Во земјата на чудата

Детска радост

Утрото кога падна првиот снег, се обидував да ги разбудам моите цврсто заспани деца, бидејќи беше време за на училиште. Иако другите денови едвај ги будам, тој ден тоа не беше воопшто тешко. Отидов до креветот на ќерка ми и ѝ кажав „Разбуди се да видиш што има надвор“, а таа веднаш изрипа од креветот и почна да трча низ собата и да вика „Снег, снег!“ Го разбуди и брат ѝ и само што му кажа дека има снег и тој почна да трча низ собата. Ако другите денови едвај ги будам и се спремаат барем половина час, тој ден за 10 минути веќе беа подготвени да уживаат во првиот снег.

Уживам кога гледам како се радуваат на снегот, на сончевиот ден, на домашно подготвените колачи, на некоја нова книга или играчка, на китењето на елката и уште милион други такви ситници. Очињата им светкаат и скокаат од радост низ просторијата.

Среќно дете

Кај возрасните сликата е сосема поинаква. Намуртени ликови насекаде околу нас – на работа, по улиците, па дури и дома. Секој лута со мислите, секој е преокупиран со сопствените грижи, кои за жал најчесто не ни дозволуваат да ги видиме малите убави нешта со кои сме опкружени.

Не се сеќавам кога последен пат сум се израдувала како дете на нешто мало, но убаво. 

Зошто и ние возрасните не умееме да се радуваме на мали нешта, како што го прават тоа децата? Кога на патот кон созревањето го изгубивме тоа? 

А какви да бидеме кога стануваме со мисла како ќе го поминеме денот, што ќе се случи утре, ќе имаме ли доволно за сметки, храна, кредит и другите месечни потреби? Иднината е сè понеизвесна, оптимизмот за подобро утре опаѓа, и тоа се одразува врз целокупното расположение. Кога те мачат животни прашања големи се шансите да не ги видиш малите убави нешта околу себе.

Не велам дека воопшто ништо не нѐ радува. Мене, на пример, ме радуваат миговите со семејството, деновите поминати во природа и сончевите денови. Некого го радува излегувањето во град, добрите свирки или кафето со пријатели. 

Многу девојки и жени ги усреќува купувањето облека и модни додатоци. За нешто што им се допаѓа во состојба се пет пати да го свртат градот, па дури и да отидат до друг град, или уште подалеку, да речеме во Солун. Кога ќе си го најдат нештото што им се допаѓа, си го купуваат, веднаш си го носат и тоа ги прави бескрајно среќни. 

Иако не можам да го разбирам купувањето како извор на среќа, сепак би сакала и јас да посакував толку многу некое парче, што би го свртела цело Скопје или цела Македонија само да го најдам. И потоа да се радувам секогаш кога ќе го облечам. Би сакала да можев да доживеам таква радост, но облеката не ми донела радост сигурно околу десет години. 

И покрај тоа што секој од нас се труди да прави нешта што го радуваат, сепак имам чувство дека пропуштаме многу мигови што би можеле да ни донесат радост. Чиста и искрена, како онаа којашто децата ја доживуваат секојдневно.

Штета што грижите придонеле возрасните да ја изгубат детската радост. Со повеќе радости животот ќе беше многу полесен и поубав.

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11060 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.