Почетна » Здравје » Совети за здравјето » Самопреглед на дојките

Самопреглед на дојките

Самопрегледот на дојките е бесплатен, едноставен и ефикасен начин за контролирање на здравјето на дојките. Тој им помага на жените да научат како нормално изгледаат нивните гради и какви се на допир, за во случај да се појават било какви промени да можат веднаш да ги забележат.

Преглед на градитеСамопрегледот им помага на жените да научат како нормално изгледаат нивните гради и какви се на допир

Експертите препорачуваат жените по 20-тата година секој месец да си прават самопреглед на дојките. Но, тие потсетуваат и дека прегледот во домашни услови е само еден од начините за рано детектирање на промените на дојките кои можат да доведат до рак. По 20-тата година, секоја жена треба барем еднаш на три години да прави преглед на градите на доктор, а околу 40-тата треба година да ја направи првата мамографија.

Кога треба да се прави прегледот?

Самопрегледот на дојките треба да се прави неколку дена по завршувањето на менструалното крварење.

Во текот на менструалниот циклус, ткивото на дојките се менува под влијание на промените во нивоата на хормоните. Со започнувањето на менструацијата, потеченоста на дојките се намалува, а се намалува и нивната чувствителност.

Затоа, најдобро е самопрегледот да се прави 7-10 дена по започнувањето на менструацијата.

Жените кај кои нема менструално крварење (поради менопауза), треба да си определат одредена дата во месецот кога ќе го прават прегледот и да се придржуваат кон неа.

Како да направите самопреглед на дојките?

Исправени пред огледало

Застанете пред големо огледало за да можете да ги гледате двете гради истовремено. Просторијата во која го правите прегледот треба да биде добро осветлена. Соблечете ја облеката од горниот дел на телото и набљудувајте ги дојките. Не паничете ако не се со еднаква големина затоа што кај повеќето жени градите не се апсолутно симетрични. Потребно е да ги прегледате дојките, брадавиците и областа на пазувите.

Како да ги прегледате дојките? Визуелниот преглед на дојките пред огледалото треба да го направите во 4 положби:

  1. Пуштете ги рацете слободно покрај телото.
  2. Потпрете ги дланките на колковите и притиснете за да ги стегнете мускулите на градите, а потоа наведнете се нанапред.
  3. Подигнете ги рацете над главата.
  4. Повлечете ги рамената наназад.

Во секоја положба треба да разгледате добро дали има промена во големината, формата или позицијата на градите или дали има појава на нерамнини или иритација по кожата. Разгледувајте ги градите од сите страни.

Како да ги прегледате брадавиците? Посебно внимание треба да им обрнете на брадавиците. Прво погледнете дали има промена на нивната боја, текстура или на правецот во кој се насочени. Потоа, со помош на показалецот и палецот притиснете ја областа околу брадавицата за да проверите дали има некаков исцедок.

Како да ги прегледате пазувите? Следно што треба да направите е преглед на областа на пазувите со допир. Потпрете ја левата рака на колкот. Со помош на јагодиците на показалецот, средниот и домалиот прст на десната рака започнете да правите мали кружни движења по левата пазува така што ќе прилагате и мал притисок. Ако пронајдете промени како задебелување на одредени области или грутка, консултирајте се со доктор.

Во лежечка положба

Легнете на грб, поставете мало перниче или здиплена крпа под левото рамо и ставете ја левата рака зад главата. Започнете да правите мали кружни движења со јагодиците на показалецот, средниот и домалиот прст од десната рака по целата површина на левата дојка. Не брзајте и не пропуштајте ниту еден дел. Потоа, повторете ја постапката и на десната дојка.

Преглед на дојкитеСо мали кружни движења поминете по дојките и во областа до паузувите

Знаци кои не треба да ги игнорирате:

  • промена на големината или обликот на градите;
  • нерамнини (вдлабнатини или испакнати делови) по кожата;
  • болни или безболни грутки или задебелување;
  • чешање, оток или црвенило во областа околу брадавиците;
  • исцедок од брадавиците (особено загрижувачки е ако се работи за гној или крв);
  • вовлекување на брадавиците.

Доколку забележите некој од наведените знаци, посетете доктор. Сепак, нека не ве фаќа паника, затоа што нивната појава не мора да биде симптом на рак на дојка. На пример, грутките често се цисти кои не претставуваат закана по здравјето. Но, добро е за секоја забележана промена да направите консултација со доктор.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 10986 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.