Почетна » Забава » Хороскоп » Кинески хороскоп 2013: Што предвидува годината на Змијата за вас?

Кинески хороскоп 2013: Што предвидува годината на Змијата за вас?

Со големи прослави на 10 февруари беше одбележана Кинеската Нова Година. Според кинескиот зодијак, на тој ден започна годината на Змијата, која ќе трае до 30 јануари 2014.

Ова е годината на црната водна Змија, па ни претстојат неочекувани настани, нестабилност и постојани промени. Многу е важно оваа година да планираме сè однапред и да бидеме многу претпазливи.

Змијата е шестиот знак во кинескиот хороскоп и ја претставува потребата од дисциплина и фокусирање на деталите. За многумина ова ќе биде возбудлива и динамична година исполнета со подеми и падови, бидејќи змијата е знак на крајностите, но за некои подемите ќе бидат многу високи, а падовите многу ниски. Годината на змијата им ветува среќа на љубовен план на оние кои се сериозни во однос на љубовта и врските, како и на оние кои истражуваат пред да влетаат во нова врска. За повеќето, 2013 е одлична година за склопување брак.

Годините на змијата носат неочекувани трансформации, а се исполнети со скриени активности, преговори, условување, заблуди и измами. Но, тие ни ја подобруваат способноста да погледнеме на комплицираните ситуации од правилниот агол и брзо да дадеме објективен заклучок, што е особено полезно во бизнисот.

Новата година ќе биде силен период не само за Змијата, туку и за Кучето, Петелот и Волот. Откријте што предвидува годината на Змијата за вас за да можете поподготвено да ги пресретнете предизвиците кои доаѓаат.

Внеси датум на раѓање и кликни „Пресметај“

Стаорец

Стаорец

Годината на Змијата ќе им донесе многу промени на родените во знакот на Стаорецот. Промените ќе бидат позитивни за лицата кои ќе успеат да се фокусираат на она што е важно, ќе бидат претпазливи со финансиите и ќе останат позитивни. Не плашете се од новото и непознатото.

Љубов

Во текот на целата година ќе бидете преокупирани со работата, кариерата и парите, па нема да издвојувате многу време за љубов. Потребата за промени ќе биде силна кај вас, па ако сте во врска, или ќе ја издигнете љубовта на повисоко ниво, или целосно ќе се повлечете и ќе ја оставите да пропадне. Сè зависи од вас.

Доколку сте сингл или сте излегле од долга врска, можно е да се соочите со осаменост, што не треба да си го сфатите како лоша вест. Фокусирајте се на она што е навистина важно, т.е. на себе и на сопствената среќа.

Под влијание на елегантната Змија ќе бидете многу популарни. Друштвената мрежа постојано ќе се шири, а многу додворувачи ќе бидат привлечени кон вас благодарение на вашиот шарм и несекојдневните интереси. Ако сте сингл, летото ви ветува романса и викенди исполнети со слатки изненадувања.

Генерално, ова ќе биде добра година за вас. Сè што треба да направите е да го зачувате позитивниот став кон животот.

Кариера и пари

Ако во претходните 12 месеци се боревте за подобар живот затоа што знаевте дека заслужувате подобро, 2013 година ќе ги стави пред вас вашите соништа и надежи. Но, само ако успеете да се организирате навреме. Поставете си конкретни цели уште на почетокот од оваа година ако сакате да започнете да чекорите на патот кон успехот.

Стаорецот е мудро животно, па нема да потклекнувате пред пречките на работното место. Секој предизвик ќе биде смело прифаќан и решаван од вас, благодарение на вашата интелигенција. Фрустрациите на професионален план ќе исчезнат, а главниот „виновник“ за тоа ќе биде дипломатската Змија. Вашиот талент за менаџирање ќе дојде до израз и ќе ви ја отвори вратата на можностите.

Некој ќе се обиде да ве направи жртва на политичка манипулација или да ве вмеша во неосновано озборување, но вашиот професионален став ќе ви помогне да ја прескокнете оваа стапица.

Иако секогаш сте подготвени да им подаде рака на најблиските кога им е потребна помош, оваа година избегнувајте да давате заеми освен ако не е апсолутно неопходно. Навремено исплаќајте ги своите долгови и штедете.

