Почетна » Здравје » Совети за здравјето » 8 митови и факти за грипот и настинката

8 митови и факти за грипот и настинката

Веќе започна сезоната на настинката и грипот. Во текот на есента и зимата често ќе го слушате звукот на кашлање и кивање, а голема е веројатноста и вие да настинете или да се измачувате со симптомите на грипот.

Во такви услови, сигурно ќе добивате многу совети од различни луѓе, па добро е да ги знаете најраспространетите митови и факти за грипот и настинката.

Жена која има настинкаСпоред експертите, излегувањето надвор без доволно облека не влијае на шансите да настинете или да фатите грип

Ако излегувате надвор на студот со мокра коса, без капа или недоволно облечени и ако ви е ладно, тогаш има големи шанси да настинете.

 МИТ 

Тука нашите мајки погрешиле. Иако ова е контроверзна тема, повеќето експерти сметаат дека излегувањето надвор на студот без доволно облека не влијае на шансите да настинете или да фатите грип. Единствениот начин да се разболите од настинка или грип е да „добиете“ вирус. Сепак, ова во никој случај не значи дека е во ред да се излегува со мокра коса на студот или со несоодветна облека.

Најголем дел од експертите се согласуваат дека причината за постоењето на овој мит е што случаите на грип и настинка се најчести во есен и зима, т.е. кога е студено. Тие тврдат дека поголемото распространување на вирусите е резултат на тоа што луѓето поголем дел од времето поминуваат во затворен простор и имаат поблиски контакти едни со други, а не на ниските температури.

Антибиотиците ќе ви помогнат да ги победите грипот или настинката.

 МИТ 

Антибиотиците се борат против бактериски инфекции. Грипот и настинката не се причинети од бактерии, туку од вируси. Логично е да се тврди дека антибиотиците воопшто не помагаат во борбата против грипот и настинката. Но, во нашата држава многу е распространета практиката на пиење на антибиотици дури и при обична настинка и слаби симптоми на грип, што е сосема погрешно.

Сепак, грипот го ослабува организмот, па може да настанат компликации и да се развијат бактериски инфекции како бронхитис и пневмонија. Некои луѓе сакаат предвреме да примаат антибиотици за да ја спречат појавата на компликации. Но, предвременото примање на антибиотици не е правилна превенција. Ако примате антибиотици непотребно и навистина добиете бактериска инфекција, можно е таа да стане отпорна на антибиотиците.

Вакцината против грип може да предизвика појава на грип.

 МИТ 

Сите експерти се согласуваат дека е невозможно вакцината против грип да предизвика грип, затоа што не содржи живи вируси. Луѓето често ги мешаат страничните ефекти на вакцината со симптомите на грип, па затоа ова е еден од најраспространетите митови за грипот. По примањето на вакцината, можна е појава на болка во раката или покачена температура, симптоми кои може да се припишат на појавата на грип, но всушност се странични ефекти на вакцината.

Никогаш не треба да вежбате кога сте настинати.

 МИТ 

Навистина, потребно е да одмарате кога сте болни, но мала физичка активност воопшто нема да ви наштети. Напротив, ќе ви помогне да се почувствувате подобро. Ако практикувате редовна физичка активност, кога сте настинати можете да продолжите со вежбањето. Но, ако долго време не сте биле активни, подобро е да го одложите вежбањето додека симптомите на настинка не исчезнат.

Вежбањето го зајакнува имунитетот и може да му помогне на телото да се бори со настинката. Сепак, кога сте настинати не треба да вежбате интензивно. Телото веќе троши многу енергија за да се бори со настинката, па не треба да го преморувате. Добро е да знаете дека некои лекови го забрзуваат ритамот на срцето. Поради тоа, голема е веројатноста дека ќе се изморите многу побрзо од обично.

Пилешката супа ќе ви помогне да оздравите.

 ФАКТ 

Никако не треба да ја прескокнувате пилешката супа кога сте болни. Таа дефинитивно ќе ви помогне да се стоплите, да се почувствувате подобро и да ги ублажите симптомите како затнат нос, а течноста ќе ви помогне и да ја избегнете дехидратацијата.

Некои истражувања покажале дека пилешката супа има антивоспалително дејство, но повеќето експерти сметаат дека најголема корист од супата е што се консумира топла.

Може да распространувате настинка или грип, а вие да немате никакви симптоми.

 ФАКТ 

Според истражување на Харвард, дури 20-30% од луѓето кои го имаат инфлуенца вирусот не покажуваат никакви симптоми. Тоа значи дека слободно може да ширите вирус, а вие да не го знаете тоа.

Појавата на настинка или грип е знак за слаб имунитет.

 МИТ 

Дури и да сте совршено здрави и да имате силен имунитет, може да станете жртви на вирусите и да настинете.

Сепак, силниот имунитет ќе ви помогне полесно да се справите со настинката. Истражувањата покажале дека слабиот имунитет, па и стресот, придонесуваат за влошување на симптомите.

Витаминот Ц ќе ве заштити од настинка.

 МИТ 

Примањето на витамин Ц не е ефективна заштита од настинка. Но, примањето на доволно количество витамин Ц пред појавата на симптоми ќе го скрати времетраењето на симптомите.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11219 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.