Почетна » Здравје » Заболувања » Свински грип

Свински грип

Што претставува свинскиот грип?

Грипот А Х1Н1 (lat. A H1N1), познат уште и како свински грип, е заболување на дишните патишта, предизвикано од вирус на инфлуенцата од тип А. Болеста е наречена свински грип затоа што вирусот кој ја предизвикува, кај првите заболени се пренел од свињи.

Вирусите на свински грип, кои се шират помеѓу свињите, не се исти како вирусите кои се појавуваат кај луѓето. Обичниот свински грип исклучително ретко се пренесува на луѓето и тоа само кај луѓе кои имаат постојан директен контакт со свињи (ветеринари, сопственици на фарми).

Грипот А Х1Н1, кој сега се распространува помеѓу луѓето, е многу поразличен од обичниот свински грип. Тој е предизвикан од нов вирус на свински грип, кој се променил до таква степен, што сега му овозможува да се шири од човек на човек.

Новиот вирус, кој веќе е реална закана за нас, содржи генетски материјал од свински, птичји и човечки вируси на грип.

Уште по појавата, грипот А Х1Н1 започна да се шири брзо и лесно меѓу луѓето. На 11 јуни 2009г., Светската здравствена организација прогласи пандемија.

Во моментов бројот на заболените во Македонија драстично се зголемува (над 300 заболени и еден смртен случај), а два наши соседи (Бугарија, Србија) веќе прогласија епидемија. Затоа е особено важно да знаете како да се заштитите од првата пандемија на 21-от век.

Симптоми

Симптомите на грипот А Х1Н1 се слични со симптомите на сезонскиот грип. Тие вклучуваат:

  • Висока температура;
  • Морници од студ;
  • Главоболка;
  • Кашлање (сува кашлица);
  • Суво грло;
  • Затнат нос;
  • Болки во мускулите;
  • Замор.

Кај некои заболени се јавува и вртоглавица и повраќање.

Речиси кај секој болен од грип се јавуваат најмалку два од овие симптоми. Но, овие симптоми може да бидат знак за многу други болести, особено за сезонскиот грип. Ниту вие, ниту вашиот доктор не можете да бидете сигурни дали имате свински грип или не, само врз основа на симптомите.

Единствено лабораториски тест може дефинитивно да покаже дали имате свински грип А Х1Н1.

Многу се чести случаите на заболени од грипот А Х1Н1 кои сметаат дека имаат сезонски грип, па не посетуваат доктор. Ако пред појавата на горенаведените симптоми сте биле потполно здрави, најверојатно нема потреба за паника, но за секој случај треба да се јавите на преглед кај вашиот матичен лекар.

Поради тоа што симптомите на свински грип се исти со симптомите на сезонскиот грип и слични со симптомите на настинката, луѓето тешко можат да препознаат кога треба да се сомневаат во појавата на новиот грип А Х1Н1. Во следната табела можете да се ориентирате за честотата и интензитетот на симптомите кај настинка, сезонски грип и свински грип и со тоа полесно да одредите како да реагирате.

Симптом Настинка Сезонски грип Свински грип
Температура ретко во повеќето случаи многу често
(кај 80% од заболените)
Кашлање често
(кашлица со шлајм)
често
(сува кашлица)
многу често
(сува кашлица)
Главоболка ретко често многу често
(кај 80% од заболените)
Суво грло често често ретко
Замор слаб замор среден замор
и недостиг на енергија
среден до голем замор
Кивање многу често не многу често ретко
Затнат нос често
(поминува за 1 недела)
често
(растечен нос)
ретко
Болки не многу често
(слаби болки)
често
(средни болки)
често
(интензивни болки)
Морници од студ не многу често често многу често
(кај 60% од заболените)

Табела: симптоми при настинка, сезонски грип и свински грип

При појава на некои посериозни симптоми потребно е веднаш да реагирате и да посетите доктор.

