Почетна » Колумни » Сензорни авантури » Воспитување на мали деца: Консеквенции и казни

Воспитување на мали деца: Консеквенции и казни

Една од дискусиите кои често се актуелни помеѓу нас, родителите, е секако околу казнувањето на децата.

ЗА или ПРОТИВ казни и евентуалните видови казни доколку родителот се одлучи за истите.

Морам да нагласам дека јас, лично, сум апсолутно против употреба на насилство како вид на казна врз детето.

Покрај казните, како поактуелни, денес сакам да го ставам акцентот на еден друг важен момент, консеквенциите.

Дете

Консеквенции

Консеквенција не е казна, иако често се поистоветува со истата. Тоа е само логичен тек на настаните после некое дејствие.

Голем број студии покажале дека казните немаат никаков, или барем не значителен, ефект кај децата при согледување на фактот зошто нивното однесување било погрешно.

Напротив, казната често го одвлекува вниманието од првичната намера и цел и често придонесува детето да се чувствува погрешно третирано, бесно или тажно.

Казни и консеквенции – која е разликата?

За разлика од казната, која е поврзана со определена забрана или одземање на некој благодет/предмет, консеквенцијата е секогаш поврзана со самото (неправилно) однесување на детето.

Казната може да предизвика тага, но и чувство дека не е сакано детето, па да го прилагоди своето однесување без вистински да ја сфати причината за казната, голема е веројатноста истото да го повтори.

Консеквенциите имаат за цeл детето да добие увид за последиците од определено однесување. Да сфати дека само е одговорно за евентуалните последици кои се дело на неговото однесување.

Во вториот дел од текстот, ќе набројам неколку примери од секојдневието за посликовито да биде прикажано диференцирањето помеѓу истите. Истовремено ќе споделам и моменти како една консеквенција може да има позитивен исход за детето, иако тоа воопшто не ни било целта и можеби било сосема ненамерно и на жалост, може да биде основа за континуирано неправилно однесување од страна на детето.

Пример за диференцирање помеѓу консеквенцијa и казна:

Детето одбива да ја раскрене собата во која играло.

За казна, родителот одлучува да му го скрати редовниот пола час ТВ.

Доколку родителот сам ја раскрене собата, консеквенцијa е прескокнување на вечерниот ритуал со читање книга во кревет, бидејќи времето за истото родителот го поминал во раскревање на собата.

Видови консеквенции

Во пракса се познати два вида на консеквенции, позитивни и негативни.

Од огромна важност за детето, од најмала возраст, e да ги научи истите, односно какви консеквенции предизвикуваат неговите постапки. Со тоа се поставуваат темелите на подоцнежното однесување во текот на животот.

Позитивните консеквенции би можеле да ги опишеме како мала награда или прекин на претходно воведената казна доколку истото се практикува, додека негативните консеквенции би можеле да ги претставиме како воведување на казна или отсуство на награда поради стореното.

Пример 1:

Во градинка едно дете при играта намерно го удира столот од подот и истиот се крши. Воспитувачката со строг тон го упатува кај хаусмајсторот за да го однесе столот и истиот да биде поправен.

Хаусмајсторот го забележува истото и му предлага на детето заеднички да го поправат.

Што мислите, какви консеквенции има ова за детето?

Позитивни секако, иако претпоставувам дека првичниот план на воспитувачката не бил тој.

Мислам дека огромна забава и остварување на една голема желба на детето е баш да помага при поправки, да лепи, подава шрафови и сл. Детскиот мозок како консеквенција за едно лошо однесување добил сигнал дека иако постапил лошо, на крај добива забава.

И да, нема да нè чуди доколку истото го повтори.

Дете

Пример 2:

Две деца, Филип и Јован (рандом имиња) си играат во игралната.

Филип ја здогледува играчката на Јован и посакува да си игра со нејзе.

Најчести се трите варијанти:

  1. Филип се приближува срамежливо кон Јован, седнува во негова близина и спонтано децата остваруваат контакт, дури и без да кажат збор.
  2. Другата варијанта е Филип се доближува до Јован и директно го прашува дали може да ја добие играчката или пак заедно да си играат.
  3. Е третата варијанта, онаа за која би сакала подетално да говорам, е кога Филип насилно ќе се обиде да ја одземе играчката на Јован.

Доколку последниот случај никој не го забележи или родителот едноставно го игнорира однесувањето на детето, што мислите, каква консеквенција ќе има за Филип?

Позитивна, на жалост.

Бидејќи го добил тоа што го сакал и истото било наградено со тоа што играчката е во негови раце. И да, истото ќе го прави повторно и повторно.

Пример 3:

Го земаме детето од градинка и ја прашуваме воспитувачката како поминал денот. Како одговор на прашањето добиваме дека детето било целоснo некооперативно, фрлало работи низ просторијата и не сакало да раскрева.

Честа реакција на родителот во тој момент е дека нема TВ кога ќе се вратат во домот, односно мала казна.

Но растојанието помеѓу настанот и казната која родителот сака да ја спроведе е толку големо што детето, помалите посебно, нема да ја сфати на начин како што посакал родителот. Вечерта ќе биде толку фиксирано на казната што нема да ја сфати консеквенцијата и меѓусебната логичка поврзаност.

2-3 минути е најидеален момент за детето да ја сфати логичката поврзаност и консеквенцијата од сопственото однесување.

Казнувањето кое родителот ќе го спроведе во овој случај нема никаков ефект.

Пример 4:

По доаѓање од училиште, на децата им се дава опцијата по кратката пауза и одмор прво да го завршат домашното, потоа да играат, или прво да играат, а потоа да го завршат домашното. Иако ќе им се нагласи на децата дека доколку го остават домашното за второ веќе ќе биде доцна, дека ќе бидат уморни, дека нема да имаат концентрација, секако дека одговорот на мнозинството ќе биде идентичен.

Прво игра и забава, потоа домашно.

Оние консеквенции за кои ние им зборуваме дека ќе се случат подоцна, тие сè уште не можат вистински да ги преработат како информација.

Детето е потребно да го сфати логичниот редослед на настаните за консеквенциите да имаат смисла и позитивен ефект врз понатамошното однесување.

Да не заборавиме, да бидеме добар пример за децата. Да го правиме и ние самите она што го бараме од нив.

Автор: Oursensoryfamily
Мајка на три мали девојки и водич на едно незаборавно детско патување низ светот на сензориката. Секојдневие исполнето со неуморно истражување на природата и негување на љубовта кон животните, практикување на најразлични екперименти и DIY проекти, многу игри и забава.
Во постојана потрага по балансот во животот.
Длабоко верува дека со работа, труд, упорност и трпение можни се и чуда.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11129 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.