Доналд Трамп ја шокираше јавноста со официјалната изјава дека употребата на Tylenol (парацетамол) за време на бременоста се поврзува со зголемен ризик од аутизам. Научниците остро реагираа, посочувајќи дека тоа не е поткрепено со докази.
Претседателот на САД предупреди дека трудниците треба да го избегнуваат примањето на ацетаминофен, продаван во САД под брендот Tylenol, а кај нас познат како парацетамол, освен ако не е медицински неопходно.


„Не земајте Tylenol. Ќе ви биде неудобно, можеби нема да ви биде толку лесно, но не го земајте. Ако сте бремени, не земајте Tylenol. И не го давајте на бебето откако бебето ќе се роди“ – рече тој.

Трамп посочи дека случаите на аутизам во САД се зголемиле за 400% во изминатите неколку децении. Но, многу експерти веруваат дека причината за зголемените бројки е што докторите и родителите се поинформирани за аутизмот.
Препораките на Трамп предизвикаа бурни реакции од здравствени експерти и научната заедница, кои го нарекоа ваквото поврзување „опасно“ и „научно неосновано“. Тие изразија загриженост дека бремените жени од страв нема да ја третираат болката или високата температура што ги доведува во ризик неродените бебиња.
Производителот на Tylenol ги негираше тврдењата на Трамп, инсистирајќи дека тој лек е најдобрата опција за намалување на температурата и болката кај трудниците.
