Почетна » Диети и фитнес » Слабеење » Јо-јо ефектот на диетите

Јо-јо ефектот на диетите

Многупати сме биле сведоци на екстремно брзото слабеење на холивудските ѕвезди и токму тоа е една од најголемите причини кои придонесуваат луѓето постојано да се преокупирани со пронаоѓање на брз и ефективен начин за слабеење.

Но, исто така многупати сме виделе како изгубените килограми по кратко време им се враќаат, т.е. стануваат жртви на јо-јо ефектот. Опра е еден од најпознатите примери за тоа.

Екстремно слабеењеЈо-јо ефектот се појавува поради практикувањето на строги диети.

Што преставува јо-јо ефектот?

Јо-јо ефектот всушност е резултат на циклус за време на кој што се повторува намалување и покачување на телесната тежина. Терминот јо-јо за прв пат е воведен од проф. Кели Браунел, според познатата истоимена играчка која се движи нагоре-надолу.

Најчесто циклусот поминува низ следните фази:

  1. Дадено лице држи строга диета која гарантира брзи резултати (гладување, прескокнување на оброци, мал број на внесени калории) и слабее неколку килограми. Тогаш, како резултат на намалениот внос на калории и непрактикувањето на физичка активност работата на метаболизмот се забавува, што значи дека телото започнува да согорува помалку калории.
  2. Таквата строга диета предизвикува замор и фрустрации и лицето не може да ја практикува долго време, па се откажува и повторно се враќа на начинот на исхрана кој што го практикувало пред диетата.
  3. Изгубените килограми повторно се враќаат поради забавената работа на метаболизмот.
  4. Лицето се разочарува од натрупаните килограми и повторно се враќа на диета. Циклусот започнува да се повторува...

Понекогаш качените килограми се минимални (2-5 килограми), но некогаш се случува како последица на јо-јо ефектот едно лице да ја зголеми својата тежина со повеќе од 20 килограми.

Зошто и како се појавува?

Јо-јо ефектот се појавува поради практикувањето на строги диети кои носат брзи резултати. Најчесто тоа се диети кои бараат внесување на мал број калории и преку кои луѓето се обидуваат да ја достигнат идеалната тежина без физичка активност. Кога телото е подложено на таков режим, тоа започнува да се адаптира на промените.

На нашето тело му се потребни одреден број на калории за да ги извршува основните функции. Ако не си ги обезбеди од храната што ние ја внесуваmе, тогаш започнува да троши од натрупаните масти и мускули во телото. Се знае дека диетите кои што водат го губење на повеќе од 1 килограм неделно предизвикуваат поголема загуба на мускулна маса, отколку топење на масни наслаги. А, колку е помала мускулната маса во телото, толку е побавен и метаболизмот.

Како последица на забавениот метаболизам, телото согорува помалку калории. Ако пред започнувањето на диетата телото ви согорувало 1800 калории дневно, сега ќе ја намали таа бројка на околу 1650.

По завршувањето на диетата, кога ќе се вратите на стариот начин на исхрана, телото сè уште ќе согорува помалку калории и тоа ќе доведе до неизбежно трупање на килограми.

Негативни последици на јо-јо ефектот

Јо-јо ефектот влијае негативно и врз физичкото и врз психичкото здравје. Многу долгогодишни истражувања во оваа област покажале дека ова варирање на тежината се асоцира со зголемен крвен притисок, зголемен ризик за појава на срцеви заболувања и за мозочен удар.

Исто така, постојат истражувања кои покажале дека со секој нов циклус во телото се трупаат сè повеќе масти. Точниот ризик за појава на овие последици не е познат и се претпоставува дека е различен за оние кои имаат релативно нормална телесна тежина и за оние кои страдаат од прекумерна тежина.

Луѓето кои го почувствувале јо-јо ефектот губат самодоверба кога ќе ја зголемат тежината и постојано се враќаат на строгите диети. Додека се во фаза на диета, се чувствуваат истоштени и дури и депресивни, бидејќи им недостига енергија поради гладувањето.

Како да излезете од јо-јо циклусот?

Ќе успеете да излезете од јо-јо циклусот само ако се убедите дека брзото слабеење е неефективно. Секој што држел диета ќе ви каже дека слабеењето е лесно, но дека одржувањето на посакуваната телесна тежина е големиот предизвик.

Диета и фитнесНајдобро е да слабеете со здрава балансирана исхрана и вежбање.

Еве неколку совети како да го избегнете јо-јо ефектот:

  1. Насочете се кон постепено слабеење. Наместо да гладувате со цел да ослабите 3-4кг. неделно, насочете се кон консумирање на здрава храна со која ќе губите до 1 килограм неделно. Така нема да губите од мускулната маса.
  2. Јадете 5-6 пати во текот на денот. Потребно е да внимавате што јадете. Колку почесто јадете, толку повеќе ја забрзувате работата на метаболизмот, а тоа ќе ви донесе поголем број согорени калории. Појадокот во никој случај не треба да се прескокнува.
  3. Движете се. Нема ништо подобро за вашата линија од физичката активност.
  4. Никогаш не консумирајте под 1200 калории. Тоа е минималниот број калории препорачан за жените. Секогаш кога консумирате помалку, вие всушност ја намалувате работата на метаболизмот.
  5. Направете си долгорочен план за слабеење. Не очекувајте дека ќе ја постигнете идеалната тежина за краток период. Раководете се од правилото да согорувате повеќе калории отколку што внесувате. Тоа најдобро се постигнува преку регулирање на внесената храна и зголемена физичка активност.

Запомнете, борбата со килограмите е тешка и долга, но победата носи огромно задоволство и поголема самодоверба, па затоа вреди да се потрудите.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 11%
  • 25%
  • 63%
Се испраќа...

(Вкупно: 10612 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.