Вол

Вол

Очекувајте прогрес, просперитет, комуникација и романса. Волот и Змијата се одлични пријатели, па годината ќе биде како создадена за вас.

Љубов

Многу Волови кои се во врска, ќе стапат во брак во првата половина на годината, бидејќи ќе имаат посериозен приод кон љубовта.

Ако сте сингл, зголемете ги друштвените активности во годината на Змијата. Ќе бидете посамоуверени и ќе ја оставите срамежливоста зад себе. Летото ќе ви понуди забава и нови пријателства, а септември е месецот кој најверојатно ќе ве лансира на седмо небо.

Стојте подалеку од љубовни расправии на крајот на летото и почетокот на есента, затоа што бурните реакции ќе создаваат пукнатини во врската.

Кариера и пари

Ако досега сите ви ги покажуваа своите заби и го спречуваа вашиот напредок, доаѓа годината на можностите во која ќе можете да се истакнете на работното место. Ќе добиете многу аплаузи, но не покажувајте алчност за пари. И работните задачи ќе ви изгледаат полесни затоа што ќе бидете опкружени со позитивни лица секогаш подготвени да ви ја подадат својата рака.

Ќе имате добра заработка, но не се обидувајте да водите луксузен живот. Претставниците на овој знак се премногу добри и лесно може да бидат измамени. Внимавајте кога инвестирате.

Благодарение на вашата добра природа и отворен карактер, лесно ќе започнувате нови пријателства. Но, ќе донесете и одлука да им ставите крај на оние кои досега го кочеа вашиот напредок. Ќе бидете изненадени колку многу можете да постигнете ако верувате во себе. Бидете отворени за нови нешта и искуства. Дозволете ѝ на креативноста да ги надмине досегашните граници кои сами си ги поставувавте.

Тигар

Тигар

Тигарот и Змијата имаат сосема различни карактери и не се согласуваат многу добро. Змијата се крие и напаѓа ненадејно, а тигарот мора да внимава затоа што невидливата Змија може тајно да му ја уништи репутацијата оваа година. Клучот кон успешна година е во тоа да бидете претпазливи и дискретни.

Љубов

Можете да се пофалите со романтична година. Ако сте сингл, претставниците на спротивниот пол лесно ќе „паѓаат“ на вашиот шарм, па многу е веројатно токму сега да го пронајдете својот животен сопатник. Потребно е да се движите низ новите врски бавно, но сигурно.

Многу е веројатно родените во април, мај или јуни да ја крунисаат својата врска со брак. Оние кои се веќе во брак, треба да се подготват за нов член во семејството.

Ова ќе биде тешка година, па избегнувајте расправии и уверете се дека окото на тигарот е отворено за да ги забележи потенцијалните проблеми.

Кариера и пари

Многумина ќе им завидуваат на вашиот шарм и самодовербата, па ќе сакаат да ви приредат една тешка година. Ќе наидете на многу скриени пречки на работното место, но благодарение на вашиот силен карактер и способноста брзо да мислите и реагирате, ќе ги избегнете непријатностите кои ќе ви бидат поставувани.

Ова не е поволен период за започнување нов бизнис или за проширување на стариот. Внимавајте колку трошите. Парите лесно ќе излегуваат од вашиот џеб.

Бурниот темперамент лесно ќе ве влече кон неволји. И најмалите недоразбирања ќе прераснуваат во големи кавги. Бидете потрпеливи кон пријателите, колегите и партнерот и не им ги покажувајте вашите заби. Внимавајте кога им се доверувате на луѓето. Многу е веројатно оваа година да бидете изневерени, предадени или да изгубите нешто многу важно за вас. Научете повешто да ги криете своите слабости.

Зајак

Зајак

Змијата лесно ја буди љубопитноста на Зајакот. Очекувајте годината на Змијата да ви донесе развиена креативност и иновативност на професионален план и не заборавајте дека вашите постапки не влијаат само на вас, туку и на животот на најблиските.

