Почетна » Убавина и мода » Мода » Модни икони: Мерилин Монро

Модни икони: Мерилин Монро

Филмска икона и холивудска секс божица со заводливи облини, руси локни и драматични црвени усни – Мерилин Монро е убавицата која со децении е возвишувана поради сензуалниот изглед.

Создавајќи масовно копиран препознатлив изглед, русокосата ѕвезда до ден денес има силно влијание во филмската и модната индустрија. Зацементиран во поп културата, класичниот и уникатен „Монро стил“ континуирано инспирира и фасцинира.

Мерилин Монро
Мерилин Монро Мерилин Монро Мерилин Монро Мерилин Монро Мерилин Монро Мерилин Монро Мерилин Монро Мерилин Монро Мерилин Монро
Мерилин Монро Мерилин Монро

Најпознатата русокоса на сите времиња е родена како Норма Џин Мортенсен на 1 јуни 1926 година во Лос Анџелес. Напуштена од својот татко, малата Норма живее извесно време со својата ментално нестабилна мајка, но подоцна детството го минува во различни згрижувачки семејства и домови за деца без родители. На 16-годишна возраст стапува во брак со Џејмс Доерти со цел да го избегне понатамошниот престој во сиропиталишта, но тој брак не трае долго.

Додека нејзиниот сопруг е на служба во морнарицата на Пацификот, младата Норма се вработува во фабрика, каде прска авиони и прегледува падобрани. Токму на ова работно место таа сосема случајно започнува кариера на модел. Фотограф кој има задача да направи фотографии за подигнување на моралот на војниците ја фотографира Норма за списанието „Yank“ и ја охрабрува да потпише договор со агенција за модели. На популарната фотографија Норма е бринета, но откако дознава дека повеќе барани се моделите со светла коса, таа станува русокоса.

Мерилин МонроМерилин за „Yank“

Успешната кариера како модел и појавувањето на бројни корици на списанија ѝ помагаат на Норма да го привлече вниманието на филмското студио „20th Century Fox“, кое ја лансира во светот на филмот. Токму пред да ги направи првите чекори во Холивуд, Норма го менува своето име во Мерилин Монро.

Мерилин Монро Мерилин Монро

Благодарение на филмовите „The Asphalt Jungle“ и „All About Eve“, Мерилин станува видлива на филмската мапа и во годините што следуваат добива улоги во комерцијално успешни филмови како „Don't Bother to Knock“ (1952), „Gentlemen Prefer Blondes“ (1953), „How to Marry a Millionaire“ (1953) и „The Seven Year Itch“ (1955). Филмот „Some Like It Hot“ ѝ носи Златен глобус. Последниот филм во кратката кариера на Монро е „The Misfits“ (1961).

Хипнотизирачката безвременска убавина и беспрекорниот стил на Монро шармираат милиони фанови низ целиот свет и таа станува стилска икона која дефинира бјути стандарди. Харизматичната актерка со флетувачки поглед го популаризира смелиот црвен кармин, ја прави кратката фризура со кадрици посакувана и секси, а насмевката – задолжителен детаљ при излегување од домот. Нејзината бемка на левата страна од образот, формирајќи скоро совршен триаголник со усните и носот, станува препознатлив белег имитиран од страна на многумина.

Мерилин Монро

Вешто истакнувајќи ја својата фигура на песочен часовник, Монро преку облеката ја потенцира заводливоста на женствените облини. Неколку модни моменти ѝ го зацврстуваат статусот на модна икона.

Мерилин Монро

Заедно со името Мерилин Монро во главата на секој нејзин обожавател се појавува култната сцена со белиот фустан кој подигнат од воздушното струење на вентилацијата минимално ја отскрива долната облека на големата ѕвезда. Популарниот фустан, кој Мерилин го носи во филмот „The Seven Year Itch“, е еден од најпрепознатливите фустани на сите времиња. Плисираниот фустан со А-линија, длабоко деколте и врзување околу вратот, кој е креација на Вилијам Травила, е продаден во 2011 година за 4,6 милиони долари.

