Почетна » Колумни » Мирисање оригами » „Весела сум свекрва“
Мирисање оригами

„Весела сум свекрва“

Кога и да ја слушнам оваа песна на некоја свадба, ме удира наплив на невидена смеа. „Весела сум свекрва“. Каков оксиморон. Навистина, кој ја порачува песнава? Некој што сака да ја буцка мајката на младоженецот или можеби самата свекрва има желба да го слушне ова мини-музичко уметничко дело?

Баба ми од источниот дел барем си беше искрена на оваа тема: Јас најубаво си проживеав откако умре свекрва ми, додека не станав свекрва.

Мојата листа на кошмарни доживувања, покрај детски роденден во игротека, Ким Кардашијан во трудничка облека и нова песна на Гулабица, ги вклучува и македонските свадби.

Кога и да го добијам тоа мало картонче кое треба да ја означи прославата на најсреќниот ден во животот на двајца млади, мене желудникот ми игра брејк денс.

Зашто знам што ќе ме очекува. Си бил на една свадба, си бил на 100 во принцип.

Сите се исти.

Свадба

Невестата по правило треба да блеска во најзначајниот ден од животот. И навистина блеска со заслепувачки сјај, половина ми се непрепознатливи со тој нашлапан тен и бронзер, трепки до образите, барби карминчиња, сомнителни фризурчиња.

Може ли некој да ми објасни која е поентата да се носат вештачки нокти, а невестичево носи ракавици? Да направиш фризура несоодветна на обликот на твоето лице, твојот стил кој го негуваш?

Едноставно, да не бидеш ти. Тоа ли е поентата?

Велат дека адетите се традиција која треба да се почитува и негува. Што е за почитување фактот што момата живее со мажево веќе 3 години во заедница, а на денот на свадбата се враќа дома, чека зад затворена врата да ја побараат и глуми недостижна? Лудило.

Се даде мори моме, доцна е сега да се криеш позади вратата.

Во ресторанот сме. Зевам уште пред да започне трагедијата во 5 чинови: ордевер, пирошка, главно јадење и торта. Кулминација: Фрлање букет.

Впрочем, некаде прочитав дека единствената разлика помеѓу матура и свадба – е една пирошка.

Поточно и не може да биде.

Двете вљубени гулапчиња стојат на влезот и се прават како да не ги гледаме, додека ја чекаат специјалната најава, да пуштат чекор на патеката со рози покрај запалените факели.

И ние се правиме наудрени, божем ја имаат невидливата наметка на Хари Потер врз себе. Не ги гледаме бре.

Си рошкаме по чиниите за салата, веќе сме кај втората ракиичка кога конечно следи најавата.

Влегуваат, а ние аплаудираме со воодушевување. Сјајно.

Претходно веќе сме се обложиле која ќе биде првата песна. Од овој ден или Time of my life.

За малку го изгубив облогот. Кој би рекол дека Владо Јаневски ќе го доживее врвот на својата кариера по свадби, рамо до рамо со култниот Dirty Dancing?

Дали списокот со свадбарски песни тајно се предава од една на друга свадба? Имам чувство дека секаде, секогаш се свират истите песни. Со истите најави и истото темпо.

Шарено оро со виснати „свадбарки“ (тоа е она салцето што скока веднаш под раката во ритамот на музиката), кичести фустани и лоши парфеми се мешаат во воздухот.

Се ужаснувам од моментот кога ја сечат тортата за посладок брачен живот и инстинктивно се шлапаат со крем по носињата. Па го тргнуваат слаткиот фил од носот на партнерот со сочен бакнеж кој задолжително вклучува јазик.

Ма има ли нешто почукнато од ова? Чувствувам дека рожниците ќе ми експлодираат, како да ми истурил некој солна киселина врз очите.

Пробувам да ги избришам овие ментални слики што поскоро.

Време е за букетот, по правило сите околу мене ме тераат да се стројам, а јас се влечам бавно, и обично се кријам на крајот од „опашката“, додека некој строен ерген од 42 години со пивско меше скока како млад, зелен мајмун низ салата и извикува: Го фатив, го фатииииив!

Ма оди фати си некое дотерано момиче во фустанче со ефект диско-топка човеку, гледај колку ги има, не туку се буткај за букетот.

Свадба како свадба, реалноста е дека не можеш да измислиш топла вода.

Ама можеш да се потрудиш да бидеш малку поинвентивен, да внесеш свој печат на тоа доживување.

Сакам да ги слушнам песните кои им се допаѓаат на младоженците, внимателно ги одбрале и навистина им значат.

Никому не му се потребни обилни порции месо, ниту твојот грандиозен влез во салата.

Луѓето сакаат насмеани лица, сакаат искрена и инвентивна забава, не шаблонска прослава во која слепо ќе следиш некои утврдени „правила“ и ќе седиш намуртена, зашто ти се скршило нокте или зашто свадбените мафини ти се погодиле жолти, наместо розови.

Автор: Трендафилка
Дупла скорпија, со две зелени очишта и коса чија боја варира според расположението и временските непогоди.
Мразам луѓе кои доцнат, немиени мрсни коси и турски сапуници.
Добрите книги ги грицкам со глад и не ги зајмувам никому.
Вљубена до ножните прсти.
Неправедно доживувана како разгалено дете единче.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11175 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.