Детето веднаш треба да го однесете на доктор ако:

  • има потешкотии со дишењето;
  • кожата му е помодрена или сива;
  • не консумира доволно течности;
  • не комуницира со другите;
  • повраќа често;
  • се раздразнува лесно, дури и кога го допирате;
  • покажува симптоми на грип кои се подобруваат и потоа повторно се појавуваат, но со треска и поинтензивна кашлица;
  • покажува промени во однесувањето;
  • има треска и црвенило по кожата.

Возрасните треба веднаш да се јават на доктор ако:

  • имаат потешкотии со дишењето;
  • чувствуваат болка во градите или стомакот;
  • имаат вртоглавица;
  • се чувствуваат збунето;
  • повраќаат;
  • покажуваат симптоми на грип кои се подобруваат и потоа повторно се појавуваат, но со повисока температура и поинтензивна кашлица.

Ризични групи

Поради тоа што вирусот на грипот А Х1Н1 е нов, сите се изложени на еднаков ризик да заболат од него. Сепак, постојат некои групи луѓе кај кои грипот може да биде со посериозни последици:

  • Бремени жени. Кај бремените жени ризикот за компликации при заразување со грипот е 6 пати поголем, отколку кај жените кои не се бремени.
  • Мали деца. Помали деца, особено на возраст до 2 години.
  • Посериозно или хронично болни. Лица со астма, болести на белите дробови, срцето, црниот дроб, бубрезите, мускулите или луѓе со неуролошки проблеми. Дијабетичари и луѓе со низок имунитет.
  • Вработени во здраствени установи. Вработените во здравствени установи почесто доаѓаат во контакт со заболени лица.
  • Лица постари од 65 години. Поретки се случаите на грип кај постарите луѓе, но кај нив болеста може полесно да доведе до копликации.
  • Младите до 25 години. Кај нас во моментот ризична група се и децата кои одат на училиште и студентите. Децата најчесто го фаќаат вирусот во училниците и го предаваат на другите со кои доаѓаат во контакт.

Како се распространува?

Новиот грип А Х1Н1 се распространува исто како и обичниот грип - од човек на човек. Може да бидете заразени ако инфицирано лице искашла или кивне во ваша близина, без да си ја покрие устата. Ситните честици на вирусот може да се пренесуваат на далечина од 1 метар.

Исто така можете да се заразите ако допрете површина врз која има вируси и потоа да го допрете носот, устата или очите. Затоа, многу е важно редовно да си ги миете рацете дури и да не сте болни.

Едно лице кое има свински грип може да распространува вируси на грипот во периодот од еден ден пред да ги почувствува првите симптоми до 7 дена откако ќе се појават првите симптоми.

Што да правите ако сте биле изложени на грипот А Х1Н1?

Ако сте биле во близок контакт со лице кое е заразено со овој грип, тоа значи дека сте биле изложени на грипот. Ова особено важи ако лицето кивнало или искашлало во ваша близина, а не си ја покрило устата.

Изложувањето не мора да значи дека ќе развиете инфекција или болест и постои реална можност да поминете без да бидете заразени.

Ако спаѓате во некоја од горенаведените ризични групи, тогаш за вас ризикот е поголем. Во таков случај, најдобро е веднаш да одите кај вашиот матичен лекар, кој ќе прецени како да започне вашето лекување (дали ќе се користи антивирусен лек или не). Тоа исто така важи и за млади луѓе кои се на терапија со аспирин или лица над 65 години.

Светската здравствена организација препорача луѓето кои биле изложени на грипот А Х1Н1, превентивно да не се лекуваат со антивирусни лекови како Тамифлу и Реленца, доколку не спаѓаат во ризичните групи.

Причина за тоа е што може да се развие резистентност (отпорност) на вирусот кон овие лекови. Повеќето од случаите на отпорност кон Тамуфлу се јавиле кај лица кои го примале лекот превентивно.

Лекување

Свинскиот грип А Х1Н1 е чувствителен на антивирусните лекови Тамифлу (Tamiflu) и Реленца (Relenza). Тамифлу се користи и за успешно лекување на птичјиот грип. Овие лекови се најефективни ако се примаат до 48 часа по појавата на првите симптоми.

