Почетна » Љубов и секс » Љубовни врски » 10 знаци по кои ќе го препознаете маминото синче

10 знаци по кои ќе го препознаете маминото синче

Не постои жена која нема да биде воодушевена од претставник на посилниот пол кој ја сака и почитува својата мајка, затоа што на сите ни е јасно дека таа е првата жена во неговиот живот, па однесувањето кон неа подоцна се рефлектира и во неговиот однос кон другите жени. Но, додека некои мажи негуваат прекрасни односи со својата мајка и на нормален начин ја покажуваат грижата и благодарноста кон неа, мамините синчиња ја ставаат на пиедестал, ја идеализираат и се целосно зависни од неа.

Маминото синче лесно ќе ве шармира со љубезност, учтивост и почит кон понежниот пол, но речиси е невозможно да се искачите на првото место на листата на најважни жени во неговиот живот. Тоа место најверојатно засекогаш ќе биде освоено од неговата мајка.

Мамино синче

Ако следниве знаци се карактеристични за неговото однесување, бидете сигурни дека си имате работа со зависник од мамичка:

  1. Тој пречесто ја цитира мамичка за време на вашите интимни разговори. Дали често започнува со: „Мајка ми секогаш вели...“? Маминото синче нема да ве изненади со романтичен цитат од позната личност. Тој редовно ќе вметнува во вашите разговори мисли и ставови на неговата мајка, затоа што, нели, таа секогаш знае сè.
  2. Нејзиното име преовладува на листата со повици во неговиот телефон. Да, точно е дека мажите кои имаат добра врска со својата мајка имаат повеќе разбирање и почит кон жените. Нема ништо лошо во комуникацијата меѓу мајка и син, но само ако таа е во нормалните граници. Ако вашиот сакан постојано „виси“ на телефон, а од другата страна на линијата најчесто е неговата мајка, тогаш тој сигурно спаѓа во групата мамини синчиња. Мајките на таквите мажи имаат потреба да знаат сè, па најчесто го следат секој нивни чекор. Можеби оваа силна врска мајка-син во почетокот ќе ве освои, но подоцна таа ќе ви стане само пречка и извор на нервоза.
  3. Се разбира, неговата мајка знае детали за вашиот љубовен живот. Врската е сојуз меѓу маж и жена кои споделуваат интимни моменти и имаат свои тајни. Проблем настанува кога во врската ќе се појави и трета страна – мајката. Маминото синче нема тајни пред мамичка, таа знае за секој ваш испад, за секоја кавга, за секој интимен проблем, за секој романтичен гест... Можеби во почетокот нема да почувствувате, но вмешувањето на трета страна бавно ја уништува врската.
  4. Дури и неговата долна облека минува низ нејзините раце. Маминото синче никогаш нема да порасне, а не ни го посакува тоа. Тој секогаш ќе очекува неговата мајка да води грижа за неговите работи и не го мрднува ниту малиот прст кога станува збор за извршување на домашните обврски. Дури ни перењето на долната облека не е дел од неговите задачи. Подгответе се доколку сакате да бидете со ваква личност до крајот на животот, затоа што вие ќе треба да станете идеална замена за вредната рака на мама.
  5. Секогаш ја избира пред вас, застанува на нејзина страна. Мажот кој изградил нераскинлив близок однос со својата мајка никогаш нема да ве стави на прво место. Ако некогаш треба да избере чии чувства ќе повреди, маминото синче несомнено ќе ги избере вашите пред оние на својата мајка, со изговорот „Таа ми е мајка“. Дури и кога знае дека мама греши, тој цврсто ќе стои зад неа без разлика на сè.
  6. Ве споредува со неговата мајка. Дали тој постојано прави споредби меѓу вас двете? Дали често слушате „Мајка ми тоа го готви на различен начин“ или „Мајка ми тоа го пере рачно, а не во машина“? Маминото синче ќе ги споредува сите ваши постапки со оние на мајка му, а ако треба да ги оцени, тие никогаш нема да бидат толку добри колку нејзините.
  7. Нејзината желба е негова заповед. Маминото синче нема да се двоуми дали да ги уништи вашите планови, доколку му е потребен на мамичка. Секоја нејзина желба ќе биде исполнувана со брзина на светлината и никогаш нема да дозволи вие да му застанете на патот.
  8. Избегнува конфликти и справување со тешки ситуации. Маминото синче речиси никогаш нема да ви се спротивстави. Тој се плаши од конфликти и ќе ги избегнува по секоја цена, исто како што ги избегнувал конфронтациите со својата мајка. Кога вие мислите дека се карате, тој изгледа како дете кое направило нешто лошо. Маминото синче цел живот се обидувало да не ја разлути својата мајка. Па, тој веќе свикнал мудро да молчи за време на расправии.
  9. Самостојните одлуки се голем проблем за него. Маж кој има изградено здрав однос со мајка си знае да каже „Не“ на нејзините одлуки и да донесе свои. Ако човекот кој стои покрај вас слепо ги следи „советите“ на мајка си, затоа што мама знае најдобро и нејзиниот збор е закон, за жал, сте налетале на мамино синче. Ваквите личности обично се незрели, никогаш не носеле самостојни одлуки, па за нив, дури и најпростите проблеми не можат да се решат без консултација со мамичка.
  10. И на 30 години живее со мајка си и е финансиски зависен од неа. Маминото синче не брза да порасне, да стане независен и финансиски самостоен иако влегува во возраст на која треба да оформи сопствено семејство. Тој не може ни да замисли да живее одделен од својата мајка или ако живее сам, тоа сигурно е на неколку метри од неа. Ваквите мажи често не работат, затоа што секогаш чекаат некој друг да им најде работа, и тоа не на каква било позиција. Тие секогаш чекаат директорска фотелја каква што според мамичка и заслужуваат.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9499 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.