Љубов

Новата година може да ви донесе осаменост и разделби. Можно е да оставите зад себе долга врска и покрај тоа што кај вас љубовта не згаснала. Разделбата може да биде предизвикана од вашата амбициозност, недоразбирања за пари или семејството. Ако сте во брак, стојте подалеку од искушенија. Во спротивно, ќе се соочите со многу проблеми.

Многу претставници на овој знак кои се сами ќе одлучат да ја негуваат својата слобода, но оние кои ќе изберат да започнат врска, треба да бидат попретпазливи да не паднат во љубовна стапица. Дајте си време подобро да ја запознаете личноста во чии прегратки планирате да се препуштите.

Кариера и пари

Ќе работите многу, а ќе добивате малку за возврат. Не се откажувајте. Отворете си ги очите и барајте нови можности, а кога ќе ги пронајдете, веднаш зграпчувајте ги. Благодарение на вашата иновативност, можно е целосно да го промените работното место или да бидете прераспределени на друга позиција.

Не се потпирајте на пријателите, колегите, ниту пак на семејството. Ако сакате да успеете, сметајте само на себе. Можно е да добиете понуда за ново бизнис партнерство кое ќе ви донесе добра заработувачка. Но, многу е важно сите услови да бидат прецизно дефинирани со договор.

Потенцијалните конфликти со колегите не треба да бидат игнорирани. Секој проблем треба да биде решен лице в лице. Доверете ѝ се на својата интуиција кога започнувате нови контакти.

Змеј

Змеј

Засукајте ги ракавите, ова ќе биде динамична година. Змијата е среќната ѕвезда на Змејот, но таа се срами од него. Ви престои среќна, но тивка година. Иако вашето темпо на живот малку ќе забави, годината ќе биде исполнета со непредвидливи настани. За среќа, вие секогаш ќе успевате да се исправите на нозе. Оваа година ќе биде како возење на луда железница. Подемите и падовите ќе бидат истоштувачки за вас. Иако патот до подобра финансиска состојба ќе биде трнлив, вие ќе успеете да го изминете.

Љубов

Романтичната ѕвезда силно свети над вас. Одлично ќе се согласувате со претставниците на спротивниот пол. Ако не сте во врска, пред вас ќе се отвори ново љубовно поглавје, а вие ќе ги вкусите плодовите од љубовта.

Повеќе отсекогаш ќе ги цените моментите со саканиот, но како и Змејот и Змијата, и вие често ќе сакате да бидете сами. Оние кои се веќе во врска, ќе ги расчистат недоразбирањата и за многу од нив тоа ќе води кон следниот чекор – брак.

Ако сте во брак, не си дозволувајте саканиот да настрада од вашите фрустрации. Малите слатки гестови ќе придобијат големо значење во годината на Змијата.

Кариера и пари

Годината на змијата ќе биде магична и ќе ги исполни вашите желби. Сонувајте и вашите соништа ќе се реализираат. Успехот ќе зависи од тоа колку се специфични целите кои си ги поставувате. Ако минатата година се соочувавте со притисоци и грижи на работното место, оваа година приказната ќе биде целосно поинаква.

Новите можности често ќе никнуваат на вашиот пат благодарение на помошта и поддршката од пријателите, колегите и најблиските. Потребно е да внимавате на однесувањето кон нив ако сакате да ја избегнете изолираноста. Негувајте ги врските со специјалните личности во вашиот живот, а по секоја цена избегнувајте ги разговорите со завидливи личности. Тие лесно можат да ви ја уништат репутацијата.

Ова е година на водната Змија, а водата им носи пари на родените во знакот на Змејот. Очекувајте подобрување на вашата финансиска состојба.

Змија

Змија

Годината на Змијата ќе ве направи најсреќниот знак во кинескиот хороскоп. Ви претстојат одлични 12 месеци, но потребно е да свртите нов лист и да изградите еден попозитивен став. Заборавете на проблемите од претходната година и простете им на луѓето околу вас за нивните грешки. Ако претходната година беше непостојана за вас, новата ќе ви донесе поголема стабилност.

Љубов

Ако сте сингл, оваа година ќе се чувствувате многу попривлечни, но ниската самодоверба ќе ве спречува да го извлечете максимумот. Вашите шанси за љубовна врска се зголемуваат кон крајот на пролетните и во текот на летните месеци, но не верувајте во љубов на прв поглед.

