Почетна » Колумни » Во земјата на чудата » Што нѐ учат на училиште?
Во земјата на чудата

Што нѐ учат на училиште?

Пред неколку дена беа објавени резултатите од натпреварот Кенгур, на којшто оваа година учествуваше и мојата ќерка – ученичка во трето одделение. Најпрво го побарав нејзиното име, ги погледнав поените, и првата реакција ми беше – еј, па не е лоша, а не вежбаше којзнае колку сериозно. За жал, задоволството траеше неколку секунди, додека не почнав да ги разгледувам и другите резултати, од кои навистина бев шокирана!

Речиси сите деца од одделението на ќерка ми имаа ист број поени. И не само тие, туку цели одделенија од одредено училиште имаа ист број поени, па и најглупавиот човек веднаш без колебање би заклучил дека децата препишувале на натпреварот. Ја притиснав ќерка ми да ми каже што се случило, а таа низ солзи ми објасни дека наставничките им ги решавале задачите, но им кажале да не кажуваат никому. Таа и не ми беше кажала сѐ до моментот кога ја принудив, а се расплака затоа што го прекрши зборот кој им го дала на наставничките дека нема да каже никому. Замислете под каков притисок било кутрото осумгодишно дете, кое се трудам да го научам дека на родителите им се кажува сѐ, дека на училиште не смее да се препишува и дека ако сакаш да постигнеш резултати, треба да вложиш многу труд. 

Деца на училиште

Се прашувам дали наставничките воопшто помислиле колку голема штета предизвикале со ваквата постапка? И како да им објаснам на децата дека наставничките, кои ги учам дека треба да се почитуваат, не смееле да постапат така, без да им го срушам авторитетот пред децата? Правилното воспитување, во случајот вложување труд ако сакаш да постигнеш резултати и немањето тајни со родителите, значи многу повеќе од 90 поени, или трето место на Кенгур. 

Син ми е прво одделение, талентиран е за математика, но не го пратив на Кенгур бидејќи не знае да чита, и има кога да оди, нема потреба од форсирање. Сепак, ме заинтересира колку деца имало пријавено и какви им биле резултатите. Разочарувањето беше уште поголемо – во прво одделение имаше многу повеќе деца со максимален број поени во споредба со трето, иако се работи за истите задачи кои се за I-III одделение. Решавањето на задачите од наставниците било редовна пракса! По ова, за следната година кога ќе се подготвуваат за натпревар не знам што друго да ги советувам децата освен да ја замолат наставничката повеќе да повежба, за да може сите задачи да им ги реши точно, па да бидат прво, а не трето место.

Мислев дека проблемот во образованието почнува подоцна, кога децата ги фаќа пубертет и не се заинтересирани за учење, а наставниците се под притисок на родителите да им попуштаат на учениците. Се разбира, затоа што дипломата е важна во нашето општество, а не знаењето! Мислев дека родителите го прават притисокот, а не самите наставници како што беше во случајов со една сосема неважна работа како што е Кенгур!

Искрено, се прашувам дали нашето формално образование е повеќе корисно или штетно за изградба на децата како личности кои утре ќе го градат нашето општество и ќе придонесуваат да биде такво какво што ќе биде. А страв ми е да помислам какво општество ќе биде тоа, изградено од личности без вредности.

Сега барем ми станува јасно како се губат вредностите во нашето општество. Но најмалку што можам да направам е да се обидам да им објаснам на наставничките дека погрешиле и дека прават огромна штета. Основното образование е особено важно поради воспитниот карактер. Особено во време кога од премногу работни обврски родителите едвај си ги гледаат своите деца.

Квалитетното образование со изразен воспитен дел ни е клуч за подобра иднина. Со лошо образование самите избираме лоша иднина. Се надевам дека ќе се освестиме и работите ќе се сменат на подобро.

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 11%
  • 25%
  • 63%
Се испраќа...

(Вкупно: 10616 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.