест на сите 62 згаснати ѕвезди.
Споменик не на загубата, туку на вечниот препород.
Да не дозволиме неговото име да се заборави. Да се обединиме како негови пријатели, како негови сограѓани, како поединци што веруваат во музиката и човечноста.
ТОЈ СВИРЕШЕ ДО САМИОТ КРАЈ.
ДА НАПРАВИМЕ НЕГОВИОТ УДАР НА ТАПАНОТ НИКОГАШ ДА НЕ ЗГАСНЕ!
