Почетна » Колумни » За мајчинските работи » Не, не сум повторно бремена, само имам голем стомак
За мајчинските работи

Не, не сум повторно бремена, само имам голем стомак

„Да не има нешто ново?“ – ме праша една познаничка пред неколку дена, зјапајќи во мојот заоблен, подуен, во ПМС стомак.

„Ха ха, не, само имам голем стомак“ – насмеана до уши ѝ одговорив.

Бев насмеана зашто веќе супер-брзо можам да одговарам на тоа прашање, веќе го имав извежбано одговорот неколкупати претходно. Тоа не беше првпат некој „одоколу“ да ме праша дали сум бремена, иако вагата ми покажува 55 килца. И за сè си „виновен“ ти стомаку. На моменти, ти си најголемиот убиец на мојата самодоверба. Понекогаш вдишувам и те вовлекувам навнатре на местата каде има многу луѓе за да те снема, ама ти никако да исчезнеш. И ти си причината што луѓето си мислат дека сум бремена.

Мајка

Да беше пред неколку години, ќе се налутев. Ќе го кренев носот в небо и ќе ви упатев лош и остар поглед на сите кои ќе ми го поставевте прашањето или ќе зјапавте некултурно. Ќе ве погледнев толку лошо што никогаш повеќе немаше ни да помислите да погледнете некого подолу од градите, а прашањето ќе го поставевте само ако личноста беше пред пораѓање (а можеби немаше ни тогаш).

Но, не и сега. Сега не сме во минатото, ова е сегашноста, а во неа сум горда на овој стомак. Иако на моменти и самата си упатувам шеги на моја сметка, а понекогаш дури и се покривам со поширока облека, кога ќе помислам низ што помина моето тело, чувствувам неизмерна љубов кон секој дел од него.

Па, денес, а и секој останат ден кој доаѓа, нема да дозволам лошите забелешки, коментари и прашања да ме допрат. Како воопшто да го мразам мојот стомак? Тој беше дом на моето дете цели девет и пол месеци. Во него, тоа беше заштитено, на топло и далеку од суровиот свет. Во овој стомак, кој сега наликува на труднички, беше создаден цел еден живот, цело едно суштество на кое сега му се радувам и кое го нарекувам мое дете. Од него излезе главчето од чија миризба буквално можам да живеам.

Па, кога вие гледате голем стомак, јас гледам благослов. Јас сум благословена што имав можност да зачнам, зачувам и родам нов живот, посакувам сите жени да можат да го доживеат тоа.

Нема да лажам, како што наближува времето за летен одмор, така моите фантазии се сè побујни. Јас, во бикини. Ме плаши дури и самата помисла. Но, кога ќе го видам мојот мал палавко, сите стравови исчезнуваат.

Потребен е само еден поглед за да ги избришам сите мои комплекси и недостатоци и да го прегрнам мојот месест стомак. Да можам да се наведнам и да ја бакнам џиновската лузна која ја раскажува мојата приказна, би ја бакнала уште веднаш. Но, тоа наместо мене го прави моето мало ангелче, велејќи ми: „Мама, бои“. Не, чедо мое, не боли, сега те имам тебе, ништо не ме боли.

Потребно е само да слушнам „мама“ за да им се насмеам в лице на сите кои зјапале во мојот стомак и гордо да им речам, „Јас сум мајка“.

Потребно е само да се навратам на моментот кога го видов позитивниот тест за бременост за да го засакам моето тело уште повеќе. Знам колку силни емоции вирееле во него.

Немам намера да се прегладнувам себеси поради неколку забелешки или да си го трошам ограниченото време кое го имам за моето најмило вртејќи на точак. Но, имам намера да се соберам во шарени тренди бикини и да го покажам телото на плажа. И да, стомакот ќе ми се гледа.

Па, ако ме видите и ме препознаете, не се трудете да искоментирате колку е голем мојот стомак или да ме прашате дали сум бремена. Наместо тоа, речете „Таа е мајка, супер изгледа“ или едноставно одминете ме.

Автор: Лори ДеМама
Лори е „мама“ на едно дете, која најмногу се плаши од фактот што не може да ја предвиди иднината. Ја обожава организираноста, но е принудена да живее со хаосот. Останува будна до доцна навечер, а станува рано наутро, зашто така „краде“ малку време за себе. Постојано си ветува дека ќе започне да вежба, но нема магично стапче за да го продолжи денот за уште еден час. Искрено верува дека среќата ги следи храбрите.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11131 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.