Во врска сте? Очекувајте стагнација. Доколку сте во лоша и проблематична врска, сега е време за нови почетоци. За Змиите ова не е поволна година за склучување бракови. Ако веќе сте во брак, со партнерот ќе станете многу потолерантни и погрижливи еден кон друг.

Водната Змија е со авантуристички дух, сака да ризикува, но и да запознава нови лица. Очекувајте многу нови пријатели.

Кариера и пари

Годината на Змијата ќе ви овозможи да блеснете во кариерата, но тоа не значи дека нема да има пречки на вашиот пат. Ќе се појават личности кои ќе сакаат да ве вмешаат во своите ризични авантури, но вие морате да ги игнорирате. Избегнувајте секакви конфликти со колегите. Тоа може да се претвори во голема пречка ако сакате да напредувате во кариерата. На работното место очекувајте низа добри настани и вести кои ќе ве радуваат. Вашата напорна работа и скриените таленти ќе дојдат до израз и ќе бидете ценети поради нив.

2013 е година на водната Змија, што значи дека ќе имате многу среќа со финансиите, но сè додека сте внимателни. Ако имате сопствен бизнис, ова не е поволна година за нови инвестиции или за проширување на бизнисот. Не очекувајте финансиските средства да дојдат од игри на среќа. Иако нема да ви недостигаат пари, многу е важно да имате заштеда. Со голема концентрација читајте ги условите, пред да потпишете каков било документ поврзан со поголема сума пари.

Оваа година лесно ќе ги читате туѓите намери, па никогаш не се сомневајте во својата интуиција.

Коњ

Коњ

Како и Змијата, и Коњот спаѓа во огнената група знаци во кинескиот хороскоп, па ова не може да биде лоша година за вас. Одморете се, затоа што ќе ви биде потребна енергија за да се справите со предизвиците кои ви ги носи годината на Змијата. Кога вашата среќа е на врвот, пред вас ќе се отвораат многу повеќе можности од вообичаено. Морате да ги искористите додека ви се на располагање. Во спротивно, ќе треба да се збогувате со нив засекогаш.

Љубов

Ако сте во врска, во годината на Змијата одвреме-навреме ќе чувствувате внатрешна празнина. Ако сакате да си ја подобрите врската, морате прво да се справите со сопствените емоции. Можно е да не сте задоволни од љубовната врска и она што го добивате од партнерот, па да трагате по нешто повеќе. Годината на Змијата ќе ви го разбуди авантуристичкиот дух и ќе ви ја зголеми желбата за новитети.

Ако сте во брак, можно да се соочите со проблеми поради трета личност. Март и септември се одлични месеци за започнување нова врска или за подобрување на старата. Ако сте сингл, ќе имате многу шанси за да се заљубите, но најверојатно тоа ќе се случи на крајот од летото.

Кариера и пари

На работното место може да се соочите со конкуренција, но Змијата ќе ви помогне да станете поодговорни и помоќни на вашата позиција, па храбро ќе се соочите со предизвиците. Најголемата ваша предност ќе биде способноста брзо да се адаптирате.

Ќе имате многу можности за да ги покажете своите таленти, а тоа ќе ви донесе дополнителни финансиски средства. Ако имате богат пријател Змија, тој ќе ви помогне да го зголемите своето богатство. Змијата знае каде да најде прилика за поголема заработка.

Ова не е година кога треба да се решавате за сериозни промени на професионален план.

Коза

Коза

Змијата ќе ви даде зелено светло да ги следите своите соништа. Водата ќе ви помогне прво да ги визуализирате своите идеи, а потоа да правите практични планови за да ги донесете во реалноста. Ова ќе биде смирена и стабилна година за вас. Козата и Змијата не си пречат една со друга и добро се согласуваат.

Љубов

Ќе негувате прекрасни односи со спротивниот пол. Ако сте сингл, голема е веројатноста некој за кратко време да ви ги разлета пеперутките во стомакот. Можно е да го пронајдете вистинскиот далеку од вашето место на живеење или да го запознаете преку социјалните мрежи. Новите врски ќе имаат добра иднина, но влегувајте во врска само ако не се сомневате дали тоа е она што го сакате.

