Почетна » Кариера » Барање работа » Јазикот на телото на интервју за работа

Јазикот на телото на интервју за работа

Интервјуто за работа е состанок, кој може да го промени вашиот живот и да ви ја даде работата што ја посакувате. За време на тој состанок, кој трае максимум еден час, вие треба да го убедите интервјуерот дека сте најдобрата кандидатка и вистинската личност за таа работа.

Интервју за работа
На интервју за работа бидете опушени, седете исправено и воспоставете директен поглед со очите.

Истражувањата покажуваат дека првиот впечаток, кој го оставате на интервјуто, се формира 7% од тоа што го зборувате, 38% од тонот на гласот и 55% од јазикот на вашето тело. Затоа, освен тоа што треба да ги припремите одговорите на најчестите прашања, треба да знаете и какви сигнали треба да испраќа вашето тело.

Положбата на телото

На почетокот на интервјуто, кога ќе ви понудат да седнете, седнете исправено, но не треба да изгледате како здрвени. Така ќе изгледа дека сте уверени во себе и дека ви е удобно.

Доколку треба да почекате во салата да дојде интервјуерот, бидете смирени и опуштени. Не шетајте нервозно низ салата, а седнете опуштено без да покажувате знаци на нервоза. Додека трае интервјуто не седете подгрбавени, затоа што тоа е знак на недостаток на самодоверба. Ако седете премногу опуштени, со свиени рамена, покажувате дека немате многу енергија и не внимавате на вашето однесување. Седењето на работ на столот и постојаното тресење со ногата, може да ја издаде вашата напнатост и нервоза.

Опуштете се и наклонете се кон лицето кое ве интервјуира за 10 степени. Тоа ќе му даде сигнал дека сте заинтересирани и дека активно внимавате на с што тој или таа ви зборува. Ако се потпрете назад на столот, тоа кажува дека премногу сте опуштени, а ако се наклоните на едната страна, може да испратите знак дека не се чувствувате удобно во присуството на интервјуерот.

Положбата на главата е исто така важна. Доколку ви е наклонета главата на едната страна, тоа се толкува дека сте отворена и пријателски расположена личност. Ако ја држите главата исправена, покажувате авторитет и самодоверба.

Рацете

Во никој случај не ги ставајте лактите на масата пред вас за да си ја потпирате главата. Оваа поза е забранета како на интервју, така и на секакви бизнис состаноци. Не ги ставајте рацете ни под масата, затоа што така изгледа како да криете нешто.

Држете ги рацете понастрана од вашето лице. Експертите за невербална комуникација сметаат дека допирањето на носот или усните, за време на интервју, значи дека кандидатот лаже. Исто така не треба да го допирате вратот, затоа што тоа е сигнал на непрофесионално и напнато однесување.

Прекрстени раце преку градите значат затворено и заштитничко однесување. Мафтањето на рацете наоколу значи несигурност и недостаток на професионализам. Колку помалку ги движите рацете, толку посигурни изгледате.

Најдобро е да држите рацете опуштени во скутот или на масата. Контролирајте ги рацете, за да изгледа дека знаете што правите со нив.

Погледот

Директниот контакт со очите е задолжителен на интервју. Ако не го воспоставите, лицето кое ве интервјуира ќе се чувствува дека не може да се поврзе со вас. Контактот со очите треба да е позитивен знак на телото, но ако не се употребува како што треба лесно може да има и негативен ефект.

Кога интервјуерот ви зборува и вие сакате да изгледа дека активно слушате, потребно е да воспоставите директен контакт со очите и да го одржувате. Нема да изгледа дека зјапате, ако трепкате на нормални интервали и ако кимате со главата од време на време.

Експертите за невербална комуникација советуваат, кога вие зборувате, да одржувате контакт со очите на интервјуерот 10 секунди, потоа кратко да погледнете на страна и повторно да го воспоставите контактот. Најчесто оној што слуша треба да одржува директен контакт со очите подолго време, отколку тој што зборува, кој треба за кратко да го прекинува тој контакт.

Не гледајте надолу, тоа е знак дека не сте искрени или дека немате доволно самодоверба во тоа што го зборувате. Покажете го вашиот ентузијазам со тоа што ќе имате заинтересиран изглед на лицето.

Внимавајте на јазикот на телото на интервјуерот

Интервју за работаЗнаците на телото на интевјуерот може да ви покажат дали сте го привлекле неговото внимание.

Кога сте на интервју потребно е да сте многу активни т.е. да внимавате на сè. Јазикот на телото на интервјуерот е уште една ваша обврска. Внимавајте какви сигнали ви испраќа тој и прилагодете се на нив.

Ако тој покажува знаци на здодевност (потпрена глава, загуба на директниот контакт со очите), потребно е да одговарате на прашањата покомпактно, за да ја придобиете одново неговата заинтересираност.

Кога интервјуерот ги скрстува рацете или се навалува наназад, тоа значи дека не се чувствува удобно. Можеби вие сте премногу наклонети кон него и му навлегувате во личното пространство. Ако нема помеѓу вас маса, која ќе создава доволно простор меѓу вас, тогаш одржувајте растојание од околу еден метар, за интервјуерот и вие да се чувствувате удобно.

Невербалната комуникација е многу важна на интервју за работа. Затоа, вежбајте се пред огледало. Така сами ќе можете да ги забележите грешките кои ги правите и полека ќе научите како да ги избегнувате. Овие совети ќе ви помогнат да изгледате професионално, самоуверено и да бидете совршен кандидат, за работата која ја посакувате.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9507 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.