Почетна » Здравје » Совети за здравјето » Храна за мозокот

Храна за мозокот

Храната може да дејствува како лек, но може и да биде најголем непријател на здравјето. Изборот што го правите кога ќе седнете покрај масата влијае врз начинот на кој што размислувате, на вашето расположение, на концентрацијата и на енергијата. Некои продукти може да направат да се чувствувате задоволни, фокусирани и полесно да размислувате, а други може да направат да сте поспани, нерасположени и без енергија.

Преку паметен избор на храната што ја консумирате, можете да го подобрите функционирањето на мозокот. Се разбира, тоа не значи зголемување на коефициентот на интелигенција, но значи подобрување на памтењето, концентрацијата и енергијата.

Храна за мозокотМозокот зазема 2% од телесната тежина, а троши 20% од енергијата.

Иако мозокот зазема само 2% од телесна тежина, тој троши 20% од целосната енергија што ја консумирате. Колку подобро го храните мозокот, толку подобро функционира.

Мрсна риба

Кога ќе помислите кои продукти го „хранат“ мозокот, најверојатно првото нешто што ќе ви падне на ум е рибата. Навистина, мрсната риба е пријател на мозокот. Таа е богата со омега-3 масни киселини, неопходни за одржувањето на правилното функционирање на мозокот од создавањето до крајот на животот. Овие масти се основни компоненти на мозочните ќелии и го подобруваат учењето и памтењето, а го намалуваат ризикот од мозочен удар и деменција.

Лососот, сардините, харингата и скушата се одличен избор. Консумирајте риба 2-3 пати неделно.

Јајца

Јајцата не се само богат извор на протеини, туку тие содржат и витамин Е, омега-3 масни киселини и витамини од групата Б. Витамините Б можат да го спречат воспалувањето и да го потпомогнат создавањето на нови мозочни клетки.

Жолчката на јајцето, која има лоша репутација поради поврзаноста на холестеролот што го содржи со срцевите болести, е одличен извор на холин. Консумирањето на доволно количество холин во детството помага за брзо учење и подолготрајно памтење. Се препорачува консумирање на 4 јајца неделно.

Боровинки

Боровинките се еден од најдобрите извори на антиоксиданси, имаат одличен вкус и ја подобруваат краткотрајната меморија. Исто така, тие ги намалуваат ефектите на Алцхајмеровата болест и го штитат мозокот од слободните радикали кои можат да му наштетат на мислењето и да доведат до деменција.

Ова овошје е корисно да се консумира како свежо, така и замрзнато. Се препорачува да се јаде по една чаша боровинки барем 3-4 пати неделно.

Кафе

Кога се консумира умерено, кафето дава енергија и помага за подобрување на концентрацијата. Тоа ја стимулира краткотрајната меморија и може да помогне во решавањето на проблеми, затоа што ја зголемува будноста. Кафето ги има тие својства поради присуството на кофеин, кој го има и во газираните пијалоци, чоколадото и енергетските пијалоци.

Две до три кафиња дневно можат да ви помогнат подобро да се концентрирате, но ако претерате, ризикувате да станете нервозни.

Јаткасти плодови и семиња

Јаткастите плодови и семињата се добар извор на витамин Е, а витаминот Е се асоцира со зачувување на памтењето во текот на стареењето. Јаткастите плодови содржат и протеини, растителни влакна и добри масти. Бадемите се најдобриот избор, но можете да консумирате и лешници и ореви.

Изберете ги семките од тиква за грицкање, затоа што се природен извор на антиоксиданси и омега-3 масни киселини. Но, и семките од сончоглед не се за занемарување, бидејќи изобилуваат со витамин Е.

Авокадо

Авокадото изненадувачки е присутно на секоја листа на здрава храна. Добрите протеини и масти кои ги содржи ја подобруваат циркулацијата на крвта, која е неопходна за правилно функционирање на мозокот.

Сепак, треба да се внимава со консумацијата на авокадо, затоа што е висококалорична храна.

Темно чоколадо

Уште една добра вест за обожавателите на чоколадото. Темното чоколадо на различни начини помага за изострување на умот и подобрување на краткотрајната меморија. Но, внимавајте да избирате темно чоколадо, затоа што содржи повеќе какао.

Темното чоколадо содржи антиоксиданси и кофеин, а исто така го стимулира и создавањето на ендорфини кои го подобруваат расположението. Умерената консумација на темно чоколадо докажано го намалува ризикот од мозочен удар.

Црн или зелен чај

Црниот и зелениот чај се познати по своето позитивно влијание на целосното здравје. Тие помагаат и за подобрување на работата на мозокот. Чајот помага за смирување и за зголемување на фокусот, т.е. концентрирање без непотребна нервоза и напнатост. Зелениот и црниот чај се одличен извор на антиоксиданси, кои го намалуваат влијанието на слободните радикали, а исто така содржат и кофеин кој ја подобрува моменталната концентрација.

Пресно направениот чај може да ја подобри и циркулацијата на крвта. Две-три чаши чај дневно ќе ви помогнат да си го подобрите здравјето без да почувствувате товар.

Кари

Ако сакате зачинета храна, нема подобар избор на зачин од карито. Карито содржи турмерик (куркумин), жолт зачин кој што е одличен антиоксиданс и има антивоспалителни својства. Истражувањата го поврзуваат со забавување на стареењето на мозокот, намалување на ризикот за Алцхајмерова болест и подобрување на состојбата кај пациенти со депресија и шизофренија.

Продукти кои треба да ги избегнувате

И за крај, неколку продукти кои треба да ги избегнувате ако сакате да ја зачувате правилната работа на мозокот:

  • Алкохол. Прекумерната консумација на алкохол ќе ве остави без енергија и неконцентрирани. Најлошото е што алкохолот ги убива мозочните клетки.
  • Енергетски пијалоци. Овие пијалоци содржат поголемо количество кофеин и поради тоа може да предизвикаат редица здравствени проблеми. Тие можат да ви попречат да си осигурите добар сон, кој што е неопходен за здравјето на мозокот.
  • Бело чоколадо и бонбони. Белото чоколадо не содржи какао кое го поттикнува создавањето на ендорфини. Ова чоколадо како и бонбоните кријат многу шеќери кои што на многу начини го влошуваат здравјето.
  • Сладолед и чипс. Сладоледот е исклучително лоша храна за мозокот. Заситените масти кои ги има во него може да ги затнат крвните садови и да ја намалат количината хранливи материи кои треба одат во мозокот. Чипсот содржи многу штетни масти и рафинирани јаглехидрати кои може да предизвикаат деменција.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9473 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.