Почетна » Колумни » Мирисање оригами » (Пред)матурско лудило
Мирисање оригами

(Пред)матурско лудило

Полнолетството обично го означува прагот помеѓу тинејџерските години и сериозноста, која како сируп во големи дози е препишана за понатаму.

Матурата е само еден дополнителен зачин кој има за задача – да ве одврати од предвремено консумирање на сирупот.

Тоа е треска која предизвикува долго бладање и уште подолго закрепнување (на паричникот).

Барем кај нас е така, а за останатите нормални земји не можеме да гарантираме.

Девојка на матурска прослава

Американските филмови акцентот го удираат на цветен аранжман околу раката, безброј фотографии на партнерите и скромна прослава, за чија декорација и тема се погрижиле самите ученици, обично одржана во фискултурната сала на училиштето.

Будали луѓе. Нека дојдат кај нас и нека видат како се прави тоа – 16 пати поголемо.

Приказната започнува веднаш после регуларните јануарски празници. Некаде на почетокот на февруари, момичињата се во блага паника – „Леле, што ќе облечам за матура?“

„А каква ќе ми биде косата на сликата од матурското табло? Да ја навиткам или да ја исправам?“ „Колку сум дебела, сакам да умрам мамо!“

Екстремните подготовки вклучуваат исцрпувачки диети, посета на салони за слабеење и брзо санирање на вишокот килограми, бидејќи тој величествен матурски ден котира многу високо во животот на една девојка – веднаш под свадбената свеченост.

Сакав да ги наречам родителите кутри, но сега сфаќам дека сум во заблуда.

Не покажувам милост со зборовите кон нив, бидејќи се главни и одговорни режисери на овој матурски филм, од жанрот хорор.

Под изговорот „Абе еднаш се случува во животот“ (тоа ли е навистина легитимен изговор, да не сакаш 3 пати да ти биде детето матурант случајно?) си дозволуваат дополнително да ја замрсат и онака заплетканата финансиска ситуација која владее во секое второ домаќинство.

Момичето не може да се реши од 138985 бутици низ Македонијава, па презема радикални мерки: тргнува на прошетка слична како во Бал-кан-кан, додека не го најде тоа фустанче од соништата, со пердуви и светки, сомнително деколте, отворен грб и должина која може да се помеша со носење ремен.

Вистинско матурско кукле – со три слоја шминка до степен на непрепознатливост, тен со боја на презреано морковче директно од солариумскиот ковчег, вештачки трепки, фризура-сарма, гелни нокти, додатоци и ѕинѕурци кои чинат мало богатство.

Врв на прославата – е веројатно соблекувањето на штиклите и босоного вртење на орото.

Во тој момент искрено не ги сфаќам сите потресувања и подготовки, кога се решаваш боса да играш низ салата со другарките. Си можела да тргнеш без чевли уште на почетокот, наместо да ѝ создаваш 17 дена константна мигрена на мајка ти, додека да ги одбереш вистинските.

Додека младичите и момињата го прославуваат врвот на својата досегашна животна кариера – завршување средно образование, јас сум заглавена на помпезна прослава, која слободно може да се помеша за свадбена. Недостасуваат само младоженец и невеста.

Околу мене се меша музиката од бендот, 150 најблиски гости разнесуваат скапи подароци, се буткаме околу чоколадната фонтана, славиме без главната улога, бидејќи матурантката е одамна замината. Не успеавме да ја видиме, ама добро, ќе ни достават фотографија.

Да би не видел некој странец, тешко дека би можеле да му објасниме што точно прославуваме.

Веројатно би се фатил за глава и со трчаница би побегнал од ова лудило.

Но добро, се согласивме дека се случува еднаш, па вреди да ги мизеруваме следните две години од животот во име на светиот чин матура.

На сите матуранти – ви посакувам прекрасна и незаборавна вечер. Обидете се да бидете свои, облечете нешто во кое ќе ви биде удобно. Заслужувате вечер за паметење, бидејќи изминатите месеци вредно сте работеле на екстерните испити и идејата за тоа каде ќе го продолжите образованието е веќе разработена и запечатена одлука.

Направете за промена еден мал, но истовремено голем револуционерен чекор: купете фустанче кое ќе може да го облечете и по матурската прослава.

Автор: Трендафилка
Дупла скорпија, со две зелени очишта и коса чија боја варира според расположението и временските непогоди.
Мразам луѓе кои доцнат, немиени мрсни коси и турски сапуници.
Добрите книги ги грицкам со глад и не ги зајмувам никому.
Вљубена до ножните прсти.
Неправедно доживувана како разгалено дете единче.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11092 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.