Почетна » Забава » Слободно време » Страсна седмица – започнаа подготовките за големиот празник Велигден

Страсна седмица – започнаа подготовките за големиот празник Велигден

Икона и свеќи

Православните христијански верници в недела ќе го прослават најголемиот празник Велигден, денот кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Со радост и смиреност Македонците засилено се подготвуваат да ја прослават победата на животот над смртта.

Според православниот календар, во понеделникот започна Страсната или Страдалната седмица, која ја симболизира последната седмица од земниот живот на Исус. Тоа е и последната недела од големите пости. Секој ден од оваа седмица на страдањата на Божјиот Син е голем (велик).

Деновите пред Велигден се исполнети со покајување, прошка, пост и молитва. Преку црковните богослужби на почетокот на седмицата верниците се потсетуваат на последните беседи и поуки на Исус кон апостолите и луѓето и се подготвуваат за присетувањето на Христовите страдања.

Првите три дена од седмицата се наменети за чистење на домот. Како што за време на Велигденските пости се прочистува душата, така за време на Страсната седмица треба да се прочисти и домот. Секоја домаќинка го чисти и празнично го украсува секое катче од домот. Пролетното или Велигденското прочистување се прави за здравје.

Велики четврток

Велики четврток е денот кога започнува Христовото страдање и кога е донесена неговата смртна пресуда по предавството од Јуда.

Според традицијата, на Велики четврток се бојадисуваат и декорираат велигденските јајца.

Велигденски јајца

Првото јајце се бојадисува во црвена боја пред изгрејсонце од најстарата жена во семејството. Се смета дека доколку јајцето не го види сонцето, тоа нема да се расипе цела година. Со него се црта крст по лицето (се минува на образите, челото и брадичката) на децата во куќата со зборовите „Црвено, бело, дебело“ или „Црвено, бело, здраво и живо“. Првото јајце е наменето за Господ и се смета дека има заштитна моќ, па се остава до иконата до следниот Велигден.

Најстарата жена ги бојадисува и следните две јајца во црвена боја од кои едното е за домаќинот, а другото за бериќет во куќата. Останатите јајца ги бојадисуваат и декорираат помладите девојки или жени во семејството.

Велики петок

Велики петок или уште нарекуван Распети петок е ден за духовно прочистување. На овој ден е распнат Исус Христос и поради тоа се смета за најтежок празник во годината. На Велики петок не се работи и се сочувствува со Божјиот Син. Многумина практикуваат строг пост, при што до зајдисонце не јадат ништо, а пијат само вода.

Зошто на Велики петок се поминува под „гробот на Исус“?

На Велики петок во црквите се поставува специјално украсена маса, која го симболизира гробот на Исус. На неа се изнесува Плаштаницата – покривка на која е претставен ликот на нашиот Спасител како лежи во гробот.

На овој ден верниците одат в црква со цвеќе и црвено јајце, кои ги оставаат на „гробот“, ја бакнуваат Плаштаницата, а потоа се наведнуваат и поминуваат под неа молејќи се за здравје, мир и благосостојба. Поминувањето под Плаштаницата ја симболизира смртта и воскреснувањето на Христос. Се смета дека оној кој минува под неа влегува како грешник, а излегува како нов човек, прочистен од старите гревови.

Велика сабота

На Велика сабота се прават последните подготовки за Велигден. Традиционално пред полноќ сите верници одат в црква, држејќи бојадисано јајце и запалена свеќа.

Точно на полноќ камбаните го означуваат доаѓањето на Велигден, денот во кој воскреснал Исус Христос. Кога ќе забијат камбаните, сите се поздравуваат со зборовите „Христос воскресна - Навистина воскресна“, потоа се кршат со јајца, се бакнуваат и си посакуваат здравје и среќа. По црковното пеење започнува причесната и верниците кои постеле се причестуваат.

Зошто се носат дома запалените свеќи?

Свеќи

Според традицијата, пред полноќ секој верник држи во рацете запалена свеќа. Првата свеќа ја палат свештениците од централното кандило, а потоа ги палат свеќите на останатите во црквата. Палењето на свеќите е симбол на распространувањето на Исусовата светлина која никогаш не гасне. Свеќата се носи дома и со неа се пали кандилото. На тој начин Исус влегува во домовите на луѓето.

Велигден

Велигден е најважниот верски празник или Празник над празниците во православниот календар. На овој ден христијанските верници го прославуваат воскреснувањето на нивниот бог Исус Христос.

Зошто го славиме Велигден?

Велигден е многу важен празник, затоа што им дава надеж на сите верници дека нивните гревови ќе бидат простени и дека секој може да бидат духовно променет. Преку воскреснувањето Исус докажал дека е Синот Божји и дека целото негово учење е вистинито. Се смета дека сите верници кои постеле за време на Великите пости, на овој ден ќе доживеат духовна преродба, т.е. воскреснување на душата.

Обичаи и традиција за Велигден

Велигден се слави три дена. Секоја куќа треба да биде убаво исчистена и празнично украсена. Членовите од семејството, особено малите деца, се облекуваат во нови алишта, кои се симбол на новиот живот и воскреснувањето на Исус. Сите се кршат со јајца и се смета дека оној чие јајце ќе победи во борбата ќе го следи здравје преку целата година.

На Велигден луѓето одат на гости кај најблиските за да им го честитаат празникот и да им однесат велигденско (воскресенско) јајце. Децата си носат кошнички за во нив да ги соберат дадените јајца.

Велигденска трпеза

Ручекот за Велигден е свечен. Богатата и убаво украсена трпеза кај повеќето верници содржи и јагнешко месо, црвени јајца и колачи.

Зошто се јаде јагнешко месо?

Јагнето е исклучително важен велигденски симбол. Тоа ја олицетворува смиреноста и кроткоста на Исус, како и неговата непорочност и чистота. Христијанската традиција го претставува Исус како Божјо јагне, но јагнето исто така се поврзува со неговата смрт затоа што бил принесен како жртва за спасување на целото човештво. Во многу домови традиционално се јаде јагнешко месо на првиот ден по 40-дневните пости.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11169 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.