Мерилин Монро Мерилин Монро

Вториот најпознат фустан на Монро е долгиот фустан во кој славната актерка му ја испеа „Happy Birthday, Mr. President“ на Џон Кенеди во 1962 година. Фустанот со 2.500 блескави камења, кој е креација на Жан Луј, е продаден во 1999 година за повеќе од милион долари. Токму таа роденденска серенада ги распламти гласините дека Монро има афера со претседателот. Нејзиниот изглед на свечената вечер го запечатува нејзиниот статус на секс симбол.

Мерилин Монро

Незаборавен е и златниот фустан со остро V-деколте кој Монро го носи за серија колоритни портрети. И овој плисиран гламурозен фустан е креација на Вилијам Травила.

Мерилин Монро

Четвртиот најпознат аутфит на Мерилин е фустанот во циклама боја од филмот „Gentlemen Prefer Blondes“, во кој таа славно пее дека дијамантите се најдобриот пријател на девојките. Сатенскиот фустан на Вилијам Травила, кој е инспирација за спотот на Мадона за хитот „Material Girl“, е продаден во 2010 година за 310.000 долари.

Мерилин Монро Мерилин Монро

Холивудскиот гламур Монро го доловува преку женствени материјали како свила, крзно и кашмир, го преферира срцевидното деколте и фустаните без прерамки, а за едноставен лежерен изглед посега по куси џемперчиња и наметки, панталони со висок струк и облека со точкест принт.

Мерилин Монро Мерилин Монро Мерилин Монро

Емилио Пучи е нејзиниот фаворизиран моден дизајнер, додека Салваторе Ферагамо е нејзиниот омилен дизајнер на чевли.

Како страсна обожавателка на пишаниот збор, Мерилин поседува богата колекција од 400 книги и често е фотографирана со книга во рацете.

Мерилин Монро

Последните години од животот на големата ѕвезда се затемнети од болести и лични проблеми и ѝ носат репутација на проблематична актерка со која е тешко да се соработува. Нејзиниот живот згаснува прерано. На 36-годишна возраст Мерилин е пронајдена мртва во нејзиниот дом во Лос Анџелес. Мистериозната и неочекувана смрт се верува дека е резултат на самоубиство, иако многумина се убедени дека станува збор за убиство поврзано со Џон и Роберт Кенеди. Мерилин е погребана во зелен фустан од Емилио Пучи.

Легендарната актерка, која од пин-ап бринета се претвори во сексапилна русокоса божица од екраните, останува ултимативна икона на поп културата и половина век по нејзината смрт.

Мерилин Монро Мерилин Монро Мерилин Монро Мерилин Монро Мерилин Монро Мерилин Монро Мерилин Монро Мерилин Монро Мерилин Монро Мерилин Монро Мерилин МонроМерилин од Енди Ворхол

„Холивуд е место каде ти плаќаат илјадници долари за бакнеж и 50 центи за твојата душа.“

„Успехот предизвикува многу луѓе да те мразат. Посакувам да не беше така. Би било прекрасно да уживаш во успехот без да гледаш завист во очите на луѓето околу тебе.“

„Не знам кој ги измисли високите потпетици, но сите жени му должат многу.“

„Паметна девојка бакнува, но не љуби, слуша, но не верува и заминува пред да биде напуштена.“

„Подобро е да бидеш несреќен сам, отколку несреќен со некого.“

„Примерните жени ретко влегуваат во историјата.“

„Дајте ѝ ги на девојка вистинските чевли и таа ќе може да го освои светот.“

„Облеката треба да ви биде доволно тесна за да покажете дека сте жена, но доволно лабава за да покажете дека сте дама.“

„Јас сум себична, нетрпелива и малку несигурна. Правам грешки, губам контрола и понекогаш тешко е да се справиш со мене. Но, ако не можеш да ме поднесеш кога сум во најлошо светло, тогаш не ме заслужуваш кога сум во најдобро.“

„Јас сум добра, но не сум ангел. Грешам, но не сум ѓаволот. Јас сум само мала девојка во голем свет која се обидува да најде некој што ќе го сака.“

„Актерката не е машина, но те третираат како машина. Машина за пари.“

„Подобро е да бидеш мразена за тоа што си, отколку да бидеш сакана за тоа што не си.“

„Не ми смета да живеам во машки свет, сè додека можам да бидам жена во него.“

„Ако сум ѕвезда, тогаш луѓето ме направија ѕвезда.“

Мерилин Монро

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9505 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.