Почетна » Колумни » Ловец на приказни » Џентлмен или копук
Ловец на приказни

Џентлмен или копук

Го знаете вицот со Клаудија Шифер и Македонецот на пуст остров... Кога следниот ден ја натерал да стави мустаќи и да глуми дека му е другар, за да се пофали дека ете општел со една од најзгодните дами на светот. Зашто ако не се пофали, исто како да не се случило. Како вистински „џентлмен“. Навистина се интересни таквите машки примероци – кога ќе направи нешто, а многу често и ништо, на сите ќе се пофали, како да го прави за другите, а не за себе. А најстрашни се оние кои раскажуваат пластично во детали.

Секој има близок со кого сака понекогаш да размени мислење или да сподели нешто. Но, да се фалиш дека си бил со жена, и тоа секому, е навистина незрело. И во минатото сум среќавала мажи што се фалат дека биле со некоја жена. Така на пример еден наш познаник, кој е вистински дрдорко, мене и на сопругот ни раскажа дека нашата сосетка сака одредена сексуална поза. Ние двајцата зинавме од муабетот. И ден-денес кога ќе ја видам жената, непријатно ми е. Жената врска нема дека ете јас не сакајќи знам нешто поврзано со нејзината интима. А не е првпат така маж да се излета и да каже нешто за одредена жена. Но, тоа го прават само копуци. Најчесто ваквите типови на мажи имале малку сексуални партнери, па имаат потреба да преувеличуваат како тие се големи Донжуани, или пак, имале низа неуспеси на тоа поле, или пак, станува збор за емотивни инвалиди.

Силуета на маж

Пред десетина години, еден мој пријател ми се довери дека кога биле разделени со девојка му, пробал да има однос со друга девојка, но не се чувствувал убаво. „Таа ме знае многу добро и со неа се чувствувам опуштено“, ми рече. Тогаш сфатив дека има надеж за нас жените. Кој рече дека само жените бараат сигурност?!

Навистина не знам од каде таа потреба кај некои машки да се фалат со фалусот и својот сексуален потенцијал. Или оној копучки муабет: „Нека ми дојде, да ѝ кажам јас“ и имаш општа смеа од машки (негови другари), демек фраеров е многу „елоквентен“ со „долната глава“. Секако, ова е одлика на адолесценти. Тоа е само момче кое нема верба во себе, па има потреба да се самопотврдува. Па со ваквите муабети мисли дека ќе порасне во очите на другарите. Се разбира, ова е дефиниција за копуци или за незрели момчиња кои или ќе созреат или ќе си останат такви.

Мислам дека одамна умре времето кога џентлмените ѝ отвораа врата на дамата или ѝ го потргнуваа столчето пред да седне. Или пак се бореа за нејзината рака на двобој, како во руските класици. Денес за џентлмените секој има своја дефиниција. За некои тоа е човек кој ќе направи да се чувствувате како да сте единствена, како да сте нешто посебно. Некој кој ви создава чувство дека неговите очи се создадени само вас да ве гледаат. Човек кој кога сте покрај него нема да зјапа во други жени, или ќе го прави тоа дискретно. Вистинскиот џентлмен никогаш не би ја посрамотил својата сакана. Тоа е човек кој може да ѝ даде врвно уживање на жената. Но, најважно од сѐ, жената треба да стекне доверба во него. Затоа што уживањето е взаемна работа, ако ужива жената, ќе ужива и мажот и... нема обратно. Во секој случај, тоа што го имате со него ќе остане во вашиот свет. И да не сте заедно, тој никогаш нема да раскажува за тоа што било меѓу вас. Тоа ќе остане како закопано ковчеже со богатство од кое само ти го поседуваш клучот.

Автор: Тоа сум јас
Имам две човечиња на рамена, едно лошо и едно добро. Ова лошото гледам да не дојде до збор. Сакам позитивни луѓе. Тешко е човек да каже нешто за себе, а да не e тоа карактеристика која тој си ја умислил, оти најлесно е кога се зборува за другите.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 11%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 10505 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.