Џентлмените – загрозен вид?
Почетна » Љубов и секс » Љубовни врски » Џентлмените – загрозен вид?

Џентлмените – загрозен вид?

Секоја жена мечтае да се почувствува како дама – да ѝ ја отворат вратата кога излегува, да ѝ дадат комплимент, да ѝ подадат рака кога слегува, да ѝ го задржат палтото... Таквите гестови несомнено се карактеристики на еден вистински џентлмен. Но, каде се тие внимателни мажи? Дали можеме секојдневно да ги сретнеме на улица или се толкава реткост што се загрозен вид кој тивко изумира?

Сцена од филмот „Ромео и Јулија“Сцена од филмот „Ромео и Јулија“

Старомоден vs. современ џентлмен

Во времето на вистинските старомодни џентлмени жената била почитувана, ценета и возвишувана. Тогаш жената започнувала да се бори за еманципација и еднаквост, но сè уште уживала во внимателните гестови на џентлмените.

Вистинските старомодни џентлмени не го сметале нивното внимателно однесување кон жените како нешто специјално, туку како природно однесување и искажување на почит. Тие биле џентлмени до таков степен што постапките им доаѓале однатре, без да ги прават умислено.

А каква е ситуацијата денес? Ние жените дури и немаме навика да очекуваме некој непознат да ни ја задржи вратата, а кога тоа ќе се случи сме многу изненадени и трогнати. Неретко се случува кога некој ќе направи нешто убаво да прокоментира нешто од типот „гледаш каков џентлмен сум?“. Вистинскиот џентлмен не се фали. Секоја жена ќе го забележи убавиот гест, без некој тоа да ѝ го става пред лице.

Очигледно, денес џентлменството не е модерно. Постојат мажи кои само се прават џентлмени пред жената која сакаат да ја освојат, а зад неа нема ни трага од нивните внимателни постапки. Лажните џентлмени само ја искористуваат желбата на жените да бидат почитувани и ценети.

Кои се карактеристиките на модерниот џентлмен?

  • Редовно кажува благодарам и се интересира за другите, наместо да зборува само за себе. Искрен е и дава комплименти. Шири позитивна енергија и знае да направи луѓето да се чувствуваат специјални.
  • Секогаш е точен. Неточноста до одреден степен значи и арогантност, затоа што на таков начин оној што доцни покажува дека неговото време е поважно од времето на оние кои чекаат.
  • Отвора врата и го задржува палтото, но не само на својата партнерка и жената која има цел да ја освои, туку и на сите други жени. Вистинскиот џентлмен не ги дискриминира жените на основа на привлечноста.
  • Скромен е. Фалбаџиството е лоша карактеристика која создава одбивност.
  • Секогаш е добар партнер. Нема ништо пошармантно од маж кој знае да ја почитува и цени жената што е до него.
  • Изгледа уредно. Без разлика каков стил на облекување има, никогаш не се појавува со непеглани алишта, неуредна брада или фризура.
  • Избегнува постојано да зборува на телефон или да пишува SMS кога е во друштво.
  • Никогаш не ги омаловажува и озборува другите. Зборува со почит и внимава како се изразува.
  • Знае да ја почитува жената на првиот состанок. Плаќањето на сметката не треба да биде знак на финансиска моќ или истакнување, туку на почит и чест. Тоа не значи дека мажите треба секогаш да ги помируваат сметките, но првиот состанок е важен. Ја испраќа својата партнерка до дома и во никој случај не е нападен кон неа сексуално.
  • Вистинскиот џентлмен никогаш не ја малтретира жената физички или психички.

Па, добро размислете и ќе заклучите дека не се многу мажите што ги имаат овие карактеристики, а и дел од оние кои ќе ги ставите во категоријата „џентлмен“ на крајот може да излезат лажговци под маска.

Ако сакате да проверите дали некој маж е достоен да биде наречен џентлмен, погледнете објективно како се однесува кон сите жени, а не само кон вас.

Што ги убива џентлмените?

Ако прифатиме дека џентлменството е доблест и се цени, тогаш зошто изумира? Дали кај нас тоа е поради балканскиот менталитет или дали тоа е поради однесувањето на нас жените?

Една од причините што денешните мажи не сметаат дека е потребно да бидат „кавалери“ е тоа што таквиот начин на однесување не се прифаќа добро во машко друштво. Сигурно многупати сте биле сведоци на изјавите како „папучар“, упатени кон маж кој прави нешто да ѝ угоди на некоја жена. Балканскиот мачо тип не сака неговите пријатели да мислат дека е нежен, внимателен или романтичен, затоа што тие карактеристики се прифатени како слабости.

А сте си помислиле ли некогаш дека можеби борбата на жените за рамноправност со мажите е причина за изумирањето на џентлменството? Во обидите да докажеме дека можеме да застанеме рамо до рамо со мажите, ние се стремиме да покажеме дека сè можеме да направиме сами. Па, неретко се случува ако некој ни подаде рака да ни помогне, ние да ја одбиеме. Дури и некои мажи да се обидат да влезат во улогата на џентлмени, женското ладно однесување може убедливо да ги предомисли. Само неколку мажи ќе се осмелат повторно да посегнат да ја отворат вратата, ако првиот пат кога го направиле тоа за некоја жена таа со кренат нос „заборавила“ да каже благодарам.

Плус тоа, не можеме да кажеме дека не постојат жени кои безглаво се „вљубуваат“ во самобендисани мажи и не бараат тие да се потрудат да ги освојат со добро однесување и почит.

За крај...

Реалноста кажува дека иако џентлмените тивко умираат, сè уште ги има и не треба да дозволиме целосно да исчезнат. Мажите треба да знаат дека колку и независни да сакаме да бидеме, тоа не треба да им е изговор да нè остават сами да си ја отвораме вратата.

А жените? Ние не треба да се помириме дека внимателните мажи исчезнуваат и да се задоволиме со она што ќе дојде. Вистината е дека ако не побараш нешто подобро, нема ни да го добиеш.

Анкета

Анкета
Кога би можеле да изберете со која вакцина за заштита од КОВИД-19 да се вакцинирате, дали тоа би влијаело на вашата одлука за имунизација?
  • 36%
  • 11%
  • 53%
Се испраќа...

(Вкупно: 6791 гласа)

Цитат

Животот секогаш ти нуди втора шанса. Таа се нарекува УТРЕ.

Дилан Томас

Виц

Женскиот проблем „немам што да облечам“ е во изумирање во време на пандемија.

Сега се појави „имам што да облечам, но нема каде да го носам“.