Почетна » Здравје » Интимно » Болка за време на овулација

Болка за време на овулација

Mittelschmerz (мителшмерц) е медицински термин за појавата на болка во долниот дел на стомакот што некои жени ја чувствуваат за време на овулацијата. Самиот збор mittelschmerz е германски и значи „средна болка“.

Кај секоја петта жена редовно се појавува болка за време на овулацијата, а околу половина од жените имаат почувствувано таков тип болка барем еднаш во животот.

Многу ретко болката за време на овулација е сериозна и најчесто не е потребна никаква медицинска помош.

Болка при овулацијаБолката за време на овулација се појавува во долниот дел на стомакот, најчесто на едната страна

Симптоми

Болката која се појавува за време на овулација во повеќето случаи не е силна и трае неколку минути, но може да се случи да трае 24-48 часа.

Таа се појавува во долниот дел на стомакот, најчесто на едната страна, па затоа е можно жените да си помислат дека се работи за воспаление на слепото црево. На која страна ќе се појави болката, зависи од тоа кој јајник ја испушта јајце-клетката во текот на циклусот. Многу ретко болката може да биде почувствувана на двете страни.

Интензитетот и типот на болката варира кај различните жени. Некои чувствуваат тапа болка, а други кратка ненадејна остра болка.

Како да познаете дали се работи за болка при овулација?

Доколку се работи за болка при овулација, болката ќе се појави кон средината на месечниот циклус, во периодот на овулација. Кај жена чиј циклус трае 28 дена, овулацијата обично настапува на 14-тиот ден.

Затоа, ако повремено чувствувате болка на едната страна во долниот дел на стомакот, обрнете внимание дали сте во овулација.

Кога да побарате медицинска помош?

Во повеќето случаи болната овулација не им создава проблеми на жените и не е потребно никакво лекување. Но, ако се појават следните симптоми за време на овулација, треба да побарате стручна медицинска помош:

  • силна болка проследена со повраќање, вртоглавица или треска;
  • силна болка која трае повеќе од 2-3 дена;
  • силна болка на десната страна проследена со загуба на апетит, повраќање и вртоглавица (симптоми на воспаление на слепото црево);
  • болно уринирање;
  • вагинално крварење.

Како да ја намалите болката?

Ако болката е поднослива, можете сами да ја намалите и да се чувствувате подобро. Во таков случај:

  • легнете и одмарајте;
  • внесувајте доволно течности;
  • ставете си топло перниче или шише со топла вода на онаа страна на стомакот на којашто чувствувате болка;
  • истуширајте се со топла вода или легнете во када полна со топла вода.

Доколку болката е неподнослива и се појавува секој месец, консултирајте се со доктор за можноста да примате таблети за контрацепција. Контрацептивните таблети ја спречуваат овулацијата, а со тоа и појавата на болката при овулација, затоа што болката од овој тип се појавува само кога јајникот испушта јајце-клетка.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 10397 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.