11 правила за првата вечера кај неговите родители
Почетна » Љубов и секс » Љубовни врски » 11 правила за првата вечера кај неговите родители

11 правила за првата вечера кај неговите родители

Првата вечера кај неговите родители може да ви изгледа како застрашувачка авантура, особено ако сте гледале десетици филмови со траги-комични случки на првата средба со родителите.

Пред нас се новогодишните и божиќните празници, па голем број девојки ќе бидат поканети кај родителите на својот партнер. Велат дека никој не добива втора шанса за да остави добар прв впечаток, па ако за првпат сте поканети во неговиот дом, не е на одмет да издвоите малку време за подготовка. Подолу ќе пронајдете неколку правила кои ќе ви помогнат повеќе да уживате во големата вечер и да ја намалите тензијата во воздухот, но и да ги освоите симпатиите на неговите родители.

Жена на вечераНе заборавајте да ја пофалите храната кога сте на вечера кај неговите
  1. Направете мало истражување. Подготовката е клучна. Многу е важно да ги знаете имињата на сите членови на неговото потесно семејство, а особено корисни ќе ви бидат информациите за интересите и хобијата на неговите родители. Така ќе можете лесно да отворате теми на разговор кои се пријатни за двете страни. Исто така, информирајте се дали станува збор за формална вечера со други гости или само интимна вечера за најблиското семејство.
  2. Облечете се пристојно и соодветно за пригодата. Прескокнете ги блузите и кошулите со разголено деколте и кратките сукњи. Неговите родители сакаат да ве запознаат вас, а не вашето тело. Обидете се да дознаете колку специјална ќе биде вечерата. Ако станува збор за вечера на која ќе присуствувате само вие без некој голем повод, нема да утнете ако облечете убава блуза со фармерки или црни панталони. Но, ако вечерата е по повод некој празник или пак ако знаете дека неговите сакаат да седнуваат на маса со многу роднини и во малку посвечена облека, ископајте од вашиот плакар едноставен фустан и дајте му посвечен изглед со убав ѓердан. Не треба да делувате нападно или премногу да се китите со модни додатоци кои најверојатно ќе ви пречат додека вечерате.
  3. Пристигнете навреме. Не е учтиво да доцните, бидејќи тоа може да биде интерпретирано како непочитување. Ако и покрај сите напори кои сте ги вложиле сепак увидите дека ќе доцните половина час, контактирајте ги родителите или директно или преку вашето момче и предвреме извинете се за доцнењето.
  4. Однесете мал подарок. Не треба да се „покажувате“ со купување на прескап подарок, но не треба ниту да се појавите на врата со празни раце. Кога сте поканети на вечера, можете да однесете вино или десерт. Ако поседувате импресивни готварски способности, однесете домашно приготвен десерт и бидете сигурни дека ќе соберете дополнителни поени. Исто така, добар избор на подарок е букет цвеќе за неговата мајка.
  5. Набљудувајте и учете. Можете да научите многу за луѓето само преку набљудување. Не започнувајте со длабоки разговори веднаш штом ќе седнете на маса. Искористете ги првите неколку минути за да ја анализирате средината. Обрнете внимание на начинот на којшто зборуваат присутните, забележете како се однесува вашиот сакан кон своите родители, браќа/сестри, а и тие кон него. Така подобро ќе можете да ги разберете за потоа полесно да се поврзете со нив.
  6. Не ги голтајте комплиментите за храната. Пофалете ја неговата мајка за неверојатната вечера која ја зготвила и за уредувањето на домот. Но, гледајте пофалбите да се однесуваат на нешта кои навистина ви се допаѓаат. Во спротивно, вашите комплименти ќе изгледаат како напумпани лаги.
  7. Не претерувајте со алкохолот. Една до две чаши вино се сосема доволни за се ослободите од тремата, а истовремено да останете присебни. Ако неговите родители настојуваат чашата да не ви стои празна, дозволете им да ја наполнат до половина, а потоа или пијте ја екстремно бавно или оставете ја.
  8. Избегнувајте ги чувствителните теми (политика, религија). Најсигурно е да стоите подалеку од контроверзните теми, колку и да се актуелни тие. Зачувајте го за себе вашето мислење на темите како политика и религија. Дури и да знаете дека неговите родители се симпатизери на иста партија како и вие и вашето семејство, поумно е да ги прескокнете ваквите разговори, бидејќи лесно може да вивне жестока дискусија која непоправливо ќе ја уништи пријатната атмосфера.
  9. Тргнете ги рацете од вашето момче. Неговите родители не треба да видат дека не можете да се одлепите еден од друг. Премногу покажување љубов на маса е забрането. Еден нежен бакнеж на образот може да е во ред, но сè останато може да предизвика останатите да се чувствуваат непријатно.
  10. Не го злоупотребувајте гостопримството. По десертот останете уште половина час за да поразговарате, а потоа заблагодарете се за одличната вечер и заминете си. Не претерувајте со останувањето до доцна.
  11. Најважното за крај: однесувајте се природно. Кога-тогаш неговите родители ќе ве запознаат онакви какви што сте. Нема потреба да глумите нешто што не сте. Ако премногу се обидувате да се претставите совршено, ќе чувствувате уште поголем притисок и нервоза.

Анкета

Анкета
Каде планирате да одите на одмор летово?
  • 39%
  • 16%
  • 26%
  • 20%
Се испраќа...

(Вкупно: 3908 гласа)

Цитат

Некои од најдобрите спомени се создадени во апостолки.

Кели Елмор

Виц

Крем со колкав фактор?

- Со 20.

Доволно ќе ви е?

- Ако згрешам, нека изгорам.