Почетна

Еден ден сите ги држиме телата на просјачки стап

Седам на ледена тераса на 23-ти спрат во стаклена зграда во Мумбаи и се прашувам што прават сега моите дома. Небото во Индија е исто како и дома.

Сè ми изгледа некако нереално, душата ми се стега, сонлив обрач сонот пекол го прави. Далеку сум, зошто така одлучив.

На почеток минуваа само денови, па месеци, за да денес се свестам и точно израчунам колку всушност време не сум таму каде што мислам дека треба да сум. Дома. А таму не сум веќе 6 најдолги години. Во тие години никогаш не се будев во својот детски кревет, ниту со утринско турско кафе од мајка ми пред да отиде на работа, ниту пак ги вкусив палачинките на баба ми. Предалеку отидов од дома, го немам мирисот на темјанушките од дворот. Исчезна и утринската миризба од маслинките на татко ми. Така одлучив. И зошто да кукам и да се жалам? Но, не можам поинаку.

Тажна жена

Додека мајка ми лупи пиперки за ајвар во септември, и комшиките ѝ помагаат, па дури и тетка ми и баба ми која одвај гледа, јас само можам да сонувам за таа весела дружба. Растам, иако веќе порасната, во сосема различна дружина, таа која ми е нафрлена, а не одбрана, и вештачки насмеани лица, само се преправаат дека те разбираат. И не дека сакаш, туку мораш да се поистоветуваш, да станеш и ти како нив, да разговараш за политиката на Обама, за терористичките напади, за озонската дупка, за нафтени полиња и акциите на берзата, за билион бројки и факти и да се натпреварувате кој повеќе знае, додека твоите... твоите и да не зборуваат за љубов и духовен мир, ти ги живееш со нив.

Тука луѓето веруваат во Буда и нивните жени не шеткараат по кафулиња со другарките. Тука жените послушно мрдаат со главите како кукли со скршен врат. Тука на улица може во секунда да ти згасне животот кој си го негувал како бубамара на дланка. Луѓето живеат како кучиња. Жално е и доста трагично во сиромашните делови на градот. Затоа што кога одиш по улица сите тие грешни души сакаат да те допрат, го пригушуваат твојот обрач на интимност, не секогаш гледаат некој како тебе, надвор од нивното секојдневие, сакаат да го допрат тоа што не им припаѓа. Луѓе без очи, нозе или раце. Каква ли само судбина ги снашла? Кој ли заслужил такво мачење? Секој ден, на скоро петмина, и секогаш различни луѓе-нелуѓе, ги трошам своите рупии. Не, не ги трошам, ги давам од цело срце и душа, не можам да ги гледам, ме снемува со секој нивен поглед.....

Се згрозувам.

Го барам фамозниот компот од сливи на мајка ми да ме развесели. Само уште една тегла. Каков смешен збор е тегла. Смешна е и мајка ми кога ги сецка сливите и зборува глупости и заборава, зошто заборавила да се напие климактин утрото, а татко ми ја зафркава. Го слушам батко како ја отвора последната кеса стоби флипс, а сестра ми веднаш се нацртува до него.

Но, бесценети се тие мигови.

Тие мигови кога ќе ја испееш цицибари и ќе те врати на тоа место каде детството е црвени балони, игра и палачинки. Каде сè е како што секогаш сакаш да биде, мижитатара и пикник на 1-ви Мај. Таму каде што за жал, секој сака да се врати. Денес, најмногу јас.

Некаде прочитав, „Човек и кога патува некаде далеку, не може да избега од себе... А можеби и патува само да избега од себе?"... Јас не бегам, така одлучив.

Денес иако далеку од дома, сакам само уште еднаш да се разбудам во тој свет, единствен, најприроден, најдрагоцен. Еден едноставен, дури и досаден жежок ден на терасата, со мама, тато, бато, сестра ми и сите најмили и да се сетиме на тие што некогаш беа со нас и да се радуваме на тоа што следува.

Вечерва заспивам само за да се разбудам утре во тој свет. Копнеам по таа весела дружба. И нема да згаснам дури не ја насмеам оваа дружина уште барем неколку пати.

Зошто без вас, јас газам по ова клето индиско тло на просјачки стап, иако имам сè.

Ве сакам.

Со почит, вашата бандини.

Автор: Јустинијана Орлеана
Јустинијана или Јустиција Орлеана е 30-годишна девојка – жена која непоправливо се бунтува за правда, предрасуди, права и правила, залудно. Зборува наопачки. Течно. Верува во љубов и здрава свест, го обожава убавиот збор и вечно ќе шкртка и претвора магични мигови во поезија. Голем алтруист е, ужива во митолошките приказни, а малите човечиња ѝ го прават животот магичен.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11126 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.