Почетна » Колумни » Сензорни авантури » Едно е, ама како да се три

Едно е, ама како да се три

Дали некогаш сте се почувствувале вака?

Јас да, баш кога бев мајка само на едно дете.

Дете

На моменти се чувствував толку беспомошно и имав чувство дека што и да направам е погрешно. Дека секој мој пристап, секој мој обид, завршува со неприфаќање или некаков револт од нејзина страна. За најбаналните работи, барем во моите очи, ти се чини „крај на светот“ и плачки и солзи.

Денес, често слушам „алал да ти е, како успеваш сè да постигнеш“.

Искрена да бидам некогаш ме фаќа срам, не знам како да реагирам или што да речам, посебно што од денешна перспектива, не се чувствувам дека правам нешто невозможно.

Денес имам три деца, да. Не ги гледам како шест, ниту како девет. Туку баш како три.

Секое има свој карактер, свои желби, свои афинитети и свои потреби. И тоа им е единствено заедничко нешто.

Сите се разликуваат и се дијаметрално различни и во однос на нештата кои ги обожаваат и преферираат, во однос на навиките кои ги поседуваат, начинот на кои ги прифаќаат новитетите и на коj учат.

Јас едноставно се прилагодувам на нив и давам сè од себе за едно балансирано секојдневие.

Не се мала армија роботчиња кои секоја моја „желба“ беспрекорно ја исполнуваат.

Има и плачки, има и караници, по некој тантрум и баш сè што е типично за дете на таа возраст.

Сосема е ок.

Оти сега сфаќам дека е нормално, дека е фаза, дека е само дете.

Кога треба гушкам, кога треба игнорирам и чекам да помине, некогаш зборувам „додека устата пена не ми фати“. Ја знам секоја од нив три и знам како соодветно да реагирам во даден момент и ситуација.

Претпоставувам дека единствено заедничко нешто на сите дечиња е дека имаат енергија, и тоа на тони.

Од нас зависи како ќе ги насочиме и како ќе ја искористиме истата.

Дете

Што се промени?

Сменив гледиште на некои работи, начинот на кој реагирам и ги прифаќам нештата и пред сè воспоставивме една рутина која ни одговара на сите.

Кога доаѓа до моментот кога се помислува дека е едно ама како да се три?

Досадата знае да ја разбуди креативноста кај децата и потребно е да им го дозволиме тоа. Но, да бидеме внимателни и точно да го процениме моментот кога на детето му е потребна активност и занимација за пополнување на времето и задоволување на неговите моментални потреби.

Детето може на начин, типичен за него и неговата возраст, да манифестира и покаже дека има вишок енергија која е потребно да ја потроши. Доколку не му го овозможиме истото, преку активност надвор од домот, или соодветна алтернатива во домот со соодветни справи, може да дојде до активности и движења кои некогаш и не се баш безбедни. Ние мислиме дека „збеснуваат“ низ домот, а всушност тие на баш детски начин ни покажуваат што е тоа што им е потребно.

Детето може да одбива да игра со многуте играчки кои сме ги купиле, сè да заврши на подот и да настане хаос за кој добиваме впечаток дека е дело на една мала група деца, не само едно.

Некој рекол дека детето треба само да игра, само да истражува, само да учи и само да доаѓа до заклучоци и идеи што сè може со таа играчка. Тој некој рекол, но неговото дете очигледно не е исто како моето, вашето или некое трето. Некои деца едноставно ја немаат концентрацијата или мотивацијата да седнат и сами да играат додека ние го пиеме кафето. Потребно е да седнеме на подот со нив и да ги придружуваме во таа игра, барем сè до моментот кога ќе почувствуваме дека се спремни самостојно да продолжат.

Овие два примери, проблемот со вишокот на енергија и задржување на внимание и концентрација, беа најчести кај нас и успеавме да ги надминеме баш на овој начин.

Дали можеби помисливте на друга ситуација?

Јас верувам дека доколку една активност ја понудам кај група деца, успешна би била само кај дел од нив.

Не се сите деца од ист калап, па не ни покажуваат подеднакви афинитети и склоност кон активности од одреден тип. Да не заборавиме и дека кај голем дел едноставно не би била соодветна за нивната точна возраст, бидејќи кај мало дете и неколку месеци знаат да направат чудо.

Токму индивидуалниот пристап кон секоја активност и можноста да ја прилагодам истата кон афинитетите, желбите, но и потребите на детето, е клучна.

Во моментов се соочуваме со прилично тешки моменти и непредвидлива иднина поради моменталната ситуација со Корона. Да се обидеме заеднички, со децата, да се активираме и секоја игра и активност максимално да ја прилагодиме кон нив. Знаејќи ги нивните интереси и карактер, ние можеме да го одбереме најдобриот пристап за истите да бидат прифатени и успешно изведени.

Доколку сте во потрага по различни идеи и активности за анимирање на дечињата, во домот но и надвор од него, погледнете на #dabidemekreativnipredizvik.

Последната тема, листови, ја искористивме за лов на различни есенски богатства и многу активности со нив.

Дете Дете

Активно ја истражувавме природата, лепеа, боеја, креираа и сортираа. Секој според своите интереси и желби, и сето тоа со листови.

Дете Дете Дете Дете Дете Дете

Се надевам дека ви се допаднаа нашите креации и ќе бидат мал поттик за една ваша авантура. Верувам има за сите по нешто.

Автор: Oursensoryfamily
Мајка на три мали девојки и водич на едно незаборавно детско патување низ светот на сензориката. Секојдневие исполнето со неуморно истражување на природата и негување на љубовта кон животните, практикување на најразлични екперименти и DIY проекти, многу игри и забава.
Во постојана потрага по балансот во животот.
Длабоко верува дека со работа, труд, упорност и трпение можни се и чуда.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11117 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.