Поради тоа, лицата кои покажуваат симптоми на новиот грип и спаѓаат во ризичните групи треба да добијат лекување со Тамифлу или Реленца што поскоро, без да се чекаат резултати од лабораториски анализи.

Кај нас со Тамифлу се лекуваат само ризичните групи и оние лица кои покажуваат потешки симптоми. Сè уште нема Тамифлу ниту во аптеките, ниту кај матичните лекари. Комисијата за пандемски грип треба да одлучи дали и како лекот да стане подостапен за луѓето.

Оние кои покажуваат полесни симптоми и кои не спаѓаат во ризичните групи најдобро е да останат дома и да не брзаат да преминат кон лекување со Тамифлу. Тамифлу не треба да се прима превентивно, затоа што може да се појави резистентност на вирусот кон овој лек.

Колку и да се ефективни антивирусните лекови Тамифлу и Реленца, сепак тие не ветуваат 100% оздравување.

Заштита од свински грип

А. Стандардни мерки за заштита од свински грип А Х1Н1:

  1. Мијте ги рацете редовно и темелно со сапун и вода, особено ако кивате или кашлате. Тријте ги со сапун најмалку 20 секунди и исплакнете ги убаво со топла вода.
  2. Ако немате на достап сапун и топла вода, тогаш користете влажни марамчиња на база на алкохол.
  3. Избегнувајте контакт со лица за кои знаете дека се болни.
  4. Избегнувајте да ги допирајте очите, устата и носот. Честиците од вирусот можат да живеат врз површините на предметите 2 часа, а некогаш и подолго, па лесно можете да ги донесе до вашето лице. Затоа внимавајте рацете секогаш да ви бидат чисти.
  5. Ако треба да имате контакт со лице кое го има грипот, носете маска. Една маска треба да се носи максимум 2 часа и потоа треба да се исфрли.
  6. Консумирајте храна богата со витамини, осигурете си добар сон и бидете физички активни. Јакиот имунитет му помага на телото да се бори против вирусите.

Б. Мерки кои треба да ги преземете ако покажувате симптоми на грип.

Доколку сметате дека имате симптоми на свински грип и не спаѓате во ризичните групи, останете на домашно лекување. Но, пред да го донесете тоа решение задолжително консултирајте се со вашиот матичен лекар. Кога тој ќе потврди дека не сте склони кон компликации, останете дома и преземете ги следните мерки:

  1. Не излегувајте од дома додека покажувате симптоми на грип и 24 часа откако ќе исчезнат сите симптоми. Ако навистина морате да се движите меѓу луѓе, задолжително носете маска. Обидете се да не користите јавен транспорт.
  2. Ако не носите маска, покривајте ја устата со рака или марамче за еднократна употреба, особено кога кашлате или кивате.
  3. Мијте ги рацете редовно и темелно.
  4. Консумирајте повеќе течности и храна богата со витамини.

В. Мерки за заштита при лекување на заболено лице:

  1. Заболеното лице треба да престојува во одделна просторија во домот, додека симптомите не исчезнат.
  2. Негата на заболеното лице не треба да се спроведува од бремена жена или од лице кое спаѓа во ризичните групи.
  3. Заболениот задолжително треба да носи маска или да си ги покрива носот и устата со марамче за еднократна употреба, кога во собата престојува друго лице.
  4. Задолжително болниот да ги одржува рацете чисти. Миењето на рацете треба да се прави со топла вода и сапун и да трае најмалку 20 секунди.
  5. Треба да се одржува хигиена во просторијата каде престојува болното лице и во сите простории кои се користат заеднички од другите членови на семејството. Често треба да се проветрува.
  6. Задолжително е миењето на рацете пред и после престојот во собата на лицето кое има симптоми на грип.
  7. При директен контакт со заболеното лице или со предмети кои ги користело, треба да се носи маска и ракавици за еднократна употреба.
  8. Постојано треба да се внимава на здравјето на сите членови на семејството, т.е. за појава на симптоми или влошување на состојбата.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11000 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.