Пролетен тренд – цветен дезен
Почетна » Убавина и мода » Мода » Пролетен тренд – цветен дезен

Пролетен тренд – цветен дезен

Топлото време и силното сонце ја убиваат зимската магија на црната и сивата боја и нè поттикнуваат да се насочиме кон нешто повесело, посветло, поинтересно – цветните дезени и светлите бои. А ние жените веднаш ја прифаќаме таа сугестија, затоа што цветните дезени се забавни, женствени и совршени за топлите месеци.

Облеката и модните додатоци со цветни дезени не се нов моден тренд. Секоја година присуствуваат во колекциите на дизајнерите за сезоната пролет/лето и најдоброто е тоа што не се наменети само за тинејџерки, туку можат да се носат од сите жени, без разлика на возраста или пак формата на телото.

Но, цветните дезени не се едноставни за комбинирање. Ако се добро искомбинирани можат да му дадат многу стил на вашиот изглед, но лесно можат и да придонесат за креирање на модна катастрофа.

Облека и додатоци со цветни дезениАко се добро искомбинирани, цветните дезени можат да му дадат многу стил на вашиот изглед, но лесно можат и да придонесат за креирање на модна катастрофа.

Еве неколку основни правила со чија помош ќе можете лесно да го вклопите овој пролетен тренд во вашето секојдневие:

  • Сообразете го дезенот со формата на телото. Многу жени не се осмелуваат да носат цветна облека само поради тоа што сметаат дека имаат неколку килограми плус или пак дека немаат убава форма. Навистина, цветните дезени често не се голем пријател на изгледот на женското тело, но можат да бидат ако знаете како да ги искористите.
    • Ако сте ниски или слаби, не носете облека со големи цветови. Тие ќе направат да изгледате смешно и визуелно ќе направат да изгледате помали. Избирајте дезени со мали цветови.
    • Ако сте високи или пополнички, големите цветови се вистинскиот избор, затоа што дезените со мали цветови ќе направат да изгледате поголеми.
  • Цветните дезени служат за акцентирање. Цветните дезени привлекуваат внимание. Затоа, искористете ги за да ги акцентирате омилените делови од вашето тело и соодветно да ги прикриете недостатоците. Ако имате фигура тип „круша“, т.е. ако имате широки бутови, а тенка половина и тесни рамена, тогаш носете цветна блуза и потемно еднобојно здолниште.
  • Изберете соодветен модел и материјал. Топлите денови бараат избор на лесни материјали. Ако имате неколку килограми плус, изберете облека изработена од тенок материјал кој нема да стои припоен за вас. Тесната цветна облека треба да ја избираат само оние кои имаат убава фигура, затоа што лесно може визуелно да додаде неколку килограми. Памучната цветна облека е идеална за секојдневен лежерен изглед, а свилената за вечерно излегување. Наборите се особено модерни оваа сезона, па цветните фустани со набори можат да ве стават во центарот на вниманието.
  • Избегнувајте комбинирање на повеќе цветни дезени. Сите модни експерти советуваат да се избегнува комбинирање на повеќе цветни шарки. Многу ретко може да се најде одлична комбинација. Ако не сте сигурни дали сте успеале да направите добар избор, најдобро е да се откажете од идејата за комбинирање на различни цветни дезени.
Комбинација со цветна блуза Комбинација со цветна сукња
Комбинација со цветен фустан Комбинација со цветна блуза

Што да комбинирате со...

Цветен фустан. Фустанот со цветен дезен значи дека сте облечени цветно од глава до петици. Затоа треба внимателно да избирате со што ќе го комбинирате. Најдобро е да изберете еднобојно сако или болеро, за да балансирате. Бојата на сакото или болерото усогласете ја со бојата на чевлите. Обувките и чантата исто така најдобро е да бидат еднобојни. Модните додатоци да не бидат нападни.

Цветна сукња. Најдобро е да избeрeте мини сукња. Комбинирајте ја со едноставна блуза без многу детали. За да „играте“ безбедно, изберете еднобојна блуза. Бојата на блузата се препорачува да биде една од боите кои ги има на сукњата. Во никој случај не избирајте чевли со цветен дезен, затоа што голема е веројатноста да претерате.

Цветна блуза. Широка долга блуза од тенок скоро проѕирен материјал со цветен дезен стои одлично во комбинација со фармерки. Во овој случај можете да се насочите и кон шарени обувки. Не претерувајте со шарени ланчиња или белегзии. Носете цветна блуза ако сакате да го истакнете деколтето или тенката половина.

Цветни панталони. Особено тренди се кратките панталончиња. Комбинирајте ги цветните кратки панталони со едноставна еднобојна маичка и шарени модни додатоци.

Цветни хеланки. Кога станува збор за цветни хеланки или пак хулахопки, треба да бидете повнимателни. Еднобојни обувки и фустан се идеална комбинација. Светлите нежни бои ќе придонесат да го вратите балансот во вашиот стил.

Цветни додатоци. Цветните модни додатоци се задолжителни оваа сезона. Ако ја сакате цветната мода, но не сте доволно храбри да ја воведете целосно, модните додатоци ќе ви помогнат да внесете свежина и боја во вашиот изглед. Не претерувајте со цветни модни додатоци ако веќе носите облека со цветни дезени.

За крај...

Експертите сметаат дека во периоди на финансиска криза цветните дезени и силните бои се попопуларни затоа што влијаат на расположението на позитивен начин. Криза или не, не пропуштајте го овој тренд и внесете женственост, свежина и романтичност во вашиот секојдневен стил на облекување.

Анкета

Анкета
Каде планирате да одите на одмор летово?
  • 40%
  • 14%
  • 25%
  • 21%
Се испраќа...

(Вкупно: 9729 гласа)

Цитат

Некои од најдобрите спомени се создадени во апостолки.

Кели Елмор

Виц

Крем со колкав фактор?

- Со 20.

Доволно ќе ви е?

- Ако згрешам, нека изгорам.