Почетна » Колумни » Ловец на приказни » Да не ме јаде црвот!
Ловец на приказни

Да не ме јаде црвот!

Имав еден другар од маало кој на телефонот му стави многу долг кабел, што му овозможуваше да го носи на поголеми далечини, па така често го носеше надвор, пред куќа. Сигурно насетувате зошто го правел тоа. За да може да одговори на повикот на неговата сакана. Тој период мобилните телефони беа луксуз. Многу се дружевме во маалото, па за да не пропушти од муабетите и смеењето, што катадневно се случуваа, другаров со телефонот излегуваше надвор пред врата. Кога ќе заѕвонеше телефонот, ја креваше слушалката и со показалецот на носот ќе ни дадеше знак „Шшшшт!“ Во тој момент сите молчевме, посебно што во друштвото доминираа женски. Никој не сакаше да му направи проблем, па затоа веднаш го стишувавме тонот. Не знам зошто криеше од неа дека се дружи со друштвото од маало, не правеше ништо лошо. Но, неговата теорија беше дека девојка му не треба да знае, како што велеше, „за да не ја јадел црвот“.

Машка тајна

Тогаш, а и денес, мислам дека тоа е неправеден однос кон девојката. Не знам, тргам од себе најверојатно, мразам некој да ме лаже. Случката со другаров многу ме потсетува на една постапка на мојот сопруг, кој исто така сакаше да ме поштеди од некои информации, па така кога еднаш седеше со женско друштво, не пријави за настанот.

Да појаснам, до сега сум немала испад на љубомора, па затоа не знам од каде е оваа потреба кај него. Не му се јавувам на телефон да го проверувам каде е, или да го прашам со кого е. Ептен ако ми треба нешто, тогаш го барам. Има жени кои за узди ги држат мажите, постојано ги контролираат. Не знам, можеби тие мажи и имаат потреба од таков надзор. Но мислам дека колку и да контролираш некој, ако решил да те измами, ќе го направи тоа.

Да се вратам на мојов, сакам да кажам и покрај тоа што не го гушам со разно-разни прашања, тој еднаш ми сокри дека седеше со женско друштво, а јас како за беља го видов. Знам дека не прави ништо и дека тоа му е дел од работата, но навистина ме погоди лажењето. Кога си дојде дома, вака одеше разговорот. Го прашувам: „Како си помина денес?“ А тој: „Бевме на ручек со Сашо во Далметфу“. На ручекот со неговиот соработник Сашо имаше и уште три жени, но нив не ги спомена. Мене ме фати смеа. „Ве видов, само се брзав немав време да застанам“, велам јас. Се стаписа кога го слушна ова.

Лошо е кога ќе те фатат во лага, нели?! Кај лаже, па одозгора ми вели: „Што? Љубоморна си?“ Баба ми велеше: „ем шуто, ем боде“. И на крајот, неговото објаснување беше слично како на другаров, не сакал да ми каже заради тоа што постоела можност да си помислам нешто, да не ме јаде црвот, де! Најинтересно е што не можеше да разбере дека не се налутив што седел со жените, туку што ме излажа.

Во принцип не сакам некој да ме штеди. Ако тој ме штеди, тогаш што сум јас? Садиста?! А не сум свесна за ова? Бидејќи секогаш кога седам со машко друштво, тој знае. Претпоставувам дека во неговата глава се вртат две ситуации – првата е што ќе се случи ако ми каже дека се дружел со жени, а другата е каква реакција ќе предизвика ако сокрие. На пример, во првиот случај постои можност да прашам кои се тие три девојки, па кога ќе ми одговара, ќе му биде незгодно да објаснува од каде ги знае, па може да се заплетка, па јас да се посомневам во нешто. Со други зборови да се искомплицира. А втората е безболна и наједноставна, да сокрие со кого се сретнал, оти резултатот од сето ова е нула нервоза. И за него и за мене. Ова е совршено ако нема сведоци на пример. Но кога ќе те „провалат“, нема бегање. Самото криење на женското друштво предизвикува сомнеж! И ај, што си направил? Ем довербата е изгубена, ем црвот не го избрка! Налет!

Автор: Тоа сум јас
Имам две човечиња на рамена, едно лошо и едно добро. Ова лошото гледам да не дојде до збор. Сакам позитивни луѓе. Тешко е човек да каже нешто за себе, а да не e тоа карактеристика која тој си ја умислил, оти најлесно е кога се зборува за другите.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11070 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.