Годината на Змијата е одлична за родените во знакот на Козата кои сакаат да ја однесат врската на повисоко ниво или да ја крунисаат со брак. Ако сте во брак, заедничките кратки патувања со саканиот ќе ви овозможат повеќе да уживате во брачниот живот.

Годината на Змијата ќе ви ја разбуди грижливата страна од карактерот и ќе ве направи срцето и душата на семејството.

Кариера и пари

Пред вас се прекрасни можности за напредување во кариерата и бизнисот. Но, многу е важно да работите напорно ако сакате да успеете. Исто така, семињата кои ги посадивте претходната година, сега ќе созреат и ќе ви го дадат посакуваниот плод.

Очекувајте зафатеност на работното место. Тоа е добар знак ако сакате да започнете да се искачувате кон врвот. Не ги пропуштајте можностите, прифаќајте ги дополнителните обврски и тоа неизбежно ќе доведе до ваше унапредување во годината на Змијата. Можно е новите обврски да бидат поврзани со патувања, па подгответе се за чести отсуства од дома. Планирате да започнете сопствен бизнис или да го проширите веќе постоечкиот? Годината на Змијата ќе ви ги исполни соништата. Но, бидете попретпазливи кога потпишувате документи. Посветете повеќе внимание на деталите.

Мајмун

Мајмун

Новата година ќе биде подобра од претходната. Ќе имате можност да си го подобрите животот, но само ако имате однапред подготвени планови и ако знаете предвреме да го пресметате ризикот од сопствените постапки. Вашите најсилни оружја во текот на оваа година се трпението и смислата за хумор.

Љубов

Змијата ќе ве научи да им верувате на своите инстинкти. Ако не сте сигурни дека вашата врска има иднина, тогаш веројатно постои силна причина за тоа, па не седете со скрстени раце.

Родените во овој знак кои се сингл ќе имаат еден интересен проблем – многу додворувачи. Ќе привлекувате многу внимание и никој нема да останува рамнодушен кога ќе решите да го користите флертот. Не брзајте веднаш да влезете во нова врска. Поради многуте опции лесно може да се случи да жалите за донесената одлука.

Ако сте во брак, одлично ќе се согласувате со партнерот. Но, на некои крајно неочекувана брачна афера може да им дојде како гром од ведро небо.

Кариера и пари

Амбициозноста во комбинација со добрата организираност се најважни за вашиот успех. Бидете упорни, независно дали сакате унапредување на сегашното работно место или сакате да „скокнете“ на ново. Змијата ќе ве охрабри што повеќе да сметате на себе. Вие ќе бидете најдобриот заштитник на вашите интереси. Најмногу ќе ве исполнува самостојната работа.

Иако успехот нема да ве заобиколи, колку ќе уживате во него зависи само од вашата енергија и ентузијазмот. Независно од вашите успеси, морате да останете скромни. Сè додека не покажувате арогантно однесување на работното место, ќе имате добра среќа во кариерата.

Годините на Змијата носат прикриени условувања, тајни игри и преговори, па морате да бидете повнимателни во бизнисот. Отворете си ги добро очите пред да потпишете каков било договор.

Петел

Петел

Петелот и Змијата добро се согласуваат, па очекувајте среќна година. Водната Змија им носи прекрасни можности на личностите кои се амбициозни и компетентни, па лесно ќе можете да си изградите блескава кариера.

Љубов

Испуштивте одлична љубовна можност минатата година? Оваа година Змијата ќе ви даде шанса да надоместите. Но, не влегувајте во врска ако не ја познавате добро личноста наспроти вас. Во годините на Змијата не се препорачува да им се доверувате на непознати лица, па добро е да си дадете време пред да го отворите срцето пред некого.

Доколку сте во врска, ќе се чувствувате како во сон. Ова е поволна година за свршувачка или склучување брак. Ако сте во брак, нема да можете да се пожалите дека ви недостигаат среќни мигови вредни за паметење.

