Почетна » Колумни » Во земјата на чудата » Обврските во домот
Во земјата на чудата

Обврските во домот

Разгледувајќи ги книгите на моето првоодделенче наидов на прашање „Што им помагате на родителите во домот?“. Децата во прво одделение не знаат ни да читаат, но имаат за задача да нацртаат како тие помагаат во домот. Не можам да се сетам дали и ние го имавме тоа прашање во прво одделение и колку често понатаму ни го поставувале, за да нè потсетат дека сите имаме обврски во домот и за да не научат дека ако сакаш нештата да функционираат, треба да работиш на нив.

За жал, голем број од македонските семејства, особено постарите, се типична слика на македонското општество: еден работи, тројца одмараат. Не знам колку сте забележале, но овој синдром е длабоко вкоренет во македонското општество – во домовите, во институциите, секаде каде што луѓето немаат притисок да си ја вршат работата. Погледнете ги работниците што поставуваат кабли или средуваат тротоари, или обрнете внимание на некоја од институциите кои ќе ги посетите и ќе видите за што зборувам.

За жал, до неодамна тоа беше типична слика и во домовите, којашто мислам, или барем се надевам, дека полека се менува. Кога јас растев, нормално беше во домот мајката да ги врши сите домашни работи, иако и таа работеше и имаше дополнителни обврски како и сите други членови во семејството. 

Домашни обврски

Таткото во многу од семејствата беше задолжен за менување светилки и читање весници, без воопшто да се потруди да научи ни да свари јајца или макарони. Додека да се ожени сè му средувала мајка му, а потоа женичката. Па што има да учи сега и тој домаќинство! Ваквите мажи ми беа делумна инспирација за пишување на колумнава. Кога замолив го замолив свекор ми кој ги чуваше децата да им направи јуфки, тој ми одговори дека не знае. Не е човек што одбива работа, туку навистина не знае да свари јуфки. Јас останав со подотворена уста.

Кога јас растев, не беа многу поразлични ни децата. Најголем придонес во домот им беше да си ја средат собата, иако и тоа не се случуваше на редовна основа, туку само ако требаше да дојдат другарчиња на гости. Па што ќе местиш кревет секој ден, и онака пак ќе спиеш, пак ќе треба да го растуриш вечер. Понекогаш, се разбира под принуда, може и да го исчистиш домот со правосмукалка, но тоа најчесто е пропратено со мрчење од типот: „Зошто сега пак јас, па само јас чистам, што сум јас тука, сами чистете си...“ и ред други коментари долични за млад човек полн со енергија. Ако нема за јадење, никако немој да се трудиш нешто да направиш, туку чекаш да дојде мајка ти да ти даде.

Работите делумно се променети, но сепак постојат уште многу вакви семејства и во денешно време. Доказ дека жените домаќинството си го сфаќаат како нивна обврска е и прашањето „Колку мажот ти помага во домот?“. Се додека придонесот на мажот го гледаме како помош, а не како негова задача, не можеме да тврдиме дека сме се ослободиле од стереотипното однесување. На ова прашање дел од жените одговараат дека мажите преземаат голем дел од обврските, но има и многу, навистина многу, кои одговараат дека мажот не го личи со крпа во рака и дека ним не им пречи тоа што домаќинството е само нивна обврска. 

Додека во поделбата на обврските во домаќинството има некаков напредок, таков напредок и не можам да видам во однос на обврските на децата. Ако ние кога бевме деца не можевме да „постигнеме“ да помогнеме дома поради тоа што целото слободно време го трошевме надвор, денешните деца се дома, но не прават ништо затоа што по цел ден се на компјутер или пред телевизор. Ем се дома, ем пак нема никаков придонес од нивна страна. Да не споменувам дека големи деца очекуваат мајките да дојдат од работа и да им постават за јадење - ова всушност ми беше друга приказна за инспирација којашто неодамна ја прочитав на форумот.

Секое семејство има право само да си ги дели обврските. Не сакам слепо да тврдам дека мажот треба да се фати за крпа по секоја цена. Особено ако тој е по цел ден на работа, а жената е дома. Се разбира, ако жената е на работа, а мажот е дома, мислам дека мажот би требало да преземе голем дел од работите. Но ако од жената се очекува да прави сè, и дополнително на тоа да оди на работа, па кутрата најчесто станува во 6 наутро, а легнува на полноќ затоа што тогаш завршила со обврските, е тука нешто не е во ред. Но она што ми е најчудно од сè е како луѓето си дозволуваат да не знаат да направат нешто? Како може еден маж да биде толку зависен од жената, што кога таа не е тука, тој не знае макарони да свари или кошула да си испегла? Или како жената може да си дозволи да не знае да смени светилка? Зарем зависноста не ви создава некаква нелагодност, несигурност, нешто што ве тера да се промените?

Што се однесува до вклучувањето на децата во обврските во домаќинството, јас тука не би правела компромиси. Настрана од тоа што невклучувањето на децата значи повеќе обврски за мајката, тоа е помалата штета. Поголемата е тоа што децата ги учиме неодговорно да се однесуваат кон сопствените работи и кон исполнување на задачите, а тоа е еден од поголемите проблеми во нашето општество. Другиот проблем е што кога ќе се решат да се осамостојат, а тоа најчесто се случува кога ќе стапат во брак, обврските што се сосема нормален дел од животот ќе им се дополнително оптоварување на брачниот живот. Женските кои дотогаш ништо не правеле затоа што мама била задолжена за тоа, сега не знаат што ги снашло затоа што од нив се очекува да прават сè што правела нивната мајка, а машките само им ја отежнуваат работата затоа што од дома се научени дека тие не треба да работат ништо дома. Тоа создава фрустрации уште на почетокот на брачниот живот.

Мажи, чувајте си ги женичките ако сакате да имате поубав и постабилен брак! Да се потсетиме, сопруга не значи куќна помошничка. Ако ја третирате така, тогаш барем не се изненадувајте ако по цел ден работа жената вечер не е расположена за секс. И таа има душа.

Деца, особено млади луѓе кои живеете со родителите - по сè што вашата мајка направила за вас, најмалку што можете да направите е да преземете дел од обврските во домот. Еден ден ќе ви биде криво што не сте го сториле тоа.

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9526 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.