Правила на летната љубовна авантура
Почетна » Љубов и секс » Сингл » Правила на летната љубовна авантура

Правила на летната љубовна авантура

Има нешто во воздухот во текот на летните месеци што ги тера луѓето повеќе да флертуваат и да експериментираат. Времето е топло, дрес кодот е „носете колку што можете помалку облека“ и сите се порелаксирани – совршено време за љубовна авантура.

Летна авантураСите коишто копнеат за забава и романса, а не се во врска, имаат потполно право да уживаат во летна љубовна авантура.

Летната љубовна авантура е одлична за...

  • Сите со статус сингл. Сите кои копнеат за забава и романса, а не се во врска, имаат потполно право да уживаат во летна авантура. Но, ако сте во брак или во сериозна врска, тогаш откажете се од љубовната авантура пред да биде предоцна.
  • Експериментирање. Летните горештини нè прават полиберални и го вадат на површина однесувањето од типот „Зошто да не?“. Дури и никогаш во животот да не сте имале кратка љубовна авантура, летото прави да ја посакате за да пробате нешто ново. А ако веќе сте имале таква, ова лето можеби ќе сакате да ја доживеете на сосема друг начин, можеби да пробате нова тактика на флертување.
  • Зголемување на самодовербата. Летото значи помалку облека и повеќе грижа за изгледот на телото, а тоа ќе направи да се чувствувате попривлечно. Вниманието што ќе го добивате од вашиот избраник ќе направи да се чувствувате уште подобро во својата кожа.

Летната љубовна авантура не е...

  • Долготрајна врска. Не само што не е долготрајна врска, туку воопшто не може да се нарече врска. Ако барате романтичен партнер со којшто ќе го поминете остатокот од животот, летната романса најверојатно не е за вас. Летната авантура најчесто вклучува двајца странци кои не живеат блиску еден до друг. Одржувањето на врска на далечина е многу тешко, особено по само неколку состаноци, па најчесто не успева.
  • Решение на проблемите во врската. Никогаш нема да ги решите проблемите во врската со помош на изневерување, туку можете само да ги влошите.
  • Нешто што може да се повтори. Минатата година бевте на одмор во Грција и запознавте некој интересен? Не се обидувајте и оваа година да се најдете со него на истото место. Обидувајќи се да ја пресоздадете атмосферата со истата личност може да ви донесе разочарување. За една година се случуваат многу нешта.

Правила на летната авантура

Далеку од домот, во опуштена атмосфера, лесно е да се занесете, да направите некоја грешка и да останете со скршено срце. Па, затоа е потребно да ги почитувате правилата за летна љубовна авантура.

  • Летната авантура има рок на траење. Таа може да трае од една вечер до максимум 3 месеци. Пред да започнете со состанувањето, определете си дата на којашто вашата авантура ќе заврши. Тоа може да биде денот кога завршува вашиот летен одмор, последниот ден од вашата работа за преку летото и сл.
  • Не се впуштајте во авантура со пријател или колега. Истражувањата покажале дека луѓето се најсклони да имаат љубовна авантура во текот на летото. На одмор сте со друштво, одненадеж останувате сами со некој ваш пријател и хормоните започнуваат да ви вријат? Или пак колегата од работа ви изгледа попривлечен? Најдобро е да „оладите“. Никогаш не треба да започнувате нешто краткотрајно со некој со кого ќе треба да се гледате во текот на целата година. Тоа ќе ви донесе само непријатни ситуации.
  • Поставете граници. Дајте му до знаење дека барате само забава и осигурете се дека и тој се согласува со тоа. Не се доведувајте во ситуација да треба да измислувате причини зошто да не бидете заедно по завршувањето на летото.
  • Бидете површни. Една од добрите страни на летната авантура е што не треба да навлегувате во сериозни теми и разговори за иднината. Не откривајте премногу детали од својот живот. Ваквите авантури се најинтересни затоа што секогаш присуствува одредена доза на мистерија. Бидете површни во разговорите, не ги мешајте чувствата и едноставно препуштете му се на моментот.
  • Не очекувајте многу. Кога се согласувате да започнете љубовна авантура, треба да знаете дека ниту еден од вас нема обврски кон другиот. Не очекувајте тој да излегува со вашето друштво, да ве покани да се запознаете со родителите и сл. Оваа авантура треба да ви биде само за забава.
  • Заштитете се. Воздржете се од сексуални односи со некој што го познавате само една вечер или неколку дена. Најдобро е летната авантура да не вклучува секс, но ако сепак се решите да бидете поинтимни, практикувајте безбеден секс.
  • Научете се како да објавите крај. Кога рокот на траење на летната авантура ќе истече, потребно е официјално да ѝ ставите крај. Тоа значи нема разменување на e-mail, нема комуницирање преку Facebook и сл. Кажете му дека си поминавте убаво и не спомнувајте ништо за продолжување на контактите.

Летната љубовна романса е краткотрајна авантура што ќе ви донесе долготрајни спомени. Забавувајте се и поставете си ваши правила кон кои ќе се придржувате.

Анкета

Анкета
Каде планирате да одите на одмор летово?
  • 39%
  • 16%
  • 26%
  • 20%
Се испраќа...

(Вкупно: 3967 гласа)

Цитат

Некои од најдобрите спомени се создадени во апостолки.

Кели Елмор

Виц

Крем со колкав фактор?

- Со 20.

Доволно ќе ви е?

- Ако згрешам, нека изгорам.