Кариера и пари

Очекувајте да бидете зафатени. На професионален план ќе ви се отворат нови можности, но ќе се соочите со голем притисок, исто како и претходната година. Ќе имате дополнителни одговорности и можеби ќе треба да работите подолго. Не го избирајте најкраткиот пат ако се стремите кон голем успех. Ќе морате да ги засукате ракавите и напорно да работите.

Очекувајте добра заработувачка. Ова е одличен период за купување имот, но не позајмувајте средства од други луѓе. Многу е важно да имате план за вашите пари, затоа што финансиската среќа нема да доаѓа секоја година во оваа мера.

Лесно ќе комуницирате со луѓето и ќе се радувате на добри односи со нив. Змијата ќе ви помогне правилно да ги користите информациите кои ви стојат на располагање.

Куче

Куче

Среќата значително ќе ви се зголеми во споредба со претходната година. Очекувајте да ви се исполнат долгогодишни желби.

Љубов

Љубовта ќе ве пронајде кога најмалку очекувате. Ако сте сингл, имате одлични шанси да го запознаете вистинскиот и брзо да создадете нераскинлива врска.

Искреноста е многу важна во годината на Змијата, па не си дозволувајте да бидете фатени во лага. Колку и да е мала лагата, таа има моќ да предизвикува големи пукнатини во врската. Можно е да настане љубовен проблем поради тоа што ќе очекувате поголема посветеност од страна на партнерот и ќе се чувствувате занемарени.

Вие отсекогаш сте им придавале поголемо значење на делата, отколку на зборовите и тоа нема да се промени во текот на новата година.

Кариера и пари

Ова е одличен период за да ги покажете своите таленти на работното место. Змијата не може да му направи големи проблеми на Кучето, па не очекувајте преголеми пречки на работа. Но, подгответе се за поголема конкуренција. Нема да ви биде лесно додека се соочувате со ривалство во канцеларијата. За да ги минимизирате неволјите, внимавајте на зборовите кои ги изговарате.

Брзо ќе ги здогледувате можностите кои другите ги пропуштаат. Очекувајте добра финансиска година, но бидете внимателни кога инвестирате. Може да се соочите со загуби.

Среќата со парите нема да биде константна во текот на годината, па потребен ви е добар финансиски план. Ова е одличен период за проширување на бизнисот. Тоа ќе ви донесе голем профит. Ако немате сопствен бизнис, можно е да добиете унапредување или да ви биде понудена работа надвор од местото на живеење.

Свиња

Свиња

Свињите се среќно животно во кинескиот хороскоп. Тие се љубезни, грижливи, чесни и избегнуваат да влегуваат во конфликти. Но, за жал не се согласуваат со Змиите, што е знак дека нема да имате мирна година.

Љубов

На љубовен план очекувајте турбулентен период. Змијата има потенцијал да донесе интриги и измама кога најмалку ги очекувате. Ако сте во врска, посветете му повеќе време на партнерот.

Годината на Змијата ќе ви донесе многу љубовни состаноци, но нема да можете лесно да изградите силна врска. Отворете се за дружење. Можно е да запознаете потенцијален партнер надвор од местото на живеење или на интернет.

Змијата е сензуална, па дајте им поголемо значење на предиграта, милувањата и нежните бакнежи.

Кариера и пари

Патот во кариерата нема да биде мазен и стабилен. Ќе бидете затрупани со ангажмани и обврски и ќе работите многу повеќе од претходната година. Но, морате да се борите за себе и да не им дозволувате на другите да си ги препишуваат на свое име вашите заслуги. Можно е да добиете работа која вклучува чести патувања или да бидете префрлени на нова работна позиција.

Парите лесно ќе доаѓаат, но и лесно ќе го напуштаат вашиот џеб. Морате да бидете мудри и да не купувате импулсивно, затоа што многу е веројатно вашите трошоци да се зголемат. Не правете неочекувани промени. Сè додека не сте алчни и не инвестирате во ризични бизниси, ќе имате добра заработувачка.

Во годината на Змијата морате повеќе да внимавате на односите со луѓето за да ги спречите финансиските загуби поради пријатели. Избегнувајте ги расправиите за пари со пријателите, затоа што тоа може засекогаш да ги наруши вашите односи.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 10396 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.