Почетна » Забава » Слободно време » Зошто да го прочитате романот на Маргарет Атвуд по кој се снима хит-серијата „The Handmaid’s Tale“?

Зошто да го прочитате романот на Маргарет Атвуд по кој се снима хит-серијата „The Handmaid’s Tale“?

Пред само четири дена, серијата The Handmaid’s Tale во режија на Брус Милер освои пет Еми награди, меѓу другото и за извонредната главна (Елизабет Мос) и споредна (Ен Дауд) женска улога. Серијата се снимаше во текот на 2017 година, а веќе е најавено снимањето на втората сезона во 2018 година. По доделувањето на наградите, некои од критичарите изјавија дека биле изненадени од успехот на оваа серија. Сепак, серијата наиде на одличен прием кај гледачите и беше високо оценета според гледаноста, но и автентичноста. Што е тоа што ја направи токму оваа серија најпопуларна во 2017 година?

Серијата е снимена според романот „Приказната на робинката“ на канадската писателка Маргарет Атвуд. Романот е за првпат објавен во 1985 година, а фактот што во 2017 година е сѐ уште актуелен и соодветен за екранизирана верзија зборува за универзалноста на темата. Зошто, значи, би го прочитале овој роман? Прочитајте го затоа што раскажува приказна којашто е сѐ уште читлива и актуелна и којашто подлежи на многу различни читања и интерпретации. Затоа што ги проблематизира правата на жените за кои, сосем парадоксално, сѐ уште зборуваме во 2017 година. И затоа што е доволно револуционерен за да предизвика лавина расправи и критики.

Приказната за робинката

Елизабет Мос, актерката која ја толкува улогата на Нафред, предупредува дека тоа што моментално се случува во САД околу рестрикција на репродуктивните права на жените е вистинско прелевање на приказната во реалност. Режисерот, пак, Брус Милер, го спореди протестот на жените што се случи по повод инаугурацијата на Доналд Трамп со протестот што се прикажува во серијата. Според писателката на романот, Маргарет Атвуд, ужасно е тоа што сѐ уште има луѓе кои веруваат дека местото на жената е исклучиво во домот. А за да се вратат жените дома, доволно е само да им се одземат нивните права и слободи за кои жените се бореле преку 200 години.

Приказната за робинката

Овогодинешната манифестација на доделувањето на Еми наградите помина во политизирана атмосфера, не само поради изјавите на Мос, Милер и Атвуд, кои донекаде алудираат на промените во САД најавени од страна на Трамп. Во негова одбрана застануваат критичарите кои тврдат дека сѐ за што Атвуд раскажува, иако е предупредувачко, останува на ниво на фикција и измислица. Авторката, пак, тврди дека романот во голема мера се базира на настани кои се историски засведочени. Оттаму, не станува збор за предвидување, туку повеќе за известување за нешто што веќе се случило, во една прикриена и уметнички обликувана форма. Поентата на романот и на неговата реактуализација преку серијата на Милер е пренесување на пораката: човештвото мора да го избегне повторувањето на историските случувања кои послужиле како основа и инспирација за романот.

Романот има елементи на дистописки жанр и го проблематизира местото на жената во едно репресирано општество. Дејството е сместено во републиката Галад, во некоја неодредена, но блиска иднина. Теократскиот режим во Галад е воспоставен по државниот удар кој резултира со соборување на владата на САД. Новиот тоталитарен режим како своја основа зема една епизода од Стариот Завет. Оваа библиска приказна раскажува за бездетната Рахил која го убедува својот сопруг да ја оплоди нивната слугинка Вала. Вала забременува, а бидејќи таа е сопственост на Рахил, мора да ѝ го предаде детето како да е нејзино. Властите на републиката Галад ја радикализираат оваа христијанска приказна и ја ставаат во служба на искоренување на проблемот со стерилитетот кој од непознати причини е масовна појава.

Приказната за робинката

Робинките како Нафред се особено ценети во Галад поради тоа што се сметаат за плодни. Нивната функција е да го решат проблемот со опаднатиот наталитет и да обезбедат потомство за владејачката класа. Меѓутоа, тие не се сметаат за индивидуи, немаат никакви права, а нивната важност се сведува само на нивните репродуктивни органи. Телата на робинките се искористувани исклучиво за извршување на обредното оплодување, а притоа им е забранет секој акт на субјективност, индивидуалност и мислење. Робинките им се доделувани на брачни парови од владејачката класа со цел да им родат дете.

Името на ликот е исто така длабоко симболично. Преводот на македонски јазик (Нафред), исто како и оригиналното име на англиски јазик (Offred), ја означува припадноста на ликот на некој којшто најверојатно се викал Фред. Симболиката на името стои и во алузијата на понуденост, доделеност, припадност, но и на изедначување на ликот со објект, која се постигнува преку значењето на англискиот збор off-e-red (понудено).

Приказната за робинката

Сепак, самото тоа што Нафред размислува за својата положба во Галад, за самата себе како личност и за своето тело, иако на почетокот е пасивно и инертно, а потоа сѐ повеќе фрустрирано и револтирано, се чита како субверзивен и револуционерен чин. Самото пишување на роман со ваква тематика е исто така револуционерен чин, исто како што е и неговото повторно популаризирање преку серија, токму во време кога илјадници жени се незадоволни од новиот претседател на САД. Историографската позадина на приказната на Атвуд се крие во различни земји и различни периоди, а сите овие различни историски епизоди ги поврзува репресијата на жените и нивното оневозможување да одлучуваат за сопствените тела.

Приказната за робинката

Токму затоа, овој роман кој стои зад моментално најпопуларната серија на светот, е задолжителен за секоја to-read листа. Прочитајте го затоа што Атвуд е можеби во право кога вели дека нееднаквоста е сѐ уште присутна, а феминизмот е само симптом на таквата состојба. Тоа што таа ги носи во крајности и ги екстремизира историските епизоди кои на некој начин веќе се случиле, само го поттикнува интересот за овие прашања и нивното реинтерпретирање во различни временски и локациски контексти.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11143 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.