Модни трендови – пролет 2010
Почетна » Убавина и мода » Мода » Модни трендови – пролет 2010

Модни трендови – пролет 2010

Неутрални и пастелни боиДолна облека во улога на горнаВојнички стилКласичен мантил во крем бојаВо џинс од глава до петициВалкано златноАфрикански стилСукњи со А-линијаКомбинезониУлтра кратки панталони

Неутрални и пастелни бои

За сезоната пролет најактуелни се неутралните и пастелните бои – бледо розова, сина, жолта, крем, беж, златна. Белата е неизбежна. Доколку сакате да внесете повеќе свежа боја во вашата облека, нема да погрешите ако ја изберете портокаловата.

Светло розовата или месо боја е апсолутен хит оваа пролет. Експертите дури и ја нарекуваат „новата црна“. Иако тешко е дека навистина ќе ја замени црната боја, веројатно е дека ќе биде многу популарна како во пролетните, така и во летните денови.

Ако сакате да ги следите трендовите, тогаш не заборавајте да се почестите со сако во месо боја. Одлично можете да го комбинирате и со потемни и со посветли бои. Доколку е направено од понежен материјал, можете да го носите во комбинација со фустан, за елегантен и романтичен изглед.

Долна облека во улога на горна

Овој тренд е за малку посмелите, а колку ќе го применувате – зависи од вашата храброст. Модните колекции на различни дизајнери за сезоната пролет/лето 2010 ја истакнаа долната облека како дел од целосниот изглед.

Доколку не сакате да изгледате премногу разголено, можете да изберете блузи или фустани со детали од тантела или чипка.

Во секој случај избегнувајте црно и црвено. Изберете неутрални и пастелни бои – бела, млечно розова, крем. Одгоре покријте се со џемперче со ситна плетка или убаво сако.

Војнички стил

Оваа пролет заборавете на кожните јакни и додајте во вашата гардероба јакна во војнички стил. Војничкиот стил е особено актуелен.

Изберете јакна која ќе има женствени детали – интересни копчиња, синџирчиња, дури и кристали. Комбинирајте ја со ултра тесни панталони.

Класичен мантил во крем боја

Класичниот мантил го проби својот пат и до пролетната сезона. Мантилите во златна, крем или песочна боја се задолжителни. Убавото е што оваа сезона актуелни се во различни должини – куси и долги, со или без ракави. Најновиот хит се мантилите-фустани, т.е. фустаните со изглед на мантил, популаризирани од марката Burberry.

Ако се решите да го следите овој тренд, купете си потесен мантил и носете го со тенок ремен во контрастна боја.

Во џинс од глава до петици

Фармерките никогаш нема да излезат од мода. Најмодерниот начин да носите џинс оваа пролет е да се облечете во овој материјал од глава до петици.

Можете и горе и долу да носите џинс со иста текстура или да направите поинтересна комбинација со различен тип на џинс.

Валкано-златна боја

Збогатете го вашиот изглед со белегзии и обетки во валкано-златна боја. Облеката во гладијаторски стил најдобро се комбинира со метален накит во оваа боја. Не користете накит во блескава златна боја и заборавете на среброто, а насочете се кон бронзата.

Нема да погрешите ако за вечерно излегување изберете кратко фустанче во валкано-златна боја.

Оваа боја најдобро стои на потемен тен, па ако сте во можност искористете продукти за потемнување на кожата.

Африкански стил

Африканскиот стил присуствуваше во многу колекции за претстојната сезона. Кога велиме африкански, мислиме и на облека во сафари стил и на облека со животински шари (тигарска, леопардска).

Бидете внимателни со комбинирањето на шарите и боите. Не користете две шари со нескладни бои или со многу различна големина на шарите.

Сукњи со А-линија

Сега и оние со малку повеќе килограми ќе можат да го следат трендот за кратки сукњи, затоа што оваа пролет се актуелни сукњите со А-линија.

Добрата страна на овој тип на сукњи е што го истакнуваат струкот, а го прикриваат салцето на колковите.

Комбинезони

Комбинезоните се вратија на модните писти како дел од колекциите за претстојната сезона. Актуелни ќе бидат во различни варијанти – тесни и широки, од џинс или од поелегантни материјали.

Поотворените модели комбинирајте ги со маичка или обична кошула.

Ултра кратки панталони

Модните трендови насочуваат кон повеќе разголување за сезоната што доаѓа. Кратките панталони ги освоија модните подиуми, а сега се вклучуваат и во модата на улица.

Особено актуелни се ултра кратките широки панталони. Сè уште доминира високиот струк.

Анкета

Анкета
Каде планирате да одите на одмор летово?
  • 40%
  • 14%
  • 25%
  • 21%
Се испраќа...

(Вкупно: 9729 гласа)

Цитат

Некои од најдобрите спомени се создадени во апостолки.

Кели Елмор

Виц

Крем со колкав фактор?

- Со 20.

Доволно ќе ви е?

- Ако згрешам, нека изгорам.