Почетна » Колумни » Мирисање оригами » А имаш ли дечко?
Мирисање оригами

А имаш ли дечко?

Да се преброиме, кренете рачиња колкумина го дочекавте ова прашање со кнедла во грлото, со заруменети обравчиња, со нервозно аргументирање, со вешто дебатирање.

Зениците ми се шират, ококорена сум, дланките ми се потат, мозочето ми зуи, устата ми се суши. Навидум едноставно, а толку комплицирано прашање, позагадочно и од загатката на Сфингата. Имаш ли дечко?

Првпат ми го поставија додека бев во прво одделение. Тогаш среќно и како од пушка одговорив – Имам.

Ах, убави времиња, сè беше толку едноставно и лесно, се викаше Денис, седеше во првата клупа и му нацрта торба на мојот кутар поштар на часот по ликовно, зашто јас не знаев како да ја вметнам преку неговото рамо. Торбата беше за никаде, ама гестот чиста романтика. Како да не го сакаш? Како да не ти биде дечко, ајде кажи сега.

Пар

Во пубертетските години ова моќно прашање беше дочекано на нож. Имав и не сакав да кажам дека имам, срам ми беше, се чувствував глупаво, чудно и предавнички, оти си имам дечко со кого се држиме за рачиња и ме испраќа до дома.

Трагедијата следеше подоцна. Прашањето демнеше од секој можен агол – и од познати и непознати. Луѓето некако изгубија волја за она стандардното – „Ама ти некако си ми се поправила, м“?

Тоа злокобно прашање сега беше хит: „А дечко“? Дури и скратена верзија му измислија, некогаш и само именката ја слушав, без тоа почетно А.

Се изморив од одговорот – Немам, немам, немам, каде да го најдам?! Се купува ли од некаде?

Почнав да избегнувам роднински средби и софри, зашто прашањево без одговор ме доведуваше до лудило. Тие беа некако најревносно засегнати за мојот статус кво. Живеев и доживеав дури и баба ми да ме запраша што е со мојата сексуална ориентација. Да не случајно сум фрлила окце на некое момиче?

Следуваа затапени и уште помрачни години кога стана уште потешко да се дефинираш со некој младич.

Порано си беше јасно и се изговараше гласно: Сакаш ли да се фатиме?

Ако си согласна, се запечатуваше со бакнеж, ако пак не сакаш, што има врска, пак се лижеше заедно сладолед.

Настапи нова фаза во мојата одисеја. Немам дечко, имам влечко.

Влечкото беше тежок поим за дефинирање, самото име требаше да биде доволен показател за неговата функција во животот на една напатена девојка.

Во време кога никој не те прашува како ти оди учењето, работата, дали си добро со здравјето, дечкото останува вечно актуелно и популарно прашање.

Јас отрпнав на сите сожаливи погледи, потчукнувања по рамето, шеретски кимнувања, утешни зборови – Е добро де, ќе си најдеш.

Има, имаааа, како немало? (а она се омажила со првиот што ѝ свирнал на улица).

Навистина, од каде знае дека има, каков е изборот и колку е лесно да се најде дечко денес?

Можеби бидејќи ја сфаќам маката и трагедијата, сум внимателна со поставување на ова прашање.

А фрустрациите и болката дефинитивно направија човек од мене што и без да го прашаш што има ново, труби наоколу гласно како низ мегафон, задоволно и со искри во очичките: ИМАМ ДЕЧКО!

Автор: Трендафилка
Дупла скорпија, со две зелени очишта и коса чија боја варира според расположението и временските непогоди.
Мразам луѓе кои доцнат, немиени мрсни коси и турски сапуници.
Добрите книги ги грицкам со глад и не ги зајмувам никому.
Вљубена до ножните прсти.
Неправедно доживувана како разгалено дете единче.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9504 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.