8 Facebook правила за врските и раскинувањето
Почетна » Љубов и секс » Љубовни врски » 8 Facebook правила за врските и раскинувањето

8 Facebook правила за врските и раскинувањето

Друштвената мрежа Facebook се протна и остана во животите на повеќе од 600 милиони луѓе. Таа стана популарно место за споделување на секакви информации од животот, вклучително и од љубовен план. Љубовни статуси, изјави на љубов, флертување, караници, раскинување – сето ова можете да го најдете ако прошетате низ профилите на вашите пријатели.

Онлајн љубов

Модерниот свет на технологијата и подемот на Facebook го иницираа создавањето на нови непишани правила за врските и раскинувањето онлајн. Еве неколку правила кои треба да ги почитувате за да избегнете да завршите со црвени образи или во краен случај да треба да го завршите својот дигитален живот:

  1. Не брзајте со промената на љубовниот статус. Еден бакнеж не значи дека треба да истрчате дома и веднаш да го промените својот статус на Facebook во „Во врска“. Почекајте! Кога сте сигурни дека вашата врска се движи напред, соопштете им го тоа на вашите пријатели преку промената на љубовниот статус. Ако избрзате, од една страна може да го исплашите вашите партнер. Од друга, ризикувате да треба наредниот ден повторно да го менувате статусот во „Сингл“, а тоа ќе го видат сите.
  2. Не си разменувајте лозинки. Секогаш е лоша идеја да ја знаете лозинката на вашиот партнер или тој да ја знае вашата. Влегувањето во врска не значи дека треба да ја загубите целата своја приватност. „Ѕиркањето“ во профилот на партнерот нема да ви донесе ништо добро, туку само ќе отвори бојно поле.
  3. Не го анализирајте и не го полнете „ѕидот“ на вашиот партнер. Ако и вие сте од Facebook ентузијастите кои голем дел од денот се активни на социјалната мрежа, може да паднете во искушение и да започнете премногу да го анализирате „ѕидот“ на вашиот партнер и коментарите и лајковите кои ги добива, па да започнете со љубоморни сцени. Претераното анализирање може да создаде проблеми од ништо. Затоа, не паѓајте во таа замка. Исто така, не треба премногу да коментирате на „ѕидот“ на вашиот партнер или да ставате лајк на секој негов коментар, особено ако вашата врска е млада. Контролирајте го својот Facebook ентузијазам!
  4. Не ја ставајте секоја минута од вашата врска на Facebook или во превод: „Видете сите колку сме среќни и заљубени“. Двајцата бевте на луд концерт и ставивте онлајн неколку фотографии со краток коментар – тоа е ОК. Двајцата бевте излезени во кафеана, а подоцна на Facebook ставивте минимум 10 фотографии од вас додека јадете, 5 од вашите порции и со 100 коментари го опишавте секој момент од вечерта – тоа НЕ Е ОК. Никој не сака и не треба да знае за што сте разговарале со партнерот или зошто тој повеќе сака похован стек отколку стек на скара. Уште повеќе иритираат коментарите на оние кои во секоја минута од секој ден опишуваат колку го сакаат својот партнер, колку им недостига и колку е неповторлива нивната љубов. Пораките од типот „Те саааааакам нааааајмногу, срце мое. Бац, бац“ влегуваат во категоријата приватни пораки и немаат место на „ѕидовите“. Прескокнете ги и коментарите кои велат „Неволја во рајот“ – никој не сака да ги гледа сите ваши караници. Приватните моменти од вашиот живот зачувајте ги приватни!
  5. Не претерувајте со споделувањето на интимни информации. Во контекст на претходното правило, деталите од вашиот романтичен и сексуален живот не се за на Facebook. Не треба сите пријатели да знаат дека вчера сте имале бурна страсна ноќ со вашиот сакан и дека денес поради тоа не можете да ги држите очите отворени.
  6. Раскинувањето прво треба да се случи офлајн, а потоа онлајн. Иако е мал процентот, сепак постојат луѓе кои им раскинале на своите партнери преку промена на љубовниот статус во „сингл“. Никогаш не ни помислувајте да го направите тоа. Таквата постапка е незрела и детска. Помислете само колку е непријатно да ви се случи тоа вас и некој пријател да ви пише: „Зошто на Х статусот му е сингл? Жал ми е, бевте убав пар“, а во истото време вие да не ни знаете дека всушност сте раскинале. Затоа, прво дајте му до знаење на вашиот партнер дека вашата врска завршила, а потоа, ако сакате, продолжете да ја ширите веста онлајн.
  7. Не „плукајте“ по бившиот, ОСОБЕНО ако постои веројатност да се смирите. Многу луѓе по раскинувањето се чувствуваат подобро ако насекаде каде што одат кажуваат лоши нешта за својот бивш партнер. Во денешно време, таквото „плукање“ се префрли онлајн. Ви се случило ли некој пријател да напише стотици лоши зборови за својот бивш/а, а наредниот ден да ги видите фатени рака за рака? Сигурно не сакате да бидете како нив. Не само што таквото однесување зборува лошо за вас како личност, туку и ги нервира сите ваши пријатели.
  8. Не започнувајте онлајн одмазда. Ве повреди бившиот и сакате да му вратите? Изнервираната жена може да биде вистински ураган и да направи огромна штета, но подобро откажете се од онлајн одмаздата пред да биде предоцна. Можеби по раскинувањето, во моментот на фрустрација, ќе ви биде слатко на душата да поставите фотографија од вашиот партнер што ќе го засрами, да споделите со сите пријатели некоја срамна тајна за него или да му го пробиете профилот и да го претворите во неред. Но, подоцна најверојатно ќе зажалите за таквите постапки. Иако замислената одмазда може да делува привлечно во главата, во реалноста може да ви донесе големи последици. Размислете, ако вие го засрамите, и тој ќе посака да ви врати со иста мера, па пред да трепнете може да влезете во валкана онлајн војна која ќе се одвива пред очите на сите што ги познавате.

Запомнете: кажаниот збор е како фрлен камен. Откако ќе излета од вас не можете да го вратите, ниту да спречите да повреди некого. Истото важи и за Facebook и останатата онлајн комуникација. Откако ќе ставите нешто на интернет, не можете да го повлечете назад. Дури и вие да го избришете, постои голема веројатност некој друг трајно да го зачувал.

Анкета

Анкета
Каде планирате да одите на одмор летово?
  • 39%
  • 16%
  • 25%
  • 20%
Се испраќа...

(Вкупно: 3903 гласа)

Цитат

Некои од најдобрите спомени се создадени во апостолки.

Кели Елмор

Виц

Крем со колкав фактор?

- Со 20.

Доволно ќе ви е?

- Ако згрешам